Во катедралата Пресвето Срце Исусово во Скопје на 28 декември 2016 година се одржа Божиќен концерт во изведба на Женскиот младински хор под диригентска палка на Сашо Татарчевски.
Во првиот дел хорот ја изведе Messe Breve од авторот Лео Делибес, а во вториот дел отпеани беа песни со божиќна содржина.
На крајот од концерот, благодарност изрази скопскиот парох дон Давор Топиќ кој рече: „Овој концерт е Божиќен дар од Женскиот младински хор за нас. Како е убаво кога живееме дарувајќи. Во економијата на љубовта човекот е повикан повеќе да дарува отколку да прима и кога секој од нас би се водел од оваа вистина колку би бил светот поубав. И всушност во тоа дарување е тајната на еден радосен живот, дека не живееме само за себе, туку едни за други. Поради тоа Бог сакаше во својата љубов да се случи Божиќ, а Божиќ значи Бог се дарува на човекот, Бог му се приближи да не биде сам и така влегува во нашата историја на животот. За таа љубов вечерва слушавме благодарејќи на дарувањето на Женскиот младински хор на чело со диригентот Татарчевски. Во тој дух на сите кои го слават Божиќ, било по Грегоријанскиот или Јулијанскиот календар им посакувам среќен и благословен Божиќ, празник на Христовото раѓање. Христос се роди“.
Водител на оваа културна програма беше Спасе Спасов. Публиката цело време со својот силен аплауз ја потврдуваше убавината на концертот.
Сашо Татарчевски дипломира и магистрира на ФМУ Скопје, а посетува и мајсторски курсеви кај познати диригенти во Њујорк, Рим, Москва, Берлин, Фиренца, Сартеано и Санкт Петерсбург. Има настапувано со голем број ансамбли вклучувајќи ги Камерниот оркестар на Битола, Македонската филхармонија, Оркестарот на МОБ, Симфонискиот оркестар на ИКО од Рим, Оркестарот на Ермитаж од Санкт Петерсбург, Симфонискиот оркестар на ФМУ, Битолската опера, ансамблите за современа музика „Алеа“ и „Кон Темпора“, „Солисти на ФМУ“ и други камерни и симфониски состави. Освен на сцените низ Македонија, вклучувајќи ги и најреномираните манифестации како Охридско лето, Денови на македонска музика, Интерфест, Скопско лето и многу други, има настапувано и освоено награди со различни ансамбли во многу земји. Во моментов работи како професор по група предмети од областа на диригирањето на ФМУ-Скопје, уметнички раководител на професионалниот хор “Про Арс“ и диригент на Женскиот младински хор при МКЦ.
Од своето формирање во 1972 па сé до денес, Женскиот младински хор е една од најпрепознатливите карактеристики на Младинскиот културен центар од Скопје. Изведувајќи огромен и разноврсен репертоар, овој ансамбл покажа дека и пејачи аматери можат да постигнат високо професионални резултати. Освен редовните концерти во Скопје, хорот учествува во разни проекти соработувајќи со други ансамбли и млади композитори. Во изминатите 44 години хорот освоил многу награди и признанија на домашни и меѓународни натпревари и фестивали, промовирајќи се во вистински културен амбасадор на Република Македонија.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк