Во првиот говор во Полска Папата повика на заштита на животот
Животот треба секогаш да се прифаќа и да се заштитува. Овие две работи одат заедно – прифаќање и заштита од зачнувањето до природната смрт. Сите сме повикани да го почитуваме животот и да се грижиме за него – истакна папата Фрањо во првиот говор во текот на апостолското патување во Полска.
Обраќајќи се до претставниците на власта, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Вавел, Светиот Отец истакна дека е среќен што првата средноевропска држава која ја посетува е токму татковината на „незаборавниот свети Иван Павле II основоположникот и промоторот на Светскиот ден на млади“, потсетувајќи на неговиот идеал „Европа која дише со двете белодробни крила“ и „новиот европски хуманизам“ кој има најдлабоки корени во христијанството.“
Ја спомна 1050. годишнина од крштевањето на Полска како „силен момент на национално единство кое потврди дека согласувањето дури и среде разноликоста на мислењата е сигурен пат за остварување на општото добро.“ Рече дека „дијалогот не може да постои освен ако секоја страна не започне од сопствениот идентитет“ и истакна дека е среќен што во Полска не преовладуваше „лошо, негативно сеќавање“ кое опсесивно е концентрирано на изминатите зла, туку „добро, позитивно“ сеќавање кое „Го фали Господ за неговите спасоносни дела.“
Како пример за тоа Папата ја наведе прославата на 50 годишнината од простувањето помеѓу полските и германските епископи по Втората светска војна. Таа иницијатива во која од почеток се вклучени црковните заедници покрена „неповратен социјален, политички, културен и верски процес кој ја промени историјата на односите помеѓу двата народа.“ Во тој контекст ја спомна заедничката изјава на Католичката Црква во Полска и Православната Црква во Москва.
Осврнувајќи се на „сложениот проблем со миграцијата“, Папата истакна дека е потребна „голема мудрост и сочувство за да се надмине стравот и да се оствари повеќе добро“: враќањето на Полјаците кои сакат да се вратат во татковината, но и „дух на подготвеност да се прифатат оние кои бегаат од војната и гладта“ и „солидарност со оние кои се лишени од основните права, вклучувајќи го и правото на вероисповед во слобода и сигурност.“
Ја истакна важноста на „социјалната политика која го поддржува семејството првата и основна социјална единица, помагајќи им на обесправените и сиромашни семејства“, вклучувајќи помош во „одговорно прифаќање на животот.“ „Одговорноста е на државата, Црквата и општеството да следи и конкретно да помага на сите кои се наоѓаат во сериозни тешкотии, така што на детето никогаш да не се гледа како на товар, туку на дар и најранливите и сиромашните да не бидат напуштени“ – рече папата Фрањо.
РВ/к.мк