Проповед на Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх во Македонија, монс. Киро Стојанов на полноќната Воскресна Литургија во Скопје
Зошто го барате живиот меѓу мртвите
Драги браќа и сестри, почитувани гледачи покрај телевизиските екрани и слушатели покрај радиоприемниците.
Вечерва Црквата го достигнува својот врв со литургиското славење на најголемото таинство во историјата, кое всушност и ја надминува историјата, а тоа е Воскресението на Господ Исус Христос по тело. Чувствувам должност и одговорност пред Бога сите вас да ве потсетам дека литургијата никогаш, а посебно вечерва не е никаква света претстава на некоја сцена која се нарекува светилиште, туку е свет настан во кој централна личност е самиот Господ Исус Христос. Ние на човечки начин со зборови и знаци се обидуваме колку е можно подлабоко да ја доживееме таа негова присутност, желни за лична средба и како поединци верници и како заедница, за да можеме збогатени од средбата да го носиме во живот.
Во оваа литургиска ноќ Црквата нуди дури девет читања од Светото писмо на Стариот и Новиот завет. За жал, мнозинството од нас Библијата не ja читаат секојдневно и затоа деловите кои се читаат бараат и толкување кое овој обред би го направило многу долг и за поголемиот дел од нас би бил и доста напорен. Благодарен сум на Неокатекуменскиот пат што како мала заедница оваа ноќ ја поминува заедно во размислување на сите читања што ги нуди Црквата. Ние вечерва се сретнавме со темелниот спасителски извадок од Стариот завет, извештај за пасхалното јагне и излеговме на слобода од Египет. Тоа е неизбежен настан на спасението на верниците на избраниот народ, бидејќи од ропство преминаа на слобода, во ветената земја во знак на крв и вода: пасхално јагне и премин низ водата на Црвеното море: тој факт е јасен предзнак во навестувањето на Новиот завет кога Христос – Божјото Јагне со својата смрт на крстот ќе го ослободи човекот од ропството на гревот и со воскресението ќе ги воведе по крштевањето со вода и Светиот Дух во ветената земја – што е Црквата. Овој настан избраниот народ сѐ до денес го слави како благодарност за ослободувањеto. Пророчкиот збор кој го прочитавме навестува каков е тој ослободен човек. Тој е препороден, продуховен и помазан со Светиот Дух за бесмртност.
Посланието на свeтi апостол Павле до Римјаните нѐ воведува во најдлабоката смисла на Велигденскиот настан. Имено, наскоро ќе го допреме врвот на оваа ноќ, а тоа е обнова на крстните ветувања. Инаку, посланието до Римјаните е најтемелниот документ на Новиот завет. Апостолот гледа дека оној кој е крстен со крштевањето вронува во Христовата смрт. Со смртта во крштевањето исчистени сме од гревот, бидејќи заедно со Христос сме го распнале стариот човек кој робуваше во гревот, така што кој почине оправдан е од гревот. А со крштевањето кое е умирање на стариот човек го воскреснуваме новиот човек кој се облекува во Христос.
Браќа и сестри тоа е централната мисла и многу важна за човекот посветен на верата. Ние вистински веруваме дека Бог не само што ја проштева нашата грешност – што е особено важно во оваа година на Милосрдието, туку уште повеќе, и го уништува нашиот грев. Како што Христос во смртта ја разори моќта на смртта, така Бог по неговото воскресение ја разорува моќта на гревот.
Ова е ноќ кога можеме да пееме о блажен ли е гревот кој таков и толкав го заслужува Откупителот. Темелен настан вечерва е откажување од гревот и прифаќањето на милоста на крштевањето и сега со обновата на крстните завети, навистина станавме нов човек. Еден таков зафат на Божјата милост во нашиот живот никако не е обред или церемонија, туку настан. Затоа ве повикувам навистина да нурнеме во себе, во својата совест и јасно да го поставиме прашањето: каков е нашиот став кон нашата грешност и дали имаме желба и отвореност да се откажеме од гревот и да прифатиме милост на новото раѓање што ни ја носи верата во Христос Воскреснатиот.
Евангелието со жените нѐ води на Исусовиот гроб. Гробот е празен. Ангелскиот збор навестува несфатлив настан: „Зошто го барате Живиот меѓу мртвите?“ Тие се вознемирени, исплашени, бидејќи тие го помазаа, погребаа, како тој сега да е жив.
И нив не им е јасен поимот воскресение, бидејќи мислат дека мртов стана. И тоа е големо чудо, но не браќа и сестри, воскресението е нов космички настан на побожување на материјалниот свет. Уште во свое време големиот мислител на преминот во 20 век Техар Дежарден тврди дека материјата според својата природа е копнеж за побожување. Свети Павле исто ни го вели дека целата природа се мачи во породилни болки до мигот на својата побожесвеност. Христовото Воскреснато тело е негово вистинско тело кое ги исчекори законите на нашата физика и затоа е вистинско, реално, материјално тело, но вечно и ново. Тој факт го надминува нашето искуство и затоа често бегаме и во својата вера на многу празнувања кои се полесни и поромантични. Но, да се празнува Велигден вистински не може без средба со тоа чудо на Божјата големина. Во таа Воскресна надеж на крајот очекуваме и свое воскресение. Книгата на Откровението вели: и ќе биде сѐ во сѐ Бог. Тоа не е пантеизам дека е сѐ Бог, но сѐ постои во него. Со воскресението очигледно тоа ќе ни биде јасно.
Браќа и сестри, во овој од на верата сакам барем малку да го почувствуваме Исус, Духот на Воскресението, и да ни ги отвори камените срца и очите на Духот за да можеме да веруваме. Бидејќи, без Воскресение нашиот живот не може да има смисла. Измамник е секој кој тврди дека крајот на животот е гробот. Уште нешто: никогаш да не заборавиме дека жените од гробот станаа и сведоци и радосни навестителки на Исусовото воскресение. Тоа треба да бидеме и ние: Радосни сведоци.
Честит празник Воскресение Христово, празник на верата, настан и сведоштво. Амин.
к.мк
Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк