На иницијатива на папата Фрањо, делегација на Светиот Престол, предводена од кардинал Петер Турксон ја посети Украина, за да се согледа состојбата на низата хуманитарни проекти, реализирани по желба на Папата преку проектот „Папата за Украина”, за помош на населението погодено од воениот конфликт.
Ватиканската делагација својата посета ја реализира од 14 до 18 ноември, а беше придружувана од апостолскиот нунциј во Украина монс. Клаудио Гуџероти. Во Донецк и Харков ватиканските претставници се сретнаа со семејства, кои сериозно се погодени од воените дејствија, започнати во 2014 година. Исто така делегацијата го посети „Краматорск Сити Хоспитал”, центар за психо-социјална рехабилитација на деца со пост-трауматски стрес, каде донираа медицинска опрема, како и социјалниот центар за сиромашни и бездомници во црквата „Успение на Пресвета Богородица“ во Харков.
На 17 и 18 ноември во Апостолската нунцијатурата во Киев, кардинал Турксон се сретна со претставници на граѓанските власти, дипломатскиот кор и со епископите од двата обреда на Католичката црква во Украина. Ватиканската делегација зеде учество на молитвената средба за мир со локалните верници, а кардинал Турксон служеше Литургија во конкатедралниот храм Свети Александар. Во Киев Ватиканските претставници ја посетија кујната за сиромашни и бездомници, за која се грижат сестрите на Мајка Тереза, а остварија средби со Каритас и хуманитарни локални и меѓународни организации кои учествуваа во проектот „Папата за Украина”.
Со овој хуманитарен проект, кој започна во јуни 2016, папата Фрањо сака да ја изрази својата близина и солидарност со целиот украински народ и особено со оние кои страдаат од долготрајните драматични услови предизвикани од војната, независно од религијата или етничката припадност.
Во рок од две години, проектот „Папата за Украина” собра 16 милиони евра од сите католички епархии во Европа и лична донација од папата Фрањо, наменети за повеќе од 900 илјади лица на подрачјата погодени од воените дејствија, како и соседните подрачја, како и во областите каде има голем број на раселени лица. Од нив 6 милиони евра се наменети за потребите на повеќе од 107 илјади лица во области во кои температурите достигнуваат до -25 степени и тоа за греење на станбени домови, јавни згради и поправка на здравствени и образовни згради; 2 милиони евра за здравствениот сектор (лекови и медицинска опрема); 6 милиони евра за прехранбени производи за сиромашните, новороденчињата и бремените жени и повеќе од 1 милион евра за психо-социјална помош од пост-трауматски стрес, институции за рехабилитација и психолошки центри за возрасни и деца.
Ватикан њуз/к.мк