Претседателот на Италијанската бискупска конференција, Папски пратеник, од 17 до 19 јули 2023 година ќе престојува во главниот град на Соединетите Американски Држави. Светиот Престол истакнува дека „целта на посетата е размена на идеи и мислења за актуелната трагична ситуација и поддршка на хуманитарни иницијативи насочени кон ублажување на страдањата на најзагрозените луѓе, посебно на децата“.
Мисијата на кардинал Матео Зупи, надбискуп од Болоња и претседател на Италијанската бискупска конференција, како Папски претставник има за цел „намалување на тензиите“ на конфликтот во Украина, и неговата мисија не заврши во Киев и Москва, туку продолжува во Вашингтон од 17 јули до среда 19 јули.
Поддршка на хуманитарни иницијативи
Ова е потврдено во соопштението за печат на Светиот Престол во кое се истакнува дека посетата се одржува во контекст на мисијата насочена за промовирање на мир во Украина, а исто така има за цел размена на идеи и мислења за актуелната трагична ситуација и поддршка на хуманитарни иницијативи, да им се помогне на луѓето кои страдаат, оние кои се најпогодени и најранливите, посебно децата. Како и во претходните фази од мисијата, кардиналот е придружуван од службеник на Државниот секретаријат.
Мисија
Кардиналот Зупи беше во Киев на 5 и 6 јуни и во Москва на 28 и 29 јуни. Светиот Престол во мај ја објави веста за „мисијата“ на претседателот на Италијанската бискупска конференција, која му ја довери Светиот Отец, а која веќе ја соопшти самиот папа Фрањо при враќањето од Унгарија. Тоа е мисија за која, како што подоцна објасни државниот секретар Пјетро Паролин, посредувањето не е непосредна цел, туку нејзината цел е пред сè да се направи обид за создавање атмосфера, да се поддржи средина која ќе овозможи да се дојде до патиштата на мир. Кардиналот Паролин, исто така, одговарајќи на прашања на новинари на маргините на настанот во Рим за можноста иницијативата на Светиот Престол да вклучи и други соговорници освен Русија и Украина, како Соединетите Американски Држави и Кина, рече дека тие не сакаат да исклучат никој од дијалогот, кој го посакува Папата.
Посетата во Киев
Во текот на двата дена поминати во Киев, кардиналот Зупи одржа серија состаноци, вклучително и со претседателот Володимир Зеленски и Дмитро Лубинец, украински парламентарен комесар за човекови права, како и со членови на Советот на Цркви и верски организации. Во тие денови, тој се помоли во Буча, град на неколку километри од Киев, кој беше на насловните страници на почетокот на конфликтот поради масакр врз цивили, оставени на улица или фрлени во масовни гробници. Резултатите од тие разговори несомнено ќе бидат корисни за проценка на чекорите што треба понатаму да се преземат на хуманитарно ниво, како и во потрагата по патиштата за праведен и траен мир – се нагласува во ватиканското соопштение за печат.
Посетата во Москва
Трите дена што кардиналот Зупи ги помина во Москва беа исполнети со разни состаноци. Кардиналот не се сретна со претседателот Владимир Путин, но имаше долг разговор со Јуриј Ушаков, помошник за надворешна политика на претседателот на Руската Федерација и Марија Лвова-Белова, комесарка на претседателот на Руската Федерација за правата на децата. Тоа беа две можности на кои беше истакнат хуманитарниот аспект на иницијативата, како и потребата од постигнување на толку посакуваниот мир. Папскиот пратени ја започна својата мисија со молитва пред иконата на Пресвета Богородица Владимирска. Кардиналот Зупи се сретна и со патријархот Московски и на цела Русија Кирил; Светиот Престол ја опиша таа средба како „плодна“. По тој повод, кардиналот му ги пренесе поздравите на Светиот Отец на патријархот, а потоа се осврна и на хуманитарните иницијативи кои би можеле да помогнат за мирно решение.
За време на 72 часа поминати на руско тло, кардинал Зупи имаше средба со Конференцијата на католичките бискупи на Русија, со кои и заедно со поголема група свештеници, а во присуство на амбасадори и претставници на Министерството за надворешни работи, кардиналот Зупи ја предводеше свечената света Литургија во катедралата на надбискупијата Мајка Божја во Москва.
Разговор со Папата
По враќањето во Рим, по повод презентацијата на книгата на Андреа Рикарди „Крик на мирот“, одржана на 4 јули, кардиналот Зупи за печатот потврди дека се сретнал со папата Фрањо за да го информира за неговата мисија. Секако, го видов Папата – рече тој, нагласувајќи дека сега приоритет е да се работи за најранливите, како што се децата, и да се види дали може да се започнат механизам за нив и хуманитарно да се помогне. Кардиналот изрази и надеж дека ќе почне од најмалите, со оние кои се најслаби. Децата мора да имаат можност да се вратат во Украина. Следниот чекор затоа ќе биде прво да се провери, а потоа да се види како да се вратат, почнувајќи од најслабите – рече тогаш кардиналот Зупи. Оваа цел беше потврдена и денеска, во поглед на патувањето во главниот град на Соединетите Американски Држави.
Ватикан њуз/к.мк