Црквата нема овластување да благословува заедници на лица од ист пол, кои не можат да се сметаат за „дозволени“. Ова го соопшти Конгрегацијата за наука на верата како одговор на „сомнежите“ кои беа изнесени.
Според Конгрегацијата, не е дозволено свештениците да благословуваат хомосексуални парови кои сакаат некакво верско признавање на нивната врска. За овој одговор бил информиран и Папата, кој „дал согласност“ да се објави одговорот и придружното објаснување потпишани од префектот и секретарот на конгрегацијата, кардиналот Луис Ладарија и надбискупот Џакомо Моранди.
Главната работа во текстот на Конгрегацијата е разликата помеѓу поединецот и заедницата. Негативниот одговор за благословот на овие заедници не значи, всушност, осуда на погодените, кои мора да бидат примени „со почит, сочувство и деликатност“, како и „избегнување“ на каква било неправедна дискриминација“, како што е веќе наведено во документите на Црквата.
Првата причина за негативниот одговор од Конгрегацијата за наука на верата се однесува на вистината и вредноста на благословите, кои се „светотаински“ литургиски постапки на Црквата и бараат она што е благословено да биде „објективно преодредено за примање и искажување благодат, според Божјата промисла запишана во создавањето“. Врски, дури и стабилни, кои вклучуваат сексуална пракса надвор од брак, – т.е. надвор од нераскинливиот сојуз помеѓу маж и жена, отворени за пренесување на животот – не ги исполнуваат овие Божји согледувања. Разгледувањето влијае не само на хомосексуалните парови, туку и на сите заедници кои вклучуваат сексуални односи надвор од брак.
Друга причина за негативниот одговор е опасноста да се поистовети благословот на истополовите заедници со Светата тајна брак.
На крајот, Конгрегацијата за наука на верата наведува дека одговорот на „сомнежите“ не исклучува „да се даваат благослови на лица од хомосексуална склоност кои покажуваат волја да живеат во верност на промислата објавена од Бога“, притоа прогласувајќи ги незаконски „било каква форма на благослов што има намера да ги признае таквите заедници“.
Ватикан њуз/к.мк