Отец Димитар Ташев ја предводеше светата Литургија за спомен на 24 годишнината од смртта на сестра Маргарита Јорданова.
Во присуство на голем број сестри Евхаристинки на 23 март 2019 година, во црквата Свети Петар и Павле во Гевгелија отец Димитар Ташев служеше света Литургија за спомен на 24 годишнината од смртта на сестра Маргарита Јорданова, прва настојателка на Провинцијата на сестрите Евхаристинки. По завршувањето на светата Литургија се молеше панахида на гробот.
Сестра Маргарита Јорданова е родена на 22 април 1920 година во градот Деде Агач. На едногодишна возраст останува без мајка, а кога имала 9 години умира и нејзниот татко и останува сираче. Како сираче без родители влегува во Сиропиталиштето на Сестрите Евхаристинки во Софија. По завршувањето на гимназијата во неа се разбудила желбата да му се посвети на Бога.
Во 1938 година станува Сестра, монахиња. Како монахиња се запишува на студиите во Уметничката Академија во Софија. После шест години студии дипломира и се здобива со звање дипломиран сликар.
Уште во почетокот на својот монашки живот таа е многу активна на духовен план. Долги години работи како Генерална секретарка во Заедницата на сестрите Евхаристинки. Во 1963 година таа доаѓа во Македонија за да им помогне на постарите сестри кои поради војната долго време биле сами. Во 1965 година во Гевгелија Господ за својата нива ги испраќа и првите звања за Сестрите Евхаристинки. Во 1967 година, со голема мака и тешкотии, е отворена и првата Школа за млади сестри, во Црквата се употребува терминот новицијат, што значи време на подготовка за духовно поучување на младите кандидатки. Со нив, млади после 30 години, започнува преродбата на македонска заедница на сестрите Евхаристинки.