Од светото Евангелие според Лука (16, 19-31)
19. Еден човек беше богат и се облекуваше во порфир и свила, и секој ден живееше раскошно и се веселеше. 20. Имаше исто така, и еден сиромав, по име Лазар, кој струплив лежеше пред вратата негова; 21. и сакаше да се нахрани со трошките што паѓаа од трпезата на богатиот; и кучињата доаѓаа и ги лижеа раните негови. 22. Умре сиромавиот и ангелите го однесоа во крилото Авраамово; умре и богатиот и го погребаа. 23. И во пеколот, кога беше во маки, ги подигна очите свои и го виде оддалеку Авраама и Лазара во крилото негово, 24. и, откако извика, рече: »Оче Аврааме, смилуј се на мене и прати го Лазара да го накваси својот прст во вода и да ми го разлади јазикот, оти многу страдам во овој пламен!« 25. Но Авраам рече: »Синко, сети се, дека ти си го добил своето добро уште додека беше жив, а Лазар злото; сега, пак, тој се утешува, а ти страдаш. 26. Освен тоа, меѓу вас и нас постои голема провалија така што оние, кои би сакале да дојдат при вас, не можат; а исто така и оние оттаму – при нас.« 27. А тој пак рече: »Тогаш те молам, оче, прати го во татковата ми куќа, 28. зашто имам петмина браќа, та да им посведочи, за да не дојдат и тие во ова место на маките!« 29. Авраам му рече: »Тие го имаат Мојсеја и Пророците; нив нека ги слушаат!« 30. А тој рече: »Не, оче Аврааме, туку, ако некој од мртвите отиде при нив, тогаш ќе се покајат.« 31. Авраам му рече: »Штом Мојсеја и Пророците не ги слушаат, тогаш и да воскресне некој од мртвите, тие нема да му поверуваат.«“
********************
Прашањето за Бог, како и за молитвата упатена до Бог, најчесто се појавуваат во состојба на човечка беда, кога животите се скршени, кога има болест, угнетување, сиромаштво, предавство, напуштеност, очај и тешка и неиздржлива омраза. Болката знаеме станува поголема во искуство на напуштеност и молчење, кога изгледа дека никој не е чувствителен за нашата мака. Уште повеќе изгледа дека и Божјото уво е нечувствително, мислиме дека нѐ оставил и не може да ни помогне. Во болните моменти искушенијата не се реткост. Овие моменти ги искусуваат различни луѓе, „големи“ и „мали“, пред сѐ во состојба на изненадна болка и несреќа. Го погодуваат секого и на тенок лед ги донесуваат поминатите животни искуства и ставови. Болката знае толку да го преплави човекот, што и повеќе не се надева на човечност. Затоа не е чудно што заради страдањето се раѓа безбожништво како последица на огорчување на Бог, со кој се сака да се раскине секој однос или човекот тивко ќе се препуште на рамнодушноста. Таквите состојби го зголемуваат чувството за бесмисла, загуба на тлото под нозете, но и длабока животна празнина. Милосен дар е кога во таквите моменти се чувствува доверба во Бог и се искусува нечујниот глас на Божјата близина која среде тешкотиите се храни од довербата во смислата за добрина од верата во Бог.
Преку наведените мисли доаѓаме до познатата Исусова приказна од перото на свети Лука за нечувствителноста на богатиот (Лк 16, 19-31). Приказната не ги решава горенаведените искушенија, но нѐ соочува со поинаков поглед за сфаќање на успешен, среќен и квалитетен живот. На сцена стапуваат безимениот богаташ и сиромавиот Лазар. Приказната не би ја имала својата полнота кога би занемариле дека надвор од неа се случува друга приказна – фарисеите. На нив Исус ја упатува параболата, која мора да ја растересе нивната суета и безгрижност. Со импресивни слики се опишува состојбата во која живеат богатиот и сиромавиот Лазар. Како во филмска сцена опишано е однесувањето на богатиот и неговата преокупираност со самиот себе.
Сцената се случува од едната и од другата страна на куќниот праг. Надвор од неговата куќа постои суровата реалност, но тој не ја забележува. Погледот на богатиот е одреден од себичноста која извира од неговото срце. Пред вратата на домот на богатиот, лежи Лазар. Неговите очекувања се свртени кон трошките од трпезата на богатиот. Му приоѓаат кучињата и му ги лижат раните. Така приказната е крајно изострена со сликата за животните, која ги покажува човечките особини. Доволно е да се воочи дека богатиот нема име. Што сака тоа да каже? Неговиот идентитет е одреден од богатството и неговиот однос кон богатството. Се наоѓа во привилегирана состојба, но сам. Во центарот се тој и неговите потреби. Храната и облеката ја покажуваат неговата преокупираност со самиот себе. Но сето тоа трае сѐ додека трае. Ниту богатата трпеза, ниту царската облека не го менуваат основниот фактор, гробот. И богатиот и Лазар умираат. Кога богатиот умира, стигнува таму каде што веќе одамна се упатил – во пеколот. Во пеколот не може да ги користи своите привилегии. Во пеколот се „гости“ од последиците на неодговорното однесување кон човечките потреби и суровоста на бесчувствителното срце.
Ниту во пеколот не добива име. Единствено го гледа Лазар во крилото на Авраам. Сцена која морала да ги вознемири фарисеите. (…)
Штом срцето не ни подготвено за дарежливост, за забележување на луѓето во болни состојби, настапуваат пеколни бездни меѓу луѓето, па и во општествената заедница. Имено, „местото на маката“ ќе покаже дека богатиот и понатаму се грижи само за себе, односно за членовите на своето семејство. Пеколот веќе бил во него. Затоа е интересен ставот на богатиот пред Авраам. За да се преобратат неговите браќа предлага средба со мртвите. Предлогот на богатиот за чудесното доаѓање на мртвите меѓу живите нема да ги доведе до верата, бидејќи со себичноста веќе сега покажува дека не верува во живото Слово Божјо. Меѓу останатото, од пеколот, односно од фокусираноста на самиот себе не може да ја виде вистината. Пеколот не е место од каде што се гледа што е најдобро за луѓето. Заслепеноста со самиот себе раѓа промашено однесување кон луѓето.
Верата во Бог мора да има свои последици, а таа е добрината во чекорите за грижа за светот во кој живееме и луѓето во него. Без живеење на добрината на верата, станува темница на душата.
Богатството само по себе не е зло, но не е доволно. Богатиот имал сѐ во изобилство, но во него тлеела внатрешна глад за самиот себе. Така параболата нуди порака која може во секое време да се живее. Вистинското изобилство и вистинскиот квалитет на животот на секој поединец во човечката заедница се остварува со споделување, а не со себичност, односно среќата не се остварува без другите. Од тука и потребата христијаните, нахранети со Исусовиот пример, бараат патишта кои ќе помогнат што поголем број луѓе да можат да живеат живот достоен за човек. Акцентот не е на штедливоста и откажувањето, туку на богатството на срцето кое придвижува на делување, дарување и делење. Не е работата во тоа некому да се даваат трошки, туку и тој да учествува на трпезата Божја.
дон Ивица Халјев/Вера и дела/к.мк