Слово Божјо за денес: Откриј ја вредноста на животот

Слово Божјо за денес: Откриј ја вредноста на животот

Од Светото Евангелие според Лука (12, 13-15, 22-31)

13. Некој од народот Му рече: „Учителе, кажи му на мојот брат да го раздели со мене наследството!” 14. А Он му рече: „Човеку, кој Ме постави да ви судам или да ве делам?” 15. Потоа им кажа: „Гледајте и пазете се од лакомство, оти животот на човека не зависи од изобилието на неговиот имот.” 22. И им рече на учениците Свои: „Затоа ви велам: не грижете се за душата своја, што ќе јадете, ниту за телото свое, што ќе облечете. 23. Зашто, душата е многу поскапа од храната, и телото – од облеклото. 24. Погледајте ги гавраните како ни сеат, ни жнеат; тие немаат скривници, ниту житници и Бог ги храни; а колку сте поскапи вие од птиците? 25. Па и кој од вас, грижејќи се, може да му додаде еден лакот на својот раст?26. И така, кога ни најмалото нешто не можете да го направите, зошто се грижите за друго? 27. Погледајте ги лилјаните како растат: ни се трудат, ниту предат; но ви велам, дека ни Соломон, во сета своја слава, не се облече така, како еден од нив. 28. Ако, пак, тревата во полето, која денес ја има, а утре се фрла во оган, Бог така ја облекува, тогаш колку повеќе вас, маловерни! 29. Па затоа и вие, не барајте што ќе јадете или што ќе пиете; и не се загрижувајте!

  1. 30. Сето тоа го бараат и незнабошците на овој свет; а вашиот Отец знае дека тоа ви е потребно. 31. Но барајте го царството Божјо, и сето тоа ќе ви се придаде!

Денешниот евангелски дел е многу необичен, и тешко прифатлив за сите нас кои живееме обичен живот. Па и тогаш кога чувствуваме дека Исус ја погодува суштината на животот, тешко дозволуваме неговото Слово да ни влезе под кожа и нешто во нас да промени. Кој од нас може да каже дека не е загрижен што ќе јаде и пие, или пак да не е загрижен што ќе облече? Кој од нас би можел да биде толку безгрижен околу тоа, дали ќе има да го прехрани семејството? Да ги врати долговите? Да ги плаќа кредитите? Да ги подмири трошоците? И така на ред да не набројуваме. Нема никој од нас кој не се грижи околу тие работи во животот, посебно околу оние основните како што е храната, пиењето и облекувањето. Сега тој да се појави и да ги изговори повторно зборовите кои ги слушнавме, можеби ќе му кажеме: „Во ред е Исусе, дај ти погрижи се за моите трошоци и сметки, па јас ќе живеам лесно и безгрижно, без никакви оптеретувања. Но додека на главата ми висат тековните обврски и сметки, тешко дека ќе можам да бидам опуштен.

Меѓутоа колку подлабоко навлегуваме во суштината на Неговото Слово, подобро ја разликуваме реалната накана. Бидејќи не сака да нѐ претвори во неодговорни луѓе, кои ги занемаруваат основните обврски. Посебно ако некој има семејство за кое треба да се грижи. Бидејќи и тој е свесен дека треба да јадеме и да пиеме за да живееме, и дека на нашето тело му треба соодветна облека. Па, што тогаш сакал? Зошто ги изговорил овие необични зборови? (…)

Со изговорот – грижа за животот, воделе грижа за јадењето и пиењето, а не за животот. Под изговорот – грижа за телото, воделе сметка за обелкувањето и облеката, а не за телото. (…)

А Исус сака да нѐ поучи за вредноста на животот како таков, кој е скапоцен за да го сведеме на богата трпеза. Како што и телото е повредно од вредноста на гардеробата која ја имаме на себе. (…)

Станува збор пред сѐ за спознанието на Бог и служењето на Бог. Колку подобро го познаваме Бог, колку повеќе му служиме и колку поинтензивно го бараме Неговото Царство, толку повеќе грижа посветуваме на својот живот и на телото. Бидејќи Бог е живот на нашиот живот, а не јадењето и пиењето, воедно тој е и вистинскиот заштитник на нашето тело, а не облеката. Само тој е вистинскиот пат на спасението, по кој треба да одиме, бидејќи служејќи му на Бог и придружувајќи се до Него, се учиме да го цениме самиот живот во неговата неизмерност. Додека ја бараме вратата за премин во неговото Царство, само Бог во својата провидност отвора мноштво други врати и нѐ не остава на нашиот пат. Тој потоа кога искрено го бараме, ни помага подобро да сфатиме што навистина влегува во вистинската содржина и опсег за автентична грижа за животот и телото.

Кога не правиме компромиси со праведноста и љубовта Божја, сами се исполнуваме со содржината на Божјиот живот со што се изградуваме себе и оние околу нас. Затоа да се потрудиме уште денес, односно сега, да направиме пресврт и вистински да бидеме загрижени околу тоа колку Бог искрено го љубиме, колку навистина го почитуваме, колку Го слушаме, колку живееме според Неговото Слово, и тогаш ќе почувствуваме што е тоа грижа за вистинскиот живот. Бидејќи кога Бог преку нашиот загрижен труд околу животот и вистинското настојување околу телото влезе во нашиот живот, дури тогаш јасно ќе почувствуваме колку вредиме, и нема да дозволиме грижата околу јадењето, пиењето и облекувањето да ни го одземе чувството за смислата и суштината на сопствениот живот и телото. Тогаш целиот наш живот ќе го има предвкусот на вечноста.

д-р Иван Бодрожиќ/вера и дела/к.мк

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот