Денес, денот по Богојавленије, Црквата го посвети на свети Иван Крстител, бидејќи на Крштевањето Исусово во реката Јордан главна улога одиграл токму светиот Претеча Иван Крстител.
Иван Крстител е „најголемиот меѓу родените од жена“ вели Исус. Тој е оној кој е повикан да подготви еден народ за Господовото доаѓање. Едноставно се дефинира како „Глас на оној кој вика во пустината“, а не како Месија „Слово кое станало тело“, туку едноставно неговиот глас: затоа тој проповеда преобраќање и крштение на покајание, зашто за да се прифати Господ всушност е потребно понизно срце, ослободено од секое идолопоклонство. Иван се појавува во пустината. Пустината е место на осаменоста, но исто така и на средба помеѓу Бога и неговиот народ. Токму во пустината во оваа „ничија земја“, Иван повикува на преобраќање, бидејќи царството небесно е близу.
Но, Иван не се ограничува на еден општ повик на преобраќање, неговото проповедање не е „слатко“, туку секој аспект од неговиот живот го покажува патот кој треба да се исполни. Неговата облека, неговото јадење, открива личност која е навлезена на патот кој тој го проповедува. Сигурно неговото „вистинско“ битие привлекуваше мноштво народ на крштевање. Иван, не се плашел од никого, верноста кон својата мисија да биде „Гласот кој вика“ вреди повеќе од сопствениот живот. Не се плашел од Ирод, не се плашел од Иродијада „која го мразела“, се потсмеваше на фарисеите и на моќниците од онаа време, бидејќи мислеле дека со нив се е во ред, и дека не треба да се впуштаат во дискусија.
Иван исто така и денес ни ја пренесува оваа порака. Дури и ако припаѓаме на Црквата, иако присуствуваме на света Литургија, не сме автоматски спасени, туку повикани сме да ги извршуваме достојните плодови за преобраќање. Би било важно и за нас да разбереме кои се овие плодови. Преобраќањето треба во нас да вроди еден вид на нов, тревзен и суштински живот во еден братски однос со луѓето кои ги среќаваме. Божјиот суд за Иван е веќе пред вратите. Бог ја тргнува маската од нашето лажно лице и лицемерие во нашите односи. Преобраќањето се состои во тоа да се биде јасни, чесни, траспарентни, народ кој го одржува дадениот збор, верен на сопствените принципи, иако другите ги ставаат во дискусија. Самиот Иван, со голема понизност, се прогласува само како еден гласник кој крштева со вода за преобраќање. Посилниот, Исус, допрва треба да дојде и ќе крштева со силата на Светиот Дух и со оган на пресудата во можност да се тргне маската на секое лицемерие.
Сликата за вејачката ни овозможува да разбереме како Исус доаѓа да нѐ прочисти, да го тргне оној какол кој честопати како товар го носиме врз нас, за да израсне добро зрно пченица, нашите позитивни потенцијали. Будноста станува преобраќање кон Исус, кон Неговото Слово, кон неговото делување, тргнувајќи ја маската на нашите лоши намери и разбирајќи дека само Господ го вреднува сето позитивно кое е присутно во нас. Божјото милосрдие е сигурноста дека вистинскиот Божји суд тргнува од Неговата љубов кон секој човек. Иван нѐ повикува да се разбудиме од секое вкочанување и сериозно да го сфатиме нашиот живот и во која насока да го насочиме, а Божјата светлина ќе го покаже овој пат.
Дон Лука Фада/З.А.
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк