Сведоштво: Ме зароби духот на блудноста, но Господ ме избави

Мојата желба да проговорам за една голема стварност се роди уште пред неколку месеци. Знаев дека треба за тоа да зборувам, но не знаев како, со кој, на кој начин, каде, зошто… Меѓутоа, на срцето ми е само една мисла: „На овој свет му се потребни сведоци, а не мудреци“.

Млада сум. Имам неполни 25 години. Со сигурни чекори го приведувам кон крај студирањето. И со своите неполни 25 години имав прилика да ја искусам телесната заводливост, која овој свет му ја нуди на младиот човек, а која со други зборови може да се протолкува како„жртвување на својата телесност“. Токму затоа сакам на младите луѓе да им пратам порака, својата сексуалност, меѓутоа и сексуалноста на својата девојка или својот дечко, да ја сфатат и повеќе од сериозно. Кога е во прашање сексуалноста, тоа веќе не е прашање само на телесност. Тогаш во приказната се мешаат разни духови кои не ги гледаме, меѓутоа се присутни и активни. Тие во нас поттикнуваат или полагање на сопствената сексуалност на олтарот на Сотоната или тешка и мачна, меѓутоа благословена борба против нешто што не е Божјо.

Во четврта година од средното училиште имав прв пат дечко. На почетокот на таа врска знаев дека не сакам да имам односи со него, бидејќи долго пред него молев за дечко со кој ќе можам да одам во чистота. И беше така, меѓутоа само првите 8 месеци од врската. После тоа, прв пат имав со него сексуален однос. Од тој момент, сликата на мојот живот доби сосема некои други бои, линии, тонови. Ми се случуваше нешто навистина неверојатно (барем ми беше неверојатно во тој период): после секој однос јас незапирливо плачев. И плачев. И едноставно – плачев. Мојата ранетост напросто ме убиваше и гушеше. Како што и може да се претпостави, дојде до прекин со тој дечко, а со самото тоа и до агонија која поради прекинот траеше полна година дена. Во тоа време изгубив повеќе од 10 килограми.

Но, тоа беше само почетокот. На втора година од студиите ме зафати духот на пијанството, хедонизмот, паганството и блудноста. Главен „дух управител“ на мојот живот беше духот на горделивоста. Почна да ми се случува, скоро на секое мое излегување да ми пристапи некој маж. Тоа ми беше сосема необично, бидејќи никогаш не бев пожелна или примамлива за машкото око. Меѓутоа, тогаш сфатив дека можам да го имам секого кого ќе го посакам. Сфатив дека мажите ме симпатизираат, ме гледаат и со задоволство ми приоѓаат, а јас тоа секогаш го свртував во своја корист. Проникнував во „машкиот мозок“, со време ги научив сите методи на заведување и доведување на тенок лед. И мислев дека тоа е врвот на мојата „кариера“. Меѓутоа како Сотоната не престанува да поставува заседи додека не успее да ја придобие човековата душа, мене ми постави и повеќе отколку што можев и да си замислам.

Меѓутоа, Бог со сите свои сили се бореше за мене. Би рекла дека секојдневно одново и одново умираше на крстот, само мене да ме спаси. Разни духови го водеа мојот живот. Злиот ми ги „сервираше“ машките на тацна и така ме правеше уште погорделива.

И тогаш почна. Западнав во друштво на некои растафаријанци, редовно со нив посетував реге забави, живеев живот во „љубов, мир и толеранција“, пушев трева по станови, паркови, шуми, напуштени пруги и под влијание на марихуаната се впуштав во односи поради посилно телесно доживување, конзумирајќи притоа алкохол во ненормални количини. Се среќавав со мажи во глуво доба од ноќта, стапував во односи со непознати мажи (не бирајќи ни место ни време), доживеав што значи да се биде „пријател со бенефиции“, неколку пати бев излажана, т.е. телесно искористена. Во неколку наврати бев присилена да правам тестови за бременост. Доколку во некои случаи и сакав да започнам врска на „долги патеки“, тоа би било невозможно бидејќи бев премногу емоционално и телесно „осакатена“. Се чувствував како со своите сопствени раце да си го искорнав срцето и да си го фрлив на ѓубриште, како да престанав да постојам.

Сето тоа го проживеав во само неколку години. Како што и се случува кога се игра на полето на Сотоната, западнав во состојба на депресија од која едвај се извлеков. А се извлеков благодарејќи на молитвите на многу луѓе од кои многумина за мене беа и непознати. Во еден момент од мојот живот, во жарот на таа агонија, Исус ме извлече од тоа лудило. Пресудна улога во тоа одигра дон Дамир Стојиќ, кој ми укажа на духовната природа на мојот проблем. Опседнатоста со секс беше производ на духот на блудноста. Бидејќи не бев поврзана на ниеден начин со Бог, не бев под ниедна духовна заштита. И затоа не е воопшто чудно што разни духови на блудноста при вечерните излегувања го препознаваа мојот дух и така работеа на страната на злото. Поради непостоењето на таа духовна заштита во духовната стварност во мојот живот се нижеа само гревови, и тоа секогаш на истото поле – на полето на сексуалноста.

И тогаш… Во главата ми поминуваше мислата: како јас еден ден ќе му кажам на својот иден сопруг со колку мажи сум имала односи. Се сеќавам на денот кога Исус ме чистеше и бањаше во реката на своето Милосрдие, ги вадеше шајките од моето срце, а тие моменти за мене беа толку болни што не можат да се опишат. Страдав, плачев, ги окајував сите свои гревови. Исповедалниците беа преплавени од моите солзи. И ден денеска се прашувам како се случи сето тоа? Како Исус го пронајде патот до моето срце? Навистина не знам како.

Преку целото тоа време се водеше страшна битка за спасение на мојата душа. Спознанието дека Исус, со своите верни ангели, излезе како победник ми претставува нешто најскапоцено во животот. Исус повторно се бореше за мене. И се избори. Благодарение на Него! И денеска се случува да го чисти моето срце од остатоците на тој пагански живот. И денеска ме прочистува, да! Меѓутоа сите мои слабости и гревови ги претворува во прославување на Троединиот Бог во мојот живот. Веќе подолго време сум сама, макар што копнеам по својот иден сопруг, татко на моите деца. Меѓутоа, Господ ми даде да спознам дека можам да ја вратам својата девственост, дека во својот живот ќе го сретнам човекот, во кого ќе бидам заљубена и дека овие моменти на осаменост значат и голема милост. Осаменоста е како мало доаѓање во нас, како мала подготовка за нечие доаѓање. Ми даде спознание дека нема нешто што Он не може да го претвори во добро. Ми рече: „Гледај, правам сè ново“! Возвишено спознание! Ми покажа колкава е моќта на Светата Тајна исповед, моќта на молитвата, на предавањето на своето тело и душа, моќта на Евхаристијата, а над сè, колкава е Неговата жртва на крстот која ја поднесе за мене.

Бог живее во сите нас. Ние сме храм на Светиот Дух. Тој живее во нас! Да го чуваме своето тело, да се облечеме во духовна опрема која ни е потребна за успешно да се бориме против сите духови кои ни се закануваат. Да ја чуваме чистотата на срцето и телото за да му се допаднеме на Бога, бидејќи Тој е нашиот почеток и крај. Без Него немаме ништо, без Него не можеме ништо. Да се загледаме во Христос Распнатиот кој копнее по нашето чисто срце. Ако има од оние на кои гревот од минатото не им дозволува да тргнат напред, не плашете се, бидејќи Господ има одговор на сите наши стравови. Тој одговор е Љубов. Копнејте по Него, потпрете се на Христос, бидејќи својот живот го предаде за вас. А зошто го предаде за вас? Бидејќи ве ЉУБИ? Нека на нашиот пат до Небото не следи заштитата на Предрагоцената Крв Христова и застапувањето на Блажената Дева Марија, нашата Пречиста Мајка.

Превземено до Битно нет

Д.Д./Превод Д.И.

Категорија: Сведоштва

За авторот

Write a Comment

<