Света Тереза од Лизие упатува на она што е суштинско во Црквата, љубовта и довербата во Бога
На 15 октомври 2023 година е објавен Апостолски поттик на папата Фрањо „C’est la Confiance“ („Тоа е доверба“) посветена на Света Тереза од Детето Исус и Светото Лице, по повод 150-годишнината од нејзиното раѓање во Аленсон, Франција. Нејзиниот „мал пат“ нè поттикнува да веруваме во Божјото бескрајно милосрдие и да се сретнеме со Христос за да живееме отворено кон другите. „Во срцето на Црквата, мојата Мајка, ќе бидам Љубов!“, напиша Тереза, која почина на 24-годишна возраст и беше прогласена за заштитничка на мисиите.
„Довербата и ништо друго освен довербата треба да нѐ води до Љубовта“. Овие зборови, запишани во септември 1896 година од Света Тереза од Детето Исус и Светото Лице, се вдахновение за насловот на Апостолскиот поттик, кој папата Фрањо го посветува на светителката од Лисие.
Признанија на Папите
Папата Фрањо потсетува на етапите на препознавање на исклучителната вредност на нејзиното сведочење преку постапките на Папите: почнувајќи од папата Лав XIII, кој и дозволи да влезе во манастир на 15-годишна возраст, преку Пиј XI, кој ја прогласи за светица во 1925 година, а во 1927 година и за заштитничка на мисиите, па до свети Иван Павле II. кој во 1997 година ја прогласи за црковна научителка.
Љубовта на мисионерската душа кон Исус
Света Тереза во својата ќелија напишала: „Исус е мојата единствена љубов“ (8), а анализирајќи го нејзиното духовно искуство, Папата забележува дека при нејзината средба со Исус, тој „ја повикал на послание“, толку многу што не можела да го замисли „нејзиното посветување на Бога без да го бара доброто на нашите браќа“. Таа всушност влезе во Кармил за да спасува души (9).
Патот на доверба и љубов
Папата Фрањо оди во центарот на духовноста на Тереза, до оној „мал пат“ познат и како пат на духовното детство . Она што е важно за Света Тереза од Детето Исус е Божјото делување, благодатта, а не личните заслуги, бидејќи Господ е тој што осветува. Папата пишува: „Затоа, најсоодветниот став е да се довериме со срце надвор од себе: во бескрајното милосрдие Божјо, кој љуби без граници и кој даде сè на Исусовиот крст“ (20).
Да се препуштиме во рацете на Отецот
Во нашиот живот, во кој често – според Папата – нè победуваат стравовите, желбата за човечка сигурност, потребата да се има се под контрола (23), довербата и затоа препуштањето на Бога, како што поучува Света Тереза од Лизие, нè ослободува од опсесивни пресметки, постојана грижа за иднината, стравови кои го одземаат мирот. (…) Ако сме во рацете на Отецот кој нè љуби безгранично – забележува папата Фрањо – навистина, без разлика на околностите, ќе можеме да одиме напред што и да се случи (24).
„Искушение против верата“ и доверба во милоста
Духовниот живот на младата Кармелитјанка не бил без искушенија, дури и против верата. Во тоа време модерниот атеизам силно се шири, а таа „се чувствува како сестра на атеистите“ (26), се застапува и го принесува својот живот за нив, обновувајќи го својот чин на вера. Верува во бескрајната Божја милост. Сè во Бога е љубов и Правда. Ова е едно од најважните откритија на Тереза од Лизие – забележува Папата – еден од најголемите дарови што таа му ги дала на целиот Божји народ. Таа на извонреден начин навлезе во длабочините на божественото милосрдие и оттаму црпеше од неговата неограничена надеж (27).
Во срцето на Црквата, својата Мајка, ќе бидам Љубов
Од Света Тереза од Авила, Света Тереза од Лизие наследи – како што се вели во Апостолскиот поттик – „голема љубов кон Црквата и успеа да допре до длабочината на тоа таинство”. Таа во „Историјата на една душа” пишува: „Сфатив дека Црквата има Срце и тоа Срце гори од Љубов. Потоа: „Во срцето на Црквата, мојата Мајка, ќе бидам Љубов!“ (39). Папата Фрањо коментира: „Тоа не е срцето на триумфалистичка Црква, тоа е срцето на Црквата која ги љуби понизните и милосрдните (…) Ова откровение на срцето на Црквата е голема светлина за нас денес, за да не бидеме измамени од ограничувањата и слабостите на црковните институции, обележани со темнина и гревови“ (41).
На крајот, само љубовта е важна
Во последното поглавје, Папата објаснува дека овој Апостолски поттик ни овозможува да се сетиме, како што е наведено во Апостолскиот поттик Evangelii gaudium, дека во мисионерската Црква, навестувањето се фокусира на суштинското, на она што е најубаво, најголемо, најпривлечно и во исто време на најпотребно (47). На крајот – пишува Папата – важна е само љубовта и, обраќајќи им се на теолозите и моралистите, забележуваа: „Сè уште треба да ја прифатиме таа генијална интуиција на Малата Тереза и да извлечеме од неа теоретски и практични, доктринарни и пасторални, лични и општествени последици. Потребна е храброст и внатрешна слобода за да може да се направи тоа“ (50).
Актуелност на „малиот пат“
На крајот од документот, Папата потсетува на главните аспекти на „малиот пат“ на Света Тереза од Детето Исус и актуелноста. Апостолскиот поттик завршува со кратка молитва во која папата Фрањо меѓу другото моли: „Драга Света Мала Тереза, помогни ни секогаш, како тебе, да веруваме во големата љубов што Бог ја има кон нас, за да можеме да секој ден да го следиме твојот мал пат на светоста.“ (53).
Ватикан њуз/к.мк