На 2 февруари 2019 година во Катедралната црква „Пресвето Срце Исусово“ во Скопје се одржа Духовна обнова за свештениците, монашките заедници и црковните движења од Скопска бискупија и Струмичко – скопската епархија, а по повод Светскиот ден на богопосветените лица.
На почетокот од средбата Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Струмичко – скопски епарх се обрати до присутните со своето духовно слово, во кое истакна: Драги браќа и сестри од сето тоа да се обидеме да извлечеме заклучок. Нашите звања не се наши, туку се Господови. Тој не избра и Тој не повика без наши заслуги. Тоа што нашето звање е успешно или неуспешно е директен однос со Исус, очи во очи. Во сите три наведени настани се работи за средба, поглед и прифаќање на Исусовиот пат. Ние сме, всушност, Негови сопатници и одиме по патиштата по кои Тој пред нас помина. Нема пат по кој Тој не поминал. А кога ни е најнепознато Тој тогаш е најмногу со нас. Првата димензија на нашиот позив е односот, единството со Исус. Втора димензија која Тој ја постави како норма е нашето меѓусебно единство. Стануваме неавтентични, непродуктивни, против ефектни ако сме таканаречени соло играчи. Ние сме тим, апостолски збор, заедница, дури и тогаш кога работиме во името на Црквата по расфрлениот терен во нашите Бискупија и Епархија. Ниту може да се одржи нашиот однос со Исус без средба во љубовта, ниту може да се сочува нашето зедништво без средба во љубовта. Затоа и овој ден, но и секоја друга пригода да ја направиме место на средба во вистина и љубов, свесни сме дека на таа средба мора да бидат луѓе кои имаат слободно срце и гладни и жедни токму тоа што не збогатува и нѐ прави препознатливи како заедница.
За време на оваа средба имаше и обпжавање на Пресветата олтарска Тајна, како и можност за света Исповед. Врв на оваа средба беше светата Литургија, која ја предводеше бискупот Стојанов, а во проповедта меѓу другот рече: Нека оваа Евхаристија биде извор на нашата взаемност, да истраеме верно и радосно, бидејќи ако сведочиме живот, тогаш мора да бидеме радосни.
Средбата на богопосветените лица продолжи со заедничко агапе и дружење во салата на Пасторалниот центар во Скопје.
к.мк