Во петокот, на 13 септември 2024 година, на последниот ден од неговиот престој во Сингапур, папата Фрањо го посети Домот Света Тереза, 90 години стара установа за грижа и прифаќање на периферијата на градот, за да ги поздрави вработените и штитениците, вклучувајќи го и сингапурскиот надбискуп емеритус, Николас Чиа Јео Џо, неколку постари луѓе со повеќе од сто години и луѓе кои страдаат од сериозни болести.
Папата Фрањо не сакаше да го напушти Сингапур додека не ги поздрави и прегрне болните и старите лица на кои им ги гарантираше своите молитвите, неговата блискост, простувањето на гревовите и од кои исто така побара да се молат за Црквата и за целото човештво, бидејќи – како што рече – вашата молитва е многу важна.
Место за грижа и прифаќање
Станува збор за луѓе кои се на крајот од својот живот, но кои – како што многупати повтори Папата деновиве, за време на 45-то апостолско патување – се мудрост, сеќавање, богатство кои треба да се чуваат и кои затоа заслужуваат почит и достоинство, а не маргинализација. Денеска, околу 9 часот и 30 минути, Папата отиде во Домот Света Тереза, дом за пензионери кој го основале Малите сестри на сиромашните пред 90 години, на периферијата на градот, а со него раководи непрофитната агенција Католичка социјална служба (Catholic Welfare Service). Но, пред сè, тоа е место за грижа и прифаќање.
Моментално во домот престојуваат 200 луѓе, постојани жители, како стогодишните Го, Винсент, Лоу Џо, Берта и 105-годишниот Кунг Сеок, кој го пречекаа Папата со широка насмевка и знамињата на Ватикан и Сингапур во раката.
Прегратка на Папата
Станува збор за мажи и жени кои страдаат од сенилна деменција, Алцхајмерова болест, Паркинсонова болест или последици од мозочен удар. Или кои поради напредната возраст покажуваат знаци на слабост и не можат да ја добијат потребната поддршка од семејството. Утрово сите беа наредени пред своите соби, во инвалидски колички на која беа залепени ознаки со нивните имиња. Папата Фрањо ги погледна сите поединечно, поздравувајќи ги нив и вработените кои беа со нив. Потоа застана до капелата во центарот на дворот, каде што го чекаше 86-годишниот сингапурски надбискуп emeritus Николас Чиа Јео Џо, една монахиња, еден фрањевац и тројца свештеници во инвалидски колички.
Поздрав до мисионерот отец Антон
Посебно го поздрави отец Антон Хутјес, мисионер од Германија во пензија од Конгрегацијата на Пресветото Срце на Исус и Марија, кој веќе четириесет години живее во Сингапур, каде што беше и парох на црквата Пресвета Евхаристија. Познат во Сингапур како автор на десетина книги за верата, бракот и семејниот живот, отец Антон му дал на Папата пакет од неговите книги, велејќи – на англиски – дека е среќен што може да помине некое време заедно со него.
„Молете се за Црквата и за целото човештво“
Папата Фрањо потоа отиде во малата црква во Домот Света Тереза, каде што беше пречекан од директорот кој ја опиша структурата како место на надеж и накратко претставувајќи ја секојдневната работа што се врши за старите и болните, го замоли папата Фрањо да го благослови домот, истакнувајќи дека им е потребен неговиот благослов.
Светиот Отец им се обрати на присутните со неколку зборови – меѓу кои имаше штитеници и вработени од други домови – поздравувајќи ги сите собрани и охрабрувајќи ги да се молат за него. Молете се за мене, јас се молам за вас. Ве замолувам и да се молите за Црквата и за целото човештво. Вашата молитва е многу важна пред Бога – им порача папата Фрањо.
Господово простување
На Бог му е драго да ја слуша вашата молитва. Ви благодарам многу за трпението и молитвите – додаде Папата пред да им го даде својот благослов. На крајот, гледајќи во група луѓе на кои им останува уште малку време живот, им рече дека со овој благослов Господ се пројавува покрај вас. Господ секогаш простува сѐ и на сите ви давам прошка во името Господово – рече папата Фрањо.
Средбата заврши со молитвата Радувај се Маријо, со поминувањето на Папата низ централниот коридор, со поздрав до присутните и заедничко фотографирање. (…)
Ватикан њуз/к.мк