На патрониот празник на парохиската црква „Раѓање на свети Иван Крстител“ – Струмица, 7 јули 2018 година, Н.В.П. д-р Киро Стојанов, Скопски бискуп и епископ Струмичко-скопски, служеше света архиерејска Литургија во заедништво со свештеници од Струмичко-скопската епархија. Покрај бројните верници од околните парохии, на светата Литургија присуствуваа и чесните сестри Евхаристинки.
Свечената архиерејска Литургија започна со свечена процесија, а во пригодната проповед епископот Стојанов ја истакна улогата и посланието на свети Иван Крстител, неговите родители, како и улогата на денешните родители во воспитувањето на децата.
По завршувањето на молитвите за добивање потполн опрост и многолетствието, о. Гоце Костов се заблагодари на епископот Стојанов за неговото присуство, за светата Литургија, како и за духовното слово, со што присутни ги охрабри и зацврсти во верата, притоа истакнувајќи дека верниците од парохијата ќе продолжат да се молат за својот епископ и посланието на Црквата во Македонија. Зборови на благодарност беа упатени и на сите оние кои дадоа свој придонес во организрањето на оваа свеченост.
Прославата продолжи во заедништво и агапе во дворот на Црквата, кое беше организирано од црковниот одбор и подготвено од парохјаните.
к.мк