Свештеничко ракополагање во Радово
Во недела 6 април 2014 година во парохиската црква свети пророк Илија – Радово светата Архиерејска Литургија ја предводеше Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и Апостолски егзарх во Македонија. На ова евхаристиско славење епископот Стојанов ја подели светата Тајна свештеничко ракополагање на о. Илија Стојанов. На ракополагањето присуствуваа свештениците од Апостолскиот егзрхат во Македонија, како и свештеници од Скопска бискупија, голем број на гости, пријатели, роднини, верници од парохијата и од други места.
Во својата проповед Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов истакнувајќи ги Христовите зборови: „Не вие ме избравте мене, туку Јас вас ве избрав“ нагласи дека тој позив никој не може да си го присвои, туку се дава на тие кои што Бог ги избира. (…) Во Стариот завет и другите религии свештеникот е редовно посредник меѓу Бога и луѓето. Така е позната улогата на Арон во Стариот завет и племето Левиево каде свештенството се пренесува со крв на припадност на едно племе. (…) Исус Христос сепак е посредник, бидејќи во себе, во иста личност го обедини Бога и човекот. Тој всушност не е свештеник по своето звање, туку по својата природа. Бидејќи за нас е Бог, кој стана човек и наш брат кој од векови е Бог и така во едно лице е: и помирител и посветител и посредник и жртва и жртвувател.
Неизмерно таинство на нашата вера е токму Исус Христос – свештеник. Тој не се претставуваше таков, туку тој тоа беше. Потресен е фактот кога во храмот се жртвувало пасхалното јагне, а во исто време надвор од градските ѕидини на Голгота се жртвувало вистинското пасхално јагне – Исус Христос на Крстот на Новозаветната и вечна жртва. Така христијанската заедница се собира околу тој единствен посредник помеѓу Бога и човекот Исус Христос. Никогаш како верници не смееме да заборавиме дека во Новиот завет единствен свештеник по природа е Исус Христос и денес да ја обновиме таа вера која е темел на нашата средба во таинството на верата.
Обраќајки се до неоерејот тој истакна дека преку „светото ракополагање не само што ќе бидеш вброен во свештенството на Новиот завет, туку и ќе бидеш овоплотен во Христос. Така „новозаветниот свештеник својата служба ја врши in persona Christi – во лицето на Христос. Затоа кога го навестуваш Словото Божјо тогаш не говориш ти, туку Христос во тебе. Кога крштеваш не крштеваш ти, туку Христос преку тебе. Кога одрешуваш од гревови не одрешуваш ти, туку Христос во тебе. Кога во Евхаристијата ги изговараш зборовите на претворбата не говориш ти, туку на Христос го даруваш своето јас да ги изговори зборовите на претворбата кога тешиш уморни и болни тоа го прави Христос преку тебе.“
За да се извршува свештеничката служба епископот Стојанов истакна дека ќе мора „потполно Нему да му се предадеш. Ќе мораш своето јас Нему да му го предадеш. (…) Темел на свештеничкото служење е твојата лична поврзаност со Исус Христос. (…) Свештеникот без молитва е ’прапорец кој ечи и кимвал кој ѕвечи’. Свештеник кој не е интимно поврзан со Христос изгледа како празно буре кое одекнува со голема брзина.“
Славењето заврши со рецитал во изведба на децата и младите од парохијата Свети пророк Илија – Радово.
Неоерејот Илија Стојанов за ѓакон беше ракоположен на 8 јануари 2014 година во црквата Свети пророк Илија – Радово, каде што до свештеничкото ракополагање ја извршуваше својата ѓаконска служба.
го*ко