Преку Кршетнието христијанинот е „Христофор“ во светот

Преку Кршетнието христијанинот е „Христофор“ во светот

Со благодатта на Крштението, христијанинот станува навистина Христофор”, односно “носител на Христос” во светот, дарувајќи надеж и светлина во ситуациите на тага, очај, мрак и омраза“ – истакна папата Фрањо на 2 август 2017 година на првата Генерална аудиенција по летната пауза, која поради високите температури во текот на овие денови во италијанската престолнина се одржа во ватиканската сала „Павле VI”. Во целост ја пренесуваме катехезата на Папата.

*****************

Црквите некогаш биле свртени кон исток. Во светиот простор се влегувало преку врата која била свртена кон запад, поминувајќи низ црквата, свртени кон исток. Тоа било важна симболика за луѓето во антиката, алегорија која со текот на историјата постепено исчезнува. Како луѓе на модерното време, не сме навикнати да ги забележуваме големите знаци на вселената, скоро и да не се осврнуваме на една таква работа.

Западот е главна точка на зајдисонцето, каде што светлината умира. Напротив Истокот е правецот од каде првото светло на зората ја победува темнината и потсетува на Христос (ново Сонце) од висините, над хоризонтот на светот (Лука 1,78).

Страрите обреди на крштение предвидуваа катекумените во првиот дел исповедта на верата да ја извршат со поглед упатен кон запад. Во таа положба ги прашуваат: „Дали се откажуваш од Сатаната, неговите служби и неговите дела?“ И идните христијани заедно одговарале: „Се откажувам!“. Потоа се свртувале кон апсидата, во правец на исток, од каде се раѓа светлото и кандидатите за крштение повторно ги прашувале: „Дали верувате во Бог Отецот, Синот и Свеиот Дух?“ Сега одговарале: „Верувам!“

Во модерните времиња оваа финеса е делумно изгубена: ја изгубивме чувствителноста за „јазикот на вселената“. Секако остана исповедта на верата, составена согласно прашањата за Крштение, која е карактеристика за славење на сите Свети Тајни. Сепак во своето значење останува недопрена. Што значи да се биде христијанин? Тоа значи да се гледа кон светлото, да се продолжи да се исповеда верата во светлото, па и тогаш кога светот е завиен во ноќ и темнина.

Христијаните не се изземени од темнината, како надворешната, така и од внатрешната. Не живеат надвор од светот, туку преку Христова милост, која ја примиле на Крштението се „ориентирани“ (упатени кон ориентот – исток): не веруваат во темнината, туку во јасноста на денот; не подлегнуваат на ноќта, туку се надеваат на зората; не се надвладејани од смртта, туку прибегнуваат кон воскресението; не се прилепуваат кон злото, бидејќи постојано се надеваат во бескрајната можност на доброто. Тоа е нашата христијанска надеж. Светлото е Исус; спасението ни го донесува со своето светло и не спасува од темнината.

Ние сме тие кои веруваат дека Бог е Отец; тоа е тоа светло! Не сме сираци, туку имаме Отец кој е Бог! Веруваме дека Исус слезе меѓу нас и помина преку истиот наш живот, станувајќи наш другар – посебно на сиромашните и слабите; тоа е тоа светло! Веруваме дека Светиот Дух без престанок делува за доброто на човештвото и целиот свет и дека на крајот најголемата болка во историјата ќе биде надвладејана: тоа е надежта поради која секое утро повторно се будиме!

Веруваме дека секое чувство, секое пријателство, добри желби, секоја љубов, па дури и оние најмалите и заборавените, еден ден ќе најдат исполнување во Бог: тоа е силата која нѐ поттикнува секој ден со ентузијазам да го прегрнеме својот живот! И тоа е нашата надеж! Да се живее со надеж значи да се живее во светлина, во светлината на Бог Отецот, во светлината на Исус – Спасителот и во светлината на Светиот Дух, кој нѐ поттикнува да одиме напред.

Постои уште еден многу силен знак на крштелната литургија, кој нѐ потсетува на важноста на светлината. На крајот од обредот, на родителите – ако станува збор за дете – или пак на самиот крштеник – доколку станува збор за возрасен – му се дава свеќа, која е запалена од Воскресната свеќа. Станува збор за Свеќа која во воскресната ноќ, во потполно темна црква, се влегува како би се покажало таинството на Исусовото воскресение; од оваа Свеќа сите останати ги палат своите свеќи и пламенот го предавааат на ближните: во тој знак се навестува Исусовото воскресение во животот на сите христијани. Животот на Црвата е … – прилично силен израз: Животот на Црквата е „контаминација“ на светлото. Колку повеќе Исусовото светло е во животот на Црвата, толку повеќе Црквата е пожива. Животот на Црквата е контаминација на светло.

Најубав поттик кои меѓусебно можеме да си го посакаме е оној во кој секогаш ќе се потсетуваме на своето крштение. Сега би сакал да ве прашам: Колку од вас се сеќавате на датумот на своето крштение? Не одговарајте, можеби на некој би му било непријатно. Размислите… „Јас не се сеќавам…“ – Добро. Денес тоа ви е домашна задача – одете кај својата мајка, татко, стрина, чичко, баба, дедо и прашај ги: Кој е датумот на моето крштение? И повеќе не го заборавај! Дали е тоа јасно? Дали ќе го направите тоа? Денес да се дознае или да се присетиме на датумот на своето крштение, кој е датумот на нашето повторно раѓање, датумот на светлото. Тоа е датум на кој – си го дозволувам тој израз – сме контаминирани со Христовото светло. За домашна задача: „да се дознае или да се присетите на датумот на своето крштение“.

Два пати сме родени: првиот пат за природен живот, а вториот – благодарејќи на средбата со Христос, на крштелниот извор. Тука ја умревме смртта, како би живееле живот на деца Божји, во овој свет. Тука станавме луѓе, како што никогаш не сме замислувале. Ето поради тоа треба да го шириме мирисот на Миропомазанието, со кое сме обележани на денот на своето крштение. Во нас живее и делува Духот на Исус, Првороденец меѓу многуте браќа, меѓу сите оние кои се противат на неизбежната темина и смрт.

Колку е голема милоста кога христијанинот навистина ќе стане „Христофор“, носител на Исус Христос во светот! Над сѐ (милост) за оние кои поминуваат низ губиток, очај, темнина и омраза. А тоа се подразбира во толку мали посебности; од светлината која христијанинот ја има во очите, од ведрината која се има и во најтешките денови, потоа волјата повторно да се започне „да се посакува добро“ – па и тогаш кога постои искуство на многу разочарувања!

Во иднина кога ќе се пишува историјата на нашите денови, што ќе кажат за нас? Дека сме биле неспособни за надеж или дека својата светлина сме ја ставиле под капак? Ако останеме на своето крштение, ќе го шириме светлото на Божјата надеж, а Крштението е почеток на надежта – Божјата надеж; ќе можеме на идните генерации да им ја пренесеме причината за живот.

И да не заборавам, што имавме за домашната задача? – Да се присетиме на датумот на своето Крштение! Ви благодарам!

РВ/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот