„Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.“ (Јеремија 31,3)
На израелскиот народ Бог му го прати пророкот Јеремија додека поминувал низ болното искуство на прогонство во вавилонската земја, губејќи сé што го претставувало неговиот идентитет и неговиот избор: земјата, храмот, законот…
Зборот на пророкот ја пробива таа прекривка од болка и загуба. Вистина е, Израел се покажал неверен во сојузот на љубовта со Бога, предавајќи се на уништувањето, но еве навестување на новото ветување на слободата, спасението, обновениот сојуз кој Бог, во својата вечна и никогаш отповикана љубов, го подготвува својот народ.
„Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.“
Вечната и неотповиклива димензија на верноста на Бог е квалитетот на Неговата љубов. Тој е Татко на секое човечко суштество, Татко кој прв љуби и се зазема засекогаш. Неговата верност го допира секого од нас и ни овозможува нему да му ја префрлиме секоја загриженост која би можела да нé спречи. Токму преку таа вечна и трпелива Љубов и ние можеме да растеме и да се подобруваме во односот со Него и со ближните. Целосно сме свесни дека не сме уште толку постојани во нашата ангажираност, иако вистински го љубиме Бога и браќата, но Неговата верност кон нас е бесплатна, и ни оди во пресрет независно на нашето дело. Со таа радосна сигурност можеме да се издигнеме од нашиот ограничен поглед, секој ден од почеток да трнеме на пат и така ние да станеме сведоци на таа мајчинска нежност.
„Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.“
Од тој Божји поглед на човештвото произлегува и величествениот наум на братството, кој во Исус целосно ќе се исполни. Имено, Тој ја посведочил својата доверба во љубовта Божја со зборови, а пред сé со пример од целиот свој живот.
Ни отвори пат за наследување на Отецот во љубов кон сите (Матеј 5, 43) и ни објави дека повикот на секој маж и жена е да придонесе за изградба на однос на прифаќање и дијалог во своето опкружување.
Како ќе го живееме Словото за живот за овој месец?
Кјара Лубик нé повикува да имаме мајчинско срце: […] Мајката секогаш прифаќа, секогаш помага, секогаш се надева, сé покрива. […] Љубовта на мајката е многу слична на Христовата љубов за која говори апостол Павле. Ако имаме срце на мајка или, уште појасно, ако одлучиме да имаме срце на мајка во највисоката смисла – како Марија, ќе бидеме секогаш подготвени да ги љубиме другите во сите околности и така да го одржуваме жив Воскреснатиот во нас. […] Ако го имаме срцето на таа Мајка, ќе ги љубиме сите: не само членовите на нашата црква, туку и членовите на другите цркви. Не само христијаните, туку и муслиманите, будистите, хиндуистите итн. И луѓето со добра волја! И секој човек кој живее на земјата! […]”
„Со вечна љубов те засакав и затоа пристапив кон тебе со милост.“
Млада сопруга која во семејството започнала да го живее евангелието раскажува: „Како никогаш до тогаш доживеав радост и желба таа љубов да ја излеам надвор од ѕидовите на нашата куќа. На пример, се сеќавам кога дотрчав во болница кај жената на колегата, која се обиде да изврши самоубиство. Веќе некое време знаев дека имаат тешкотии, но бев обземена со своите проблеми и не се погрижив да ѝ помогнам. Ја чувствував нејзината болка како моја и себе си не си дадов мир додека не се реши ситуацијата која ја поттикнала на таков чекор. Тој настан за мене беше почеток за промена на менталитетот. Ми даде можност да разберам дека кога љубам, можам да бидам одраз на Божјата љубов за секој кој минува покрај мене, дури и многу мал.“ А што би било кога ние, поддржани од верната љубов Божја, слободно би се зазеле за тој внатрешен став пред секоја личност која ќе ја сретнеме во текот на денот?
Летиција Магри