Обраќајќи им се на учесниците, папата Фрањо во Ватикан го отвори состанокот „Религиите и образованието: Кон глобален образовен пакт“. „За нас“, рече Папата, „важна е целата формација, која не е само знаење за себе, туку и за братот, создаденото и трансцендентното, бидејќи од новите генерации не можеме да ги скриеме вистините што даваат смисла на живот“. Придонесот на верското образование за соживотот беше во центарот на говорот на патријархот Вартоломеј.
„Како и во минатото, така и денес, со мудроста и хуманоста на нашите верски традиции, сакаме да бидеме поттик за обновување на образовните активности, кои можат да го поттикнат универзалното братство да расте во светот. Ова го истакна папата Фрањо на претставниците на светските религии, кои учествуваа на состанокот што се одржа на 5 октомври 2021 во Клементинската сала во Апостолската палата во Ватикан на тема „Религии и образование: Кон глобален пакт за образование“, кој е дел на Глобалниот пакт за образование, световен настан објавен од папата Фрањо на 12 септември 2019 година за едукација на новата генерација во братство, мир и правда.
„Ако сакаме побратски свет“, рече Папата, цитирајќи ја својата енциклика Fratelli tutti „мора да ги едуцираме новите генерации да го препознаваат, ценат и сакаат секој човек надвор од физичката близина, надвор од местото каде што е роден или живее. „Ова образование нѐ обврзува никогаш да не го користиме Божјето име за да го оправдаме насилството и омразата кон другите верски традиции, да ги осудиме сите форми на фанатизам и фундаментализам и да го браниме правото на секој да избира и да постапува според својата совест. Образованието нѐ обврзува да ја сакаме Мајката Земја и да избегнуваме фрлање храна и средства, како и да споделуваме повеќе од богатствата што Бог ни ги дал за животот на сите“.
Иако во минатото „дури и во име на религијата“ имало дискриминација и не се почитувале правата на жените и слабите или се толерирала експлоатацијата на созданието, „денес“, рече Папата, „сакаме да кажеме дека нашите верски традиции, кои отсекогаш биле протагонисти на писменоста до високото образование, го зајакнуваме своето послание за да го образува секој човек во својата целина: глава, раце, срце и душа, односно во целата негова убавина.
Придонесот на верското образование по прашањето за соживот со оние кои се различни во модерните мултикултурни општества беше нагласен во говорот на Вселенскиот патријарх Вартоломеј, за кого во овој контекст „децата и младите ќе разберат дека интересот за развојот на сопствениот верски идентитет не само што не е пречка за комуникација со различните, туку дека е основа и предуслов за отвореност кон другиот. Само оние кои поседуваат и вреднуваат еден идентитет, можат вистински да се интересираат за идентитетот на другиот, да комуницираат и да соработуваат со него“.
Настанот е дел од образовниот пакт со кој папата Фрањо предлага сеопфатен сојуз способен да одговори на драматичните последици од пандемијата преку глобално зближување во образованието.
Со откажувањето поради пандемијата на светскиот настан во Рим, започнато од папата Фрањо во 2019 година, локалните иницијативи се размножија скоро насекаде и добиваат големо значење на различни институционални нивоа. „Оваа светска средба на претставници на религиите придобива историско значење. Ова е уште еден чекор во долгиот процес на дијалог и учество кон единство“, стои во соопштението од Конгрегацијата за католичко образование.
„Образовниот пакт – стои во соопштението – не е само предлог, туку се карактеризира со конкретност на предлозите. Станува збор за стратешка визија, способна да отвори патишта и проекти на сите образовни, научни и социјални нивоа“. Текстот завршува со потсетување дека „преку образованието, религиите придонесуваат за унапредување на поединецот и имаат намера активно да соработуваат со меѓународните организации со цел да ги едуцираат новите генерации во култура на мир и братство“.
Ватикан њуз/к.мк