Епископот Стојанов во проповедта ја истакна Пресвета Богородица како пример на вера, понизност и целосно предавање на Божјата волја
Во среда, 25 март 2026 година, Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх, монсињор д-р Киро Стојанов, служеше света Литургија во парохијата „Свето Благовештение“ во Штип, по повод патрониот празник. Со епископот Стојанов сослужуваа свештеници од Скопската бискупија и Струмичко-скопската епархија.
На светата Литургија присуствуваа чесни сестри Евхаристинки, верници од Штип, како и верници од други парохии.
Во својата проповед епископот Стојанов се осврна на празникот Благовештение како на ден во кој Црквата го слави почетокот на нашето спасение, ставајќи ја во средиштето личноста на Пресвета Богородица. Тој ја претстави Марија како едноставна, побожна и целосно предадена на Бога, нагласувајќи дека токму во нејзиниот слободен и понизен одговор на Божјиот повик се открива суштината на овој празник. Осврнувајќи се на евангелскиот настан, епископот истакна дека пораката не била лесна за разбирање, но Богородица, и покрај изненадувањето и неизвесноста, одговорила со целосна доверба: „Нека ми биде според зборовите Твои.“
Осврнувајќи се на ликот на Пресвета Богородица, епископот Стојанов нагласи дека нејзиниот идентитет најјасно се открива токму во нејзиниот одговор на Божјиот повик. Тој истакна дека зборовите „Нека ми биде според зборовите Твои“ претставуваат своевидна нејзина духовна „лична карта“, затоа што во нив се содржани нејзината вера, послушност, понизност и потполно предавање на Божјата волја. Притоа нагласи дека Марија е возвишена пред сè поради нејзиниот внатрешен став на слугинка Господова, кој најјасно се гледа токму во овој нејзин одговор.
Во продолжение епископот реторички праша дали и ние можеме да напишеме таква духовна „лична карта“ за себе, по примерот на Богородица, додавајќи дека нашата желба е да бидеме нејзини чеда, но тоа нема да можеме вистински да бидеме ако во нас нема ништо што наликува на неа. Како нејзини деца, нагласи тој, повикани сме да го носиме белегот на нашата Мајка, односно белегот на довербата во Бога, на послушноста кон Неговата волја и на подготвеноста за служење.
Епископот ги поттикна верниците да го уредат својот живот така што ќе можат да имаат доверба во Бога во сите мигови на радост и тага, и во искушенијата и тешкотиите искрено да кажат: „Нека ми биде според зборовите Твои.“ Воедно ги повика и во односите со другите да сведочат добрина, внимание и подготвеност за служење.
На крајот од светата Литургија, парохот отец Тони Ангелов му се заблагодари на епископот, на присутните свештеници, на чесните сестри и на верниците за нивното присуство и заедничка молитва.
Од настанот Радио Марија вршеше директен пренос, а свеченоста заврши со дружење и разговор.
к.мк

