Прочка

Прочка

Последната недела пред Големиот Велигденски Пост е посветена на две поважни теми: простувањето и сеќавањето од протерувањето на Адам и Ева од Рајот. Темата за простувањето е нагласено во Евангелското читање според Матеј кое се чита на Божествената Лирутгија, каде што Исус вели:

„Ако им ги простите на луѓето гревовите нивни и вам ќе ви ги прости вашиот Отец небесен; ако, пак, не им ги простите гревовите на луѓето, и вашиот Отец нема да ви ги прости вашите.“

Неопходноста за простување доаѓа од потребата да се помириме со Бога и со луѓето за да може да направиме едно вистинско патување преку подготовката низ Велигденскиот пост. Всушност, плодот на гревот е поделбата, додека плодот на љубовта е заедништвото. Кој ја бара Божјата љубов не може, а да не живее барајќи го заедништвото со браќата.

Во вечерните и утринските молитви, литургиските химни го повикуваат нашето внимание на плачот и жалењето кое Адам го прави заради неговата нова состојба:

Адам седеше пред рајот и плачејќи ја својата голотија вака се жалеше: леле, дозволив да бидам убеден и соголен од една зла измама и да бидам оддалечен од Славата; леле, гол и во едноставноста и сега од сѐ лишен! О рају, никогаш повеќе нема да уживам во твоите задоволства, никогаш повеќе нема да го видам Господ, мојот Бог и Создател, бидејќи ќе отидам во земјата од која бев доведен. Имај милост, о Милостиви, и кон Тебе викам: имај милост за мене кој сум паднат“.

Велигденскиот пост е период во кој со Адам и Ева плачеме пред затворената порта од Рајот, и со нив се каеме за гревовите кои нѐ одделија од заедништвото со Бога. Но Велигденскиот Пост е исто така и период во кој се подготвуваме да го славиме спасителниот настан од смртта на Исус Христос, кој повторно ги отвори за нас портите од Рајот. Така болката за нашето влегување во гревот е ублажено од надежта за нашето повторно влегување во Рајот. (…)

Византиски Календар/З.А.

Категорија: Вера, Духовност

За авторот