Големата загриженост на папата Фрањо за хуманитарната ситуација во Сирија повторно ја истакна архиепископот Бернардито Ауза, постојан набљудувач на Светиот Престол при Организацијата на обединетите нации, говорејќи на отворената дискусија на Советот за безбедност.
Израелско-палестинското прашање, Сирија, Јемен, Ирак – погледот на архиепископот Бернардито Ауза постојаниот набљудувач на Светиот Престол при ООН го опфаќаше целото блискоисточно подрачје во излагањето на отворената расправа на Советот за безбедност за „Блискиот исток, вклучувајќи го палестинското прашање.“
Хуманитарната помош и понатаму е многу важна за да се воспостави опкружување за преговори меѓу Израелците и Палестинците, но таа не може да ги замени – истакна архиепископот Aуза, започнувајќи го своето размислување токму со осврнување на опасниот пораст на насилството во појасот Газа и на Западниот брег на реката Јордан, за кој зборуваше специјалниот координатор за мировен процес на Блискиот Исток, Николај Младенов. Тоа е атмосфера на недоверба меѓу страните, која може брзо да се претвори во насилство кое ги загрозува животите на невините Палестинци и Израелци – истакна Младенов.
Што се однесува до Сирија, особено некои од нејзините се уште нестабилни, региони, надбискупот предупреди дека и понатаму постои голема опасност од влошување на хуманитарната криза. Не можеме да останеме глуви на крикот на оние кои немаат храна, медицинска грижа и образование, или на крикот на сираците, вдовиците и ранетите – рече архиепископот Aуза, потсетувајќи на големата загриженост на папата Фрањо за хуманитарната состојба во Сирија, која ја изрази во писмото до претседателот ал-Aсад. Неговата загриженост особено се однесува на драматичната ситуација на цивилното население во Идлиб, каде што и понатаму продолжуваат воздушните напади. Папата повторно упати апел за заштита и почитување на хуманитарното право – потсети претставникот на Светиот Престол.
Влошувањето на хуманитарната состојба во Јемен, каде што луѓето во потреба немаат храна, ниту медицинска грижа, исто така, побудува голема загриженост. Доволно е да се помисли дека – според податоците на Светската програма за храна (WFP) – во таа земја 20 милиони луѓе страдаат поради несигурноста за храна предизвикана од конфликтот меѓу силите лојални на владата и бунтовниците, кој трае од 2014 година.
Постојаниот набљудувач на Светиот Престол, според тоа, го истакна неопходниот чекор воспоставен со Резолуцијата 2481, која Обединетите нации ја усвоиле на 15 јули, од аспект на јакнење на примирјето и овозможување на обезбедување и снабдување со храна. Во исто време, тој изрази надеж во доследноста, прашувајќи како може да се испраќаат елоквентни апели за мир на Блискиот Исток, па дури и да се заземаат за хуманитарни иницијативи, дозволувајќи истовремено продажба на оружје во таа област.
На крајот, архиепископот Ауза, од своја страна, се осврна на Ирак, кој – рече – дава одредена надеж за продолжување на патот кон помирување и обнова, по неописливите злосторства извршени од страна на самопрогласената Исламска држава против населението, а особено над верските и етничките малцинства. Покрај тоа, Светиот Престол изрази надеж дека меѓународната заедница ќе продолжи да бара мирни решенија за актуелната криза во таа област на Персискиот Залив, со цел да не се вратат непријателствата што произлегуваат од судирите меѓу регионалните власти.
Ватикан њуз/к.мк