Проповед на бискупот Стојанов на денот на Богопосветените лица

Проповед на бискупот Стојанов на денот на Богопосветените лица

И ќе ми бидете сведоци

Драги браќа и сестри се наоѓаме на врвот на нашата овогодишна средба, а таа средба е со Евхаристискиот Исус и меѓусебно околу трпезата Господова. Секогаш е новост да се размислува за таа порака која е толку чудесно опишана во евангелието. Исус за прв пат влегува во својот Храм, односно Бог влегува во поседување на просторот за кој се верувало дека од самиот почеток е Божји шатор меѓу луѓето. Зарем е можно дека духовните водители на Избраниот народ се толку далеку отидени од вистинскиот култ на почитување на Бога дека Храмот бил сѐ освен место за средба со Бога.

Два факта се впечатливи: Тоа е оваа средба во која од сето мноштво само Тој е кој влегува во срцето на Храмот и кој познава само две лица и тоа возрасни.

И вториот факт или настан е оној кога за триесет години Исус се пресметува во својата ревност, дури и физички што од таа Очева куќа направиле куќа разбојничка. Самиот Исус ќе плати со жртва на смртна осуда затоа што се осмелил да прорече пропаст на Храмот, дури и не говорејќи за тој Храм, туку за храмот на своето тело. Во овој миг на историјата не можеме, а да не забележиме една голема мачнотија која ја мачи или би требало да не загрижува не само нас како духовни лица туку и секој верник, а тоа е терминот – празен храм – празни цркви. Црквата како место на средба на Божјиот народ е привилегирано место каде христијаните низ долгата историја влегувале со страхопочитување пронаоѓајќи вечна светлина и со сите свои тешкотии, паѓање на колена побожно ги препуштале своите животни патишта на Бога за кого верувале дека Евхаристиски е присутен во Црквите.

А денес, посебно на Запад, Црквите ги претвораат во музеи за да можат да се одржуваат како скапи објекти, се плаќаат влезници, посетителите не се повеќе верници, а Светохраништата се сокриваат од љубопитните погледи на модерните туристи. Не е ли еден од мечевите на болката што го прободува срцето на Светата Мајка Црква токму фактот дека храмовите ни се претворени во туристички атракции. Боли, силно боли тоа сознание дека сѐ уште тука и таму се наоѓа по некој молител во нашите Цркви како што се Симеон и Ана. Ова реалност на овој празник сѐ повеќе станува актуелно прашање: Каде оди современото христијанство? Благодарение на Бог, кај нас сѐ уште не е така. Сепак, како вистински верници нѐ боли што кај нашите, можеби малку, подалечни соседи веќе е така. Се прашуваме: Зошто? Како е тоа можно?

Многу одамна ја читав книгата, а можеби и некои од вас: „Вовед во христијанството“ од младиот професор Јозеф Рацингер, подоцна папа Бенедикт XVI, кој уште од тогаш согледал дека Вториот ватикански собор не е сфатен и заради тоа Црквата влегла во криза, барем во Европа и Америка со силно опаѓање, но Рацингер не е песимист. Во тој процес каде тој говори дури и во проценти не е престрашен, туку предупредува дека тоа е историски час на чистење. Како Бог не ја напушта историјата и овие историски времиња се во Божји раце. Христијанството се раситнува и брзо расте бројот на рамнодушните. Нема повеќе атеисти, туку тие се мноштво кои живеат, а и се однесуваат како Бог да не постои. Помина времето кога зборуваа за мртвиот Бог, сега е многу поопасно време кога воопшто не се говори за Бог. Каде е нашата личност, улога по звање во тој и таков свет. Токму во онаа реченица во која Исус рече: А вие ќе ми бидете сведоци. Сиот наш живот и пасторал се сведува на силата на сведочењето. Христијанските заедници стануваат малобројни, ама автентични. Тие кои го живеат христијанството го живеат вистински. Тие кои се само номинални христијани од генерација во генерација се губаат. Оттука и овој ден е замислен како ден на средба  во кој сведоците на верата на оваа време ќе се најдат дури и на возраст на Симеон и Ана. Наше е да правиме тоа што пишува за Ана, дека го славела Бога и на сите зборувала за Детето. Зарем света Мајка Тереза не помина по светот правејќи го тоа. Славејќи го Бога и зборувајќи за Исус. Можеби не привлече мноштво и формално да припаѓа на Црквата, но едно е сигурно дека многу срца донела до Христовата љубов. А тоа е битно, бидејќи Духот дува каде сака, така говори Исус. Нека оваа Евхаристија биде извор на нашата взаемност, да истраеме верно и радосно, бидејќи ако сведочиме живот, тогаш мора да бидеме радосни. Амин.

к.мк

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот