Свети Георги

Свети Георги

Свети Георги е еден од најпознатите христијански маченици на Источната и Западната Црква. Неговото чествување е распространето низ цела Европа, а некои држави го почитуваат како нивен светец – заштитник.

Свети Георги е историска личност. Роден е во 3. век во Кападокија. Потекнува од благородничко семејство, што го обврзувало да стане војник. Наскоро меѓу војниците стекнал голема популарност и за награда станал трибун. Самиот Георги многу рано станал христијанин и поради својата вера дошол во конфликт со командната структура во војската. Бил член на Воениот совет. Многу бргу сфатил дека мора да се изјасни, да даде докази за својата вера, не криејќи дека е христијанин. По смртта на неговата мајка неговото богато семејно наследство го разделил на сиромашните, а на своите робови им дал слобода. (…)

На иконите, свети Георги во Источната и Западната Црква, најчесто може да се види со змејот. Во почетоците на христијанството змејот бил симбол на злото, што во преносно значење се однесувало на паганството. Според легендата свети Георги се борел со змејот, како Персеј во античката митологија, надвор од градските ѕидини за да ја спаси царската ќерка која требала да биде жртвувана. Во оваа форма настанала приказната која прв пат била споменета во „Златната легенда“ од 13. век која дејството се одвивало во градот Силен во Либија. Некој друг извор го спомнува градот Бејрут во Либан, каде што му се случило и на Персеј.

Свети Георги се прикажува во униформа на римски војник (во средниот век со оклоп на витез) на бел коњ (симбол на чистотата) како замавнува со мечот. Тој веќе го има фрлено копјето на чудовиштето. На местото на настанот понекогаш се прикажуваат останките од жртвите во борбата со чудовиштето, а понекогаш во аголот се гледа и самата принцеза како го моли Бога свети Георги да победи. На градските ѕидови често се прикажани и оние кои ја гледаат борбата.

Овој славен маченик секогаш бил познат во Источната и Западната Црква. Неговото почитување како светец е едно од најстарите во Црквата. Уште во 4. век некои цркви во Сирија се посветени на него, а во Цариград, во чест на светецот, изградил црква самиот цар Константин. Неговата популарност во западна Европа помасовно започнува во 13. век за време на крстоносните војни.

Бидејќи по професија бил војник, неколку воени витешки редови го носат неговото име. Христијанските војски за време на крстоносните војни се ставале по заштитата на светецот.

За време на крстоносните војни кои биле покренети со цел ослободувањето на Христовиот гроб и Светата Земја од Сарацените, крстоносните војски имале свој светец – заштитник. Во суштина, тоа биле оние светци кои на било кој начин биле поврзани со оружје, војска, војна. Меѓу нив е и свети Георги, светец – воин, идеал на средновековните витези, симбол на непобедливоста и истрајноста во христијанската вера. (…)

Битно.нет/З.А

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот