Предавање на Н.В.П. монс. д-р Киро Стојанов на Денот на посветениот живот: Одблесокот на Божјата светост во нашиот живот
Браќа свештеници, почитувани сестри, Втори февруари е меѓународен ден на посветениот живот. Но, бидејќи, не бевме во можност оваа наша средба да ја реализираме на самиот ден ја реализираме денес во која сме вклучени целото духовенство на Католичката црква од двата обреда во Македонија. Всушност со оваа наша средба, духовна обнова и со оваа предавање ја започнуваме Годината на Бога посветените лица, а која ја прогласи Светиот Отец папа Фрањо за целата Католичка Црква во светот. Веќе навикнавме од Понтификатот на папата Павле VI да на ниво на целата Црквата поедина година со својата содржина и молитва се сконцентрира на една тема која е предизвик или потреба за препознавање на знаците на времето како тоа за Соборот убаво го кажа папата Иван XXIII. Одговор е тоа и грижа за целата црковна заедница за проблемите а во исто време и прилика за на одредена тема се размислува, моли и приредуваат разни манифестации во целата Црква. Сите вие добро знаете дека нашиот современ свет се наоѓа во една голема криза. Таа криза не го зафати само стариот континент Европа, туку и Америка а полека и сите делови на светот. Сведоци сме на времето кое некогаш историјата ќе го одбележи како смена на цивилизациите. Тоа што ние повозрасните и средни години сме го запаметиле тоа е веќе останато во сеќавањата. Младите не препознаваат во тие наши изминати настани во начинот на размислувањето и животот доволно вдахновение за да и самите отидат по тој пат. Така се случува да промената на цивилизациите оди и во судир со генерациите. Како секој судир не може да биде без жртва, така забележуваме дека нашето општество е како разретчена шума или покосена нива и на тој начин манастирите ни се сè попразни а животот во нив често станува вистинско чистилиште.
Додека ние тоа „во мало“ го препознаваме и во Македонија колку повеќе сеопштата Црква тоа го препознава на светско ниво. Св. Отец Фрањо, кој и самиот беше (монах) редовник, доаѓајќи во Рим забележа дури до небото нужна потреба да се обнови животот на Бога посветените лица да низ размислување, молитва и други начини на пристапување кон оваа тематика се дојде најнапред до јасно согледување на СЕГАШНАТА СИТУАЦИЈА. Нема смисла да ги затвораме очите пред фактот на анализата на реалноста. Уште поголема е несмисленоста да се падне во безнадеж, очајување и бесконечни поплакувања бидејќи тоа не приличи на христијаните кои веруваат во живиот Бог а камоли во Бога историјата односно на Бога посветените лица. Затоа оваа пасторална година во целиот свет е ставена во движење да на сите нивоа Црквата бара нови патишта како да во денешно време во современиот свет се живее посветен живот за Црквата и во Црквата. Според нашите скромни можности и јас се одлучив во договор заедно со вас почитувани сестри да во оваа пасторална година барем четири пати сите заедно се собереме на размислување, молитва и славење Евхаристија. Ако драги Бог благослови имам желба сите овие четири дена да бидам со вас и за вас а воедно размислувајќи и молејќи да и нашата Црква во дијаспората одговори на оние предизвици кои се однесуваат до нас и – не дај Боже – ако не одговориме да бидат исфрлени заради нашето не ослушување на таа задача: да одговориме на поставената тема. Така да појдеме денес на тоа годишно поклонение (ходочастие) заедно едни со други и сите за сè со Божја помош и под заговорот на Блажена Дева Марија и нашите свети заштитници да влеземе во одот на Црквата на патот на остварувањето на целите што средишниот Одбор ги предвиди а тоа се: ЕВАНГЕЛИЕТО, ПРОРОШТВОТО И НАДЕЖТА.
Оваа прво предавање носи наслов: Одблесок на Божјата светост во нашиот живот.
1. Што подразбираме под поимот „Божја светост?“ Веруваме во Бога како совршено битие кое е вечно, неизмерно, неискажливо и совршено. Сите овие поими ги надминуваат нашите способности на разбирање. Кога велиме Боже Свети требаме да го прифатиме понизно фактот дека тој поим не го разбираме. Нашиот начин на разбирање, прифаќање е пат на набљудување на сето тоа што Бог создаде. Од создадениот свет – кој е совршен – ние доаѓаме до заклучок: ако создадениот свет е така совршен како е само тогаш совршен неговиот Создател. Знам дека тоа е патот на нашиот разум ама не и духот. Сознавајќи го совршенството на светот го сознаваме разумот, отвораме простор на нашата душа која тогаш се восхитува на тоа совршенство и на таа убавина. Запаметете, кој не знае да се восхитува не може да достигне ниту една Божја особеност, бидејќи Бог не се допира чисто умски туку во духот. Нашето сознание всушност станува доживување со духот на восхитеноста на сето тоа што не опкружува. Иако за духовните автори тоа восхитување е своевидна контемплација, нурнување во суштината на Создателот од Созданието. На тој пат на контемплација на создадениот свет во нас се раѓа чувство на восхит но на посебен начин и чувство на ДОБРИНА. Таа добрина не приближува до сознанието на Божјата светост. Ако знаеме дека Бог не требаше за себе да создаде свет ни останува прашањето за кого го создаде? Сè што не опкружува има прекрасна смисла во себе но на тоа не сме свесни. Убавината на светот, шумските потоци, летот на птиците, толку убаво ја навестува добрината и убавината а да на тоа не сме и не можеме да бидеме свесни. Да си поставиме сосема јасно прашање: Зошто на Бога му требаше тој прекрасен свет кој Го слави? Очигледно дека постоењето на ангелите и луѓето е целта зошто Бог го создаде светот. Божјата убавина, добрина и сите карактеристики што се одразуваат во создадениот свет имаат само тогаш смисла ако постои разумно суштество како што е ангелот и човекот и препознавајќи Го воскликнуваат: Голем си и прекрасен Создателе наш! Во тој восклик нашето разбирање, контемплирање се претворува во молитва и така Бог се објавува на нашиот дух како Создател, голем и свет кој сиот создаден свет го создаде само затоа да во тој свет Тој и ние започнеме разговор. Така доаѓаме до одговорот: Господи Боже наш сè си за нас создал!
2. Сето тоа што досега го рековме е само увод во темелниот одговор кој што сакам да го искажам во оваа предавање а тоа е смислата на нашето постоење. Ќе ги цитирам доста познатите зборови на св. Августин: за себе не создаде Боже и немирно е срцето наше додека не се смири во тебе. Да, целта на создавањето на светот е човекот. Со тоа човекот е повикан во живот само затоа да Бог се дарува, објави, да се покаже на своето создание. Со еден збор да Бог и човекот бидат пријатели. Колку е тажно да ги набљудуваме нашите современици кои во разни отуѓувања и лажни вредности бараат смисла и близина, а не можат да ја најдат, и не ќе можат да ја најдат, ако се одделат, откинат од својот корен. Почитувани сестри, браќа свештеници Бог е нашиот извор на постоење и дословно е „заљубен во човекот“ и не може да не го љуби. Кога Бог не би можел да љуби не би можел да биде Бог. Св. Иван јасно „дефинира“ Бог е Љубов. И кој во Љубовта останува во Бог останува и Бог во него. Така нашиот живот во суштина е сиот насочен кон ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО БОГА. Оваа вистина веќе Стариот завет ни ја даде да ја наслутиме додека Новиот завет во тоа не воведува. Додека во Стариот завет кај пророкот читаме: Бидете свети бидејќи сум јас свет во Новиот завет Исус вели: Бидете совршени како што е совршен вашиот Отец небески! Кога сега – имајќи го сето тоа пред очите – да се запрашаме тогаш во што е светоста Божја? Следи јасен одговор: во Неговата сопствена бит која е Љубов. Што значи, светоста е Љубов, која се покажала и која е разлеена не само во создадениот свет туку најповеќе во нашите срца. Останува прашањето: А зошто самиот себеси ни се објави нам и не повика на светост низ овој краток и макотрпен човечки век? Одговорот е јасен ако го знаеме овој факт: СОЗДАДЕНИ СМЕ НА ОВОЈ СВЕТ НО НЕ СМЕ ЗА ОВОЈ СВЕТ ТУКУ СМЕ ПОВИКАНИ ЗА ВЕЧЕН ЖИВОТ. Наша задача е да низ овој преоден век од нашиот живот да ја сознаеме и исполниме таа Божја светост со нашиот сопствен живот и така низ целата вечност да живееме во Неговата љубов.
3. Што тогаш значи насловот на нашето предавање: Одблесок на Божјата светост во нашиот живот? Почитувани чесни сестри, браќа свештеници, не смееме да ги затвориме очите пред вистината, ако сакате и предизвикот, Бог и светот околу нас очекуваат само едно од нас: ДА БИДЕМЕ СВЕТИ. Тоа не се чудесни и вонредни настани туку тоа е обичен човечки живот кој со сето свое битие се ослонува на Бога, живее од Бога, живее за Бога и сосвојата надеж за вечниот живот го оправдува својот начин на размислување и живеење во конкретниот свет. Луѓето од нас очекуваат само едно: да бидеме светлина во својата скромност, едноставност и понизност кои од својот поглед преку зборови и дела се одразува вистината на верата. Бог е Љубов.
Заклучок: Со желба да одговориме на темелната тема во Годината на посветениот живот во денешната Црква сметам дека само тогаш адекватно ќе одговориме доколку бидеме отсјај на Божјата светост. Со тоа нашиот живот ни малку нема да биде чуден ниту необичен туку онаков каков го замислил Бог во создавањето кога посака човекот да го има за пријател. Божјиот пријател е пријател на луѓето а иднината во животот на сестрите и на Бога посветените лица ќе има само тогаш смисла, ако од тоа Божјо пријателство се извлече заклучок – како нашиот св. Леополд Мандиќ – да се биде пријател на луѓето. Ќе завршам со еден пример од настапот на св. отец папа Фрањо во Асизи кога на Сестрите Клариси отприлика им го рече оваа: Ако некоја од вас мисли дека во контемплацијата и молитвата ја остварила вертикалата и има директна врска со Бога тогаш таа не е Католичка сестра. Католичка сестра е таа која има молитвена вертикала со Бога но има и вистинска хоризонтала на вистински сестрински однос со своите ближни. Нè спасува ни вертикалата ни хоризонталата туку крстот кој ги прави тие две црти. Во центарот на тие две црти си ти сестро и ти брате и јас. Амин.