На празникот Благовештение според грегоријанскиот календар, 25 март 2023 година, а по повод патрониот празник на Црквата во Штип Н.В.П. монс. Киро Стојанов служеше света Литургија, на која сослужуваа свештеници од Скопска бискупија и Струмичко – скопска епархија. На светата Литургија присуствуваа сестри Евхаристинки, членови од Марииното дело во Македонија, верници од Штип и други места.
На почетокот од проповедта бискупот Стојанов упати честитки по повод патрониот празник до парохот о. Тони Ангелов и верниците од парохијата во Штип. Потоа се осврна на историјата на спасението и очекувањето на Ветениот Месија во Стариот Завет, истакнувајќи дека верата на Израел била заснована на многу чудесно верување, уверење и обожавање на недопирлив еден и единствен Бог Семоќниот и рече: Така, низ историјата на Стариот Завет на некој начин се подготвуваат за доаѓањето на Месијата кој ќе биде во името на Бога. Всушност, и Бог ќе биде со нас – Емануел. Но народот веќе многупати ја доживеал таа близина на Емануел во помирувањето, кој по падот и прекршувањето на заветот, Бог во својата милост секогаш простувал и бил првиот иницијатор на новиот сојуз. Така го среќаваме Бога како пријател на човекот во целиот Стар Завет.
Во продолжение бискупот Стојанов се осврна на ликот на скромната млада Девица од Назарет, која целосно му припаѓа на Бога и имала желба да му служи само на Бога истакнувајќи дека Бог одлучува да реализира во човечката историја ново создавање на човекот. Така што Тој ќе стане човек преку Децвицата од Назарет и со тоа започнува Богојавлението, каде Бог се појавува не како единствена личност, туку како единствен Бог, ама во три лица, Отецот, Синот и Светиот Дух и додаде: Поздравот на Ангелот бил ненадеен, неочекуван дури и пред Марија да пристигне во куќата на Јосиф. И по две илјади години, кога читаме и размислуваме за овој настан, секогаш е прекрасно изненадување што Бог не ги познава границите на љубовта, туку прави нешто неверојатно. Можеме да си замислиме како само Марија била збунета од тој поздрав кога Ангелот ѝ се обрати со Благодатна, термин со кој му се оддава чест само на Бога. И тоа беше само суштината на пораката што прво ја скрши претходната вера на Марија, бидејќи за неколку минути таа го доби откровението дека Бог Отецот го испраќа вечниот Син преку неа да земе човечка природа за да стане човек и да остане Син на Севишниот, и тоа со силата на Светиот Дух. Евангелистот не премолчува дека Марија била изненадена и исплашена: Што ли значи тој поздрав? Свети Бернард кога го толкува ова таинство, тој пишува дека здивот на ангелот престанал затоа што на Марија не и било наредено, туку и било понудено да го реализира овој голем Божји план, кој веројатно сè уште не можела да го разбере. Како што вели свети Бернард, здивот на вселената престанал, дали сега Марија, новата Ева, ќе му одговори на Бог сосема слободно. Беше искажан најубавиот збор: Нека ми биде според зборовите Твои. И словото стана тело и се всели меѓу нас. Овој одговор сосема слободно даден, но и одлучност да биде целосно послушна на Бога и кога таа апсолутно не разбра, не се двоумеше да ја каже својата дефиниција во таа единствена можност, да ја изрази својата личност како нејзина легитимација со зборовите: Еве ја слугинката Господова.
Исто така бискупот Стојанов потсети дека Црквата ширум светот ги повикува верниците три пати на ден да го исповедат овој факт на вера во облик на молитва за делото на воплотување на Бога кој потоа го изврши чинот на спасението и додаде: Уште еднаш, повторувам, важно е да се потсетиме на претставувањето на Марија: Еве ја слугата Господова, и второ, дека Марија на Божјото слово одговара само со еден правилен став: Нека ми биде според зборовите Твои. Сите знаеме дека за нас како верници најважно во животот е да ја исполниме волјата Божја.
На крајот монсињор Стојанов истакна дека во животот има безброј моменти кога стоиме на раскрсница и гледаме во која насока да се упатиме и ни изгледа дека сѐ е исто и на лево и на десно. Притоа додаде дека е потребно секојдневно да си го поставуваме прашањето, дали она што го правиме и живееме е навистина Божја волја за нас и заврши со зборовите: Ако не сме навикнати секојдневно да го поставуваме тоа прашање, ако не го познаваме учењето на Светото Писмо и не го слушаме учењето на светата Црквата станува вистинска опасност својата волја да ја прогласиме како волја Божја. Денес да се обидеме да го дефинираме нашиот живот со зборовите на Марија: Еве ја слугинката Господова и во честата молитва да повторуваме: Нека ми биде според волјата Твоја – рече на крајот до својата проповед епископот Стојанов.
На крајот од светата Литургија парохот о. Тони Ангелов се заблагодари на бискупот Стојанов, како и на верниците и гостите за нивното присуство.
Ватикан њуз/к.мк