Светиот Отец: Марија е Божји дар на луѓето
Пред заминувањето за Боливија Светиот Отец во Богородичното светилиште во Кито се сретна со свештениците, монахињите, монасите, богословите и семинаристите. Папата не го читаше напишаниот говор туку на присутните им се обрати спонтано. Ги пренесуваме главните мисли од говорот.
Папата рече дека на Девицата од Ел Квинче го доверува сето она што го доживеал изминатите денови, сите стари и болни со кои се сретна во куќата на Мисионерките на љубовта. Во Евангелието Господ нè повикува безуловно да го прифатиме посланието. Во ова Богородично светилиште посебно одекнува таа важна порака. Марија е пример за нас кои како неа сме го прифатиле Божјиот повик. Нејзиниот одговор „Нека ми биде според зборовите твои“ потсетува на нејзините зборови на свадбата во Кана Галилејска „Што ќе ви каже направете!“ Нејзиниот пример е повик за нас да служиме како и таа – истакна Папата.
И ние сме повикани безусловно да го прифатиме посланието. Во сликата на Прикажувањето на Девицата можеме да забележиме некои мотиви за своето послание. Марија е Божји дар на луѓето. Исус Христос исто така е Божји одговор на крикот на неговиот народ. Светото Писмо вели дека на својот народ Бог му испраќа судии, пророци и цареви. Бог ги избирал и ги праќал; тие биле Божји дар на народот. Бог и нас нè избрал и нè испратил на својот народ. Преку посланието сфаќаме дека не припаѓаме на себе; дека нашиот повик бара одрекувања од егоизмот, од сите материјални и чувства за удобност. Ние сме служители, а не платеници, повикани сме да служиме, а не да ни служат, треба без стап и торби да одиме на пат – предупреди Светиот Отец.
Воведението на Марија во храмот исто така зборува за истрајноста на Марија. Марија не се свртува назад, туку одлучно оди напред. И ние како Христови ученици сме должни бесплатно и без повлекување на секој народ да му ја навестуваме Исусовата радосна вест. Во сликата на Девицата која во придружба на родителите влегува во храмот ја гледаме Црквата како ги следи Христовите свештеници должни да ја навестуваат Божјата нежност. Гледајќи како Девицата – девојче пред олтарот весело игра ја гледам радоста на оние кои го сретнале Исус и затоа оставиле сè за да можеме со Христос да живееме и да го навестуваме Божјото спасение. По навестувањето на ангелот својата радост Марија ја поделила со својата роднина Елисавета. Радоста за навестување на Евангелието ја поттикнува Црквата како Марија да оди на перифериите – рече Светиот Отец.
Овде во Ел Квинче, во историјата на Марија и во историјата на мајката земја се испреплетуваат Божјата и човечката историја. Традицијата зборува за кедар, мечки и расцеп во каменот каде што била првата куќа на Мајка Божја и за птците кои летале на тоа место како и цвеќињата кои ја краселе околината. Ова народна побожност нè потсетува на времето кога хармонијата со создаденото била блиска… за да се почитува Создателот Кој живее меѓу нас и во сè што нè опкружува, во својот Син и во Евхаристијата која на христијаните им овозможува да се чувствуваат живи органи на Црквата и да учествуваат во црковното послание – пишува Папата.
Од самите почетоци Богородица од Ел Квинче го придружувала навестувањето на верата на домордските народи. Нејзе да и ги довериме своите звања; нека нè направи дар за нашиот народ, нека ни испроси истрајност во заземањето и радосното носење на Евангелието на Нејзиниот Син Исус до крајната граница на нашата драга земја Еквадор – заврши Светиот Отец.
РВ/Д.И.