Скопскиот бискуп и Струмичко – скопски епарх Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на 12 мај 2022 година во војводинскиот град Зрењанин (Р. Србија) учествуваше на научниот симпозиум насловен „Запуштените цркви, што со нив?“, во организација на Меѓународната бискупска конференција „Светите Кирил и Методиј“, Католичката црква во Србија и Зрењанинската бискупија. Научниот собир начнува нов пристап кон решавање на горлив проблем наследен од историските случувања во Војводина и пошироко.
„Уривањето на црквите не доаѓа предвид, тие треба да се обноват онаму каде што е можно со помош на локалните власти и заедниците. Онаму каде што тоа не е можно, сакралните простори треба да се уредуваат така што тие ќе и служат на локалната заедница, односно можат да се стават во функција на општеството. Постои подготвеност во покраинската влада да започне разговор на оваа тема. Ова е почеток на јавна дебата“ – изјави Иштван Пастор, претседател на Собранието на Војводина.
На иста линија е и размислувањето на претседателот на Меѓународната бискупска конференција „Светите Кирил и Методиј“, бискупот монс. д-р Ладислав Немет, кој истакна: „Многу цркви останаа без верници, а бројни села останаа со малку верници, па сега во Банат, Бачка и Срем имаме многу вакви запуштени објекти. Не е добро за душата на човекот, па ни на католичкиот верник, да гледа сакрален објект што повеќе не ја исполнува својата цел и се распаѓа. Не е наше да ги вртиме нашите глави настрана, туку да направиме нешто во договор со верниците и со целата заедница“.
На симппзиумот свои предавања имаа и Н.В.П. д-р Карлос Алберто Мореира Азеведо, претставник на одделот за култура при Апостолскиот Престол, професори од Србија, Хрватска, Германија и Австрија.
Ватикан њуз/к.мк