Проповед на кардиналот Паролин на благодарствената Литургија
Кардиналот Пиетро Паролин, Папскиот државен секретар, на плоштадот Свети Петар ја предводеше благодарствена Литургија за канонизацијата на Мајка Тереза. Во својата проповед кардиналот се потсети на неколку клучни моменти од нејзиниот живот и жедта за Господ, која го водеше секое нејзино дело.
„Caritas Christi urget nos: Христовата љубов нè поттикнува“ беше мисла водителка на неговата проповед. Овие зборови, рече кардиналот, го сумираат оној пламен на љубовта кој ја поттикнуваше – сега Света Мајка Тереза за време на нејзиниот живот и кој нè поттикнува да го следиме нејзниот пример. Потсети дека Мајка Тереза често се нарекувала „мал молив во Господовите раце“.
„Мајка Тереза“, додаде кардиналот, „беше огледало на Божјата љубов и прекрасен пример за служење на нашите ближни, особено најсиромашните, отфрлените и напуштените.“ Се присети на нејзните постојани борби за правата на неродените, кои произлегоа од тоа што таа увиде дека најлошата форма на сиромаштвото е „да бидеш нељубен, непосакуван, да бидеш презрен.“ Додаде дека „ова сознание ѝ помогнало да ги препознае неродените деца како „најсиромашните меѓу сиромашните“, како оние чие постоење е загрозено. Неродените деца повеќе од било кој друг човек зависат од мајчината љубов и грижа како и за заштита на општеството“.
Потсети и на говорот на Мајка Тереза на доделувањето на Нобеловата награда за мир во 1979 година, во кој кажа дека „многу е важно да се сфати дека љубовта, за да биде вистинска, мора да боли. Исус го болеше да нè љуби. Го болеше.“ Додаде дека овие зборови се „како врата низ која влегуваме во бездна, која го опкружуваше животот на светицата.
На крајот од проповедта, кардинал Паролин повика на сеќавање на два едноставни збора кои светицата ги постави над влезот во секоја куќа на Мисионерките на љубовта: „Жеден сум“. Овие зборови, заврши кардиналот, означуваат „жед за свежа, чиста вода; жед за утеха на душата; да биде откупена од нејзината „грдост“ за да се направи убава и пријатна во очите на Бог; жед за Бог; за Неговото живо и прозрачно присуство. „Жеден сум“; ова е жед која горела во Мајка Тереза: нејзиниот крст и нејзиното воодешување, нејзина мака и нејзина слава“.
Света Тереза од Калкута, моли се за нас!
РВ/к.мк