Света Тереза Авилска

Света Тереза Авилска

„Нека ништо не те збунува, ништо да не те уплаши! Сѐ поминува; Бог не се менува – останува секогаш ист. Трпеливоста сѐ постигнува. Кој го поседува Бог, со тоа ништо не му недостасува; Бог е единствно целосно доволен.“

Денешната светица големата Тереза Авилска или Тереза од Исус кармелиќанка и црковна научителка е родена на 28 март 1515 година во Готарендура кај Авила (Кастилија) како Тереза Санчез де Кепеда Аумада. Убава, ведра и жива девојка во младоста ги читала животите на светците, но и витешки романи. Во кармелиќанскиот ред стапила во 1535 година во Авила. Тешко се разболела, западнала во душевна криза, а во своите занеси доживувала необични визии и вдахновенија. Иако со кревко здравје била жена со силен карактер, цврста волја и бистра глава, отворена, едноставна, немирна, неуморна, ведра и духовита.

Настојничка со претприемачки дух и енергична целиот живот го посветила на обнова на кармелиќанскиот ред и воспитувањето на монахињите. Заедно со свети Иван од Крстот спроведува реформа за кармелиќаните, основа 32 нови манастири и организира провинција за босоноги кармелиќанки. Во бројните дела ги опишува своите духовни и мистични искуства кои отсликуваат оптимизам, разумна и умерена аскеза.

Во „Книгата за животот“ ги забележува етапите на својот духовен развој, тоа е и еден вид на расправа за молитвата. „Патот до совршеноста“ е аскетски трактат насочен кон верското воспитување на монахињите и на борбата против реформацијата. Во своето најважно дело „Во внатрешноста на замокот“ служејќи се со алегориски слики ги сумира своите аскетски и мистични искуства и ја опишува човечката душа како замок со многу одаи низ кои душата се чисти и доаѓа до центарот каде што се соединува со Бог. Сочувана е и нејзината многу обемна и интересна коресподенција (околу 400 писма). Со своите дела во кои отсликува жива имагинација, спонтано изразување и проткаени со честа употреба на колоритни фолклорни споредби дава огромен прилог за христијанската духовност и шпанската книжевност.

Исклучителна жена, била мистичарка, а истовремено и многу реална и дружељубива личност. Била свесна дека не сме ангели, туку луѓе и прибегнувала кај Христос во Кој го гледал Бог, но и Човек кој може да ги сфати човечките страдања. Насетувајќи ги сите искушенија кои ја очекуваат Црквата и христијанството сѐ до ден денешен вика: „О, христијани, време е да го браните својот Цар и во големата запуштеност приврзете се околу! Затоа што мал е бројот верни кои сѐ уште го опкружуваат; напротив големо е мноштвото кое го следи Луцифер. Но, најлошото е што тие кои однадвор се покажуваат како Господови пријатели, потајно одвнатре го предаваат, така што тој не наоѓа речиси никој на кој би можел да се потпре.“

Починала на 4 октомври 1582 година во Алба де Тормес кај Саламанка во манастирот кој го основала. За блажена ја прогласил папата Павле V, за светица во 1622 година папата Гргур XV, а за црковна научителка во 1970 година папата Павле VI.

Го завршуваме овој текст за света Тереза Авилска со нејзините зборови кои ги запишала на еден лист и постојано го чувала во својот часослов:

„Нека ништо не те збунува, ништо да не те уплаши! Сѐ поминува; Бог не се менува – останува секогаш ист. Трпеливоста сѐ постигнува. Кој го поседува Бог, со тоа ништо не му недостасува; Бог е единствно целосно доволен.“

Битно.нет/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Вера, Сведоштва

За авторот