„Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.“ (Иван 15,3)
По последната вечера со апостолите, Исус доаѓа од Сионската гораца и поаѓа кон Маслиновата Гора. Со него се единаесетмината. Јуда Искариотски веќе заминал и наскоро ќе го издаде.
Тоа е драматичен и свечен момент. Исус го одржува вториот проштален говор, со желба на своите ученици да им даде значајни упатства, да им ги предаде зборовите кои не смеат да ги заборават.
Неговите апостоли Евреи го познаваат Светото Писмо, па тој ги потсетува на една многу блиска слика за нив: билка на винова лоза. Таа во светите текстови го претставува Еврејскиот народ кој ја ужива особената грижа од Бога, нејзиниот грижлив и стручен земјоделец. Тука Исус говори за себе како за лоза која на неговите ученици ја пренесува животната сила на љубовта на Отецот. Затоа тие пред сѐ мораат да се погрижат да останат соединети со него.
„Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.“
Еден од начините да останеме соединети со Исус е прифаќањето на Неговото Слово. Тоа му овозможува на Бог да влезе во нашето срце и да го направи чисто, исчистено од себичност, прикладно да донесува обилни и квалитетни плодови.
Отецот нѐ љуби и знае подобро од нас што нѐ прави лесни, слободни да чекориме без тежината на нашите врзаности, негативните ставови, вознемиреното барање на сопствената корист, илузиите дека можеме сѐ и секого да држиме под контрола. Во нашето срце има и позитивни тежнеења и планови. Но тие би можеле да го заземат Божјото место губејќи го великодушниот зафат на евангелсикот живот. Затоа Тој интервенира во нашите животи низ околности, дозволувајќи и болни искуства позади кои секогаш стои Неговиот поглед полн со љубов.
На оние кои ќе дозволат Божјата љубов во нив да го отстрани она што е непотребно, Евангелието ветува вкусен плод, а тоа е полнотата на радоста. Таа посебна радост цвета дури и меѓу солзите и се прелева од срцето, преплавувајќи ја околната земја. Тоа е мал предвкус на воскресението.
„Вие сте веќе чисти преку словото, што сум ви го проповедал.“
Живееното Слово ни дава да излеземе самите од себе за да можеме со љубов да се среќаваме со браќата, почнувајќи од најблиските: во нашите градови, во семејствата, во секое животно опкружување. Тоа пријателство станува мрежа на позитивни односи со цел остварување на заповедите на взаемната љубов со која се гради братството.
Размислувајжи за таа реченица од Ивановото евангелие, Кјара Лубик напишала: „На кој начин да живееме за и ние да ја заслужиме Исусовата пофалба? Спроведувајќи го во пракса секое Божјо слово, хранејќи се со него од момент во момент, правејќи го нашиот живот дело на постојана реевангелизација. Така ќе ги придобиеме Исусовите мисли и чувства, за да можеме да ја повториме Неговата присутност во светот, за да можеме на општеството кое е често заплеткано во злото и гревот, да му ја покажеме божествена чистота, транспаретност која ни е дарувана од евангелието.
Во текот на овој месец, ако тоа е возможно (т.е. ако и другите ги споделуваат нашите намери), да се обидеме на посебен начин во пракса да ја спроведеме онаа реченица која ја изразува заповедта на взаемната љубов. Навистина, за евангелистот Иван постои силна врска меѓу Христовите зборови и новите заповеди. Според неговото мислење, во взаемната љубов се живее Словото со нејзините ефекти на прочистување, светост, беспрекорност, плодови, близина со Бог. Изолираниот поединец не може долго да им одолева на потткнувањата на светот, додека во взаемната љубов наоѓа здраво опкружување кое може да го заштити неговиот автентичен христијански живот.“[1]
Летиција Магри
[1] К. Лубик, Слово за живот за мај 1982