„МИСИОНЕРИ НА НАДЕЖТА МЕЃУ НАРОДИТЕ“
19 октомври 2025 година
За Светскиот ден на мисиите во јубилејната 2025 година, чија централна порака е надежта (сп. Була Spes non confundit, 1), го одбрав следново мото: „Мисионери на надежта меѓу народите“. Ова ги потсетува поедините христијани и Црквата, заедницата на крстените, на основниот повик да бидат, по стапките на Христос, гласници и градители на надежта. На сите им посакувам време на благодат со верниот Бог кој нè прероди преку воскресението на Исуса Христа од мртвите за жива надеж“ (сп. 1 Петар 1, 3-4) и воедно сакам да потсетам и на некои клучни аспекти на христијанскиот мисионерски идентитет како би можеле да дозволиме да бидеме водени од Божјиот Дух и да гориме со света ревност за новата евангелизациска ера на Црквата, испратена повторно да ја оживее надежта во свет над кој се надвиснуваат мрачни сенки (сп. Енциклика Fratelli tutti, 9-55).
- По стапките на Христос, нашата надеж
Славејќи го првиот редовен јубилеј од третиот милениум, по Јубилејот на Светата Година две илјади лета, го насочуваме погледот кон Христос, кој е центар на историјата, кој е „ист вчера и денес и во веки“ (Евреите 13,8). Во синагогата во Назарет, тој свечено објави дека Писмото се исполнило „денес“ со неговото историско присуство. Така се откри како оној Кој е испратен од Отецот, помазан со Светиот Дух, да ја донесе Радосната вест за Царството Божјо и да ја проповеда „благопријатната година Господова“ за целото човештво (сп. Лука 4,16-21).
Во тоа мистично „денес“, кое трае до крајот на светот, спасението се исполни во Христос за сите, особено за оние чија единствена надеж е Бог. Во својот земен живот, тој „одеше правејќи добро и лекувајќи ги сите“ од злото и од Злиот (сп. Дела 10,38), враќајќи ја надежта во Бога кај оние на кои им е потребна и кај луѓето. Покрај тоа, тој ги искуси сите човечки слабости, освен слабоста на гревот, а помина и низ тешки моменти што можеа да доведат до очај, како што се агонијата во Гетсиманската градина и на крстот. Исус, меѓутоа, сè му довери на Бога Отецот и беше послушен со целосна доверба на неговиот наум за спасение на човештвото, наум за мир за иднина полна со надеж (сп. Јеремија 29,11). Така тој стана божествениот Мисионер на Надежта, најголемиот пример за сите оние кои, низ вековите, го исполнија посланието добиено од Бога дури и во најголемите искушенија.
Преку своите ученици, испратени кај сите народи и на мистичен начин придружувани од него, Господ Исус ја продолжува својата служба на надеж за човештвото. И ден денес, тој се наведнува над секоја сиромашна, ожалостена, очајна и од зло погодена личност за да „излее врз нивните рани елеј на утеха и виното на надеж“ (Предговор „Исус Добриот Самарјанин“). Послушна на својот Господ и Учител и со истиот негов дух на служење, Црквата, заедницата на Христовите мисионерски ученици, ја продолжува оваа мисија, принесувајќи го својот живот за сите меѓу народите. Додека, од една страна, таа мора да се соочува со прогони, проблеми и тешкотии, а од друга страна, со сопствените несовршености и падови поради слабостите на поединечните членови, љубовта Христова постојано ја поттикнува да продолжи на тој мисионерски пат, и во себе, како него и со него, да го прифати крикот на човештвото, всушност, воздишката на целото создание во очекување на конечното искупување. Ова е Црквата што Господ отсекогаш и засекогаш ја повикувал да ги следи неговите стапки: „не статична Црква, [туку] мисионерска Црква, која оди со Господ по патиштата на светот“ (Хомилија на светата Литургија на Редовното Генерално собрание на Епископската синода, 27 октомври 2024 година).
Затоа и ние да се почувствуваме вдахновени и да одиме по стапките на Исус, нашиот Господ, за да можеме, со него и во него, да станеме знаци и гласници на надеж за сите, на секое место и во секоја околност во која Бог ни дозволува да живееме. Преку сите крстени, како Христови ученици мисионери, неговата надеж нека засвети во секој агол од земјата!
- Христијаните – гласници и градители на надеж меѓу народите
Следејќи го Христос Господ, христијаните се повикани да ја шират Радосната вест делејќи ги конкретните услови за живот на оние со кои се среќаваат, станувајќи гласници и градители на надежта. Зашто „радоста и надежта, тагата и маката на луѓето од нашето време, особено на сиромашните и на сите што страдаат, се исто така радост и надеж, тага и мака на Христовите ученици, и нема ништо навистина човечко што не наоѓа одек во нивните срца“ (Gaudium et Spes 1).
Оваа позната изјава на Вториот ватикански собор, која ги изразува чувствата и стилот на христијанските заедници во сите времиња, продолжува да ги вдахновува нивните членови и им помага да одат заедно со своите браќа и сестри во светот. Тука посебно мислам на вас, мисионерите ad gentes, кои, следејќи го Божјиот повик, отидовте кај други народи за да ја навестете Божјата љубов во Христос. За тоа ви благодарам од срце! Вашите животи се конкретен одговор на посланието на Воскреснатиот Христос, кој ги испрати своите ученици да го навестуваат Евангелието на сите народи (сп. Матеј 28, 18-20). Со тоа, потсетувате на универзалниот повик на крстените да станат, со силата на Духот и со секојдневен труд и посветеност, мисионери на големата надеж меѓу сите народи, која ни ја даде Господ Исус.
Хоризонтот на оваа надеж ги надминува минливите реалности на овој свет и се отвора за божествените реалности, чиј предвкус веќе го имаме во сегашниот момент. Како што потсети Свети Павле VI, спасението во Христа што Црквата им го нуди на сите како дар на Божјото милосрдие не е само „внатрешно спасение кое може да се мери со материјални или дури и духовни добра […] кои се целосно идентични со временските желби, надежи, работи и борби: тоа ги надминува сите граници за да се доврши во заедништво со самиот Семоќен, односно со Бога. Ова спасение е натприродно, есхатолошко. Тоа секако започнува во овој живот, но се довршува во вечноста“ (Апостолски поттик Evangelii nuntiandi, 27).
Продуховени од таквата голема надеж, христијанските заедници можат да бидат знаци на ново човештво во свет кој, во „најразвиените“ подрачја, покажува сериозни симптоми на криза на човекот: широко распространето чувство на изгубеност, осаменост и напуштеност на старите лица и неподготвеност да се вложи напор да им се помогне на нашите ближни во потреба. Во технолошки најнапредните земји, близината исчезнува: сите сме меѓусебно поврзани, но не сме во однос. Опседнатоста за ефикасност, приврзаноста кон материјалните работи и амбициите нè водат кон тоа да станеме егоцентрични и неспособни за алтруизам. Евангелието, живеено во заедница, може да ни помогне повторно да станеме целосни, здрави и откупени човечки битија.
Затоа го повторувам повикот да се спроведат во пракса можностите за дејствување споменати во Булата за прогласување на Јубилејот (бр. 7-15), со посебно внимание на најсиромашните и најслабите, болните, старите лица и сите оние кои се исклучени од материјалистичкото и конзумеристичко општество. И тоа да се прави на Божји начин: со близина, сочувство и нежност, и преку негување на личен однос со нашите браќа и сестри во нивната конкретна ситуација (сп. Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 127-128). Честопати тие нè учат како да живееме во надеж. Преку личен контакт ќе можеме да ја пренесеме љубовта на милосрдното срце Господово. Потоа ќе искусиме дека „Срцето Христово […] е живото јадро на првото навестување“ (Енциклика Dilexit nos, бр. 32). Црпејќи од овој извор, можеме, во целата наша едноставност, да ја пренесеме надежта примена од Бога (сп. Петар 1,21) и да им ја донесеме на другите истата утеха со која Бог нè утешува (сп. 2 Коринтјаните 1,3-4). Во човечкото и божественото Срце Исусово, Бог сака да му се обрати на срцето на секој човек, привлекувајќи ги сите кон својата љубов. „Ние сме испратени да го продолжиме оваа послание: да бидеме знак на Срцето Христово и на љубовта на Отецот, прегрнувајќи го целиот свет“ (Обраќање до учесниците на Генералното собрание на Папските мисионерски дела, 3 јуни 2023 година).
- Обновете го посланието на надежта
Соочени со итноста на испраќање надеж во денешно време, Христовите ученици се првите што се повикани да се изградат себеси за да станат „творци“ на надежта и обновувачи на честопати растроеното и несреќно човештво.
За таа цел, треба да ја обновиме во себе пасхалната духовност што ја доживуваме во секое евхаристиско славење, а особено во Пасхалниот тридиум, центар и кулминација на литургиската година. Крстени сме во откупителното таинство на Христовата смрт и воскресение, во Господовата Пасха што ја означува вечната пролет на историјата. Ние, значи, сме „луѓе на пролетта“, со поглед полн со надеж што сакаме да го споделиме со сите, бидејќи во Христос „веруваме и знаеме дека смртта и омразата го немаат последниот збор“ кога станува збор за човечкиот живот (сп. Катехеза, 23 август 2017 година). Затоа, од пасхалните таинства, кои се остваруваат во литургиските славења и Светите тајни, постојано ја црпиме силата на Светиот Дух за да делуваме со ревност, решителност и трпение на огромното поле за евангелизација на светот. „Воскреснатиот и прославен Христос е длабокиот извор на нашата надеж и нема да ни ја прекрати својата помош за да го исполниме посланието што ни го доверува“ (Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 275). Во него живееме и сведочиме за таа света надеж која е „дар и задача на секој христијанин“ (La speranza è una luce nella notte, Ватикан 2024, 7).
Мисионерите на надежта се мажи и жени на молитва, бидејќи „човек кој се надева е човек кој се моли“, како што зборуваше почитуваниот кардинал Ван Туан, кој, во текот на долгиот период на страдање во затвор, ја одржувал надежта жива благодарение на силата што ја црпел од упорната молитва и Евхаристијата (сп. Ф. Ф. Нгуен Ван Туан, Il cammino della speranza, Рим 2001, бр. 963). Да не заборавиме дека молитвата е првото мисионерско дело, а воедно и „првата сила на надежта“ (Катехеза, 20 мај 2020).
Затоа, да го обновиме посланието на надежта, почнувајќи со молитвата, пред сé молитва со Божјото слово, а особено со Псалмите, кои претставуваат голема симфонија на молитва чиј композитор е Светиот Дух (сп. Катехеза, 19 јуни 2024 година). Псалмите нè учат да се надеваме во неволјите, да препознаваме знаци на надеж и да имаме постојана „мисионерска“ желба сите народи да го слават Бога (сп. Псалм 41,12; 67,4). Преку молитвата, ја одржуваме запалена искрата на надежта што Бог ја запали во нас, за да стане голем оган што осветлува и грее сè околу нас, исто така и преку конкретните дела и гестови што ги вдахновува таа молитва.
На крај, евангелизацијата е секогаш дело на заедницата, исто како што христијанската надеж има карактер на заедничка реалност (сп. Бенедикт XVI, Енциклика Spe salvi, 14). Тој процес не завршува со првото навестување и крштевање, туку продолжува со градење на христијански заедници преку придружба на секој крстен човек на патот на Евангелието. Во современото општество, припадноста кон Црквата никогаш не е реалност стекната еднаш засекогаш. Затоа, мисионерското дело на пренесување и обликување зрела вера во Христос е „парадигма на целата активност на Црквата“ (Апостолски поттик Evangelii Gaudium, 15), делување, кое бара и молитва и работа. Тука би сакал уште еднаш да ја нагласам важноста на оваа мисионерска синодалност на Црквата, како и службата на Папските мисионерски дела во промовирањето на мисионерската одговорност на крстените и поддршката на новите партикуларни Цркви. Ве охрабрувам сите вас, деца, млади, возрасни и стари лица, активно да учествувате во заедничката мисија за навестување на Евангелието преку вашето сведоштво со живот и молитва, вашите жртви и вашата великодушност. За тоа Ви благодарам од срце!
Драги сестри и браќа, да се свртиме кон Марија, Мајката на Исус Христос, нашата надеж. Нејзе ѝ ја доверуваме нашата желба за овој Јубилеј и за годините што доаѓаат: „Нека светлината на христијанската надеж допре до секој човек, како порака за Божјата љубов упатена до сите! И Црквата нека биде верен сведок на оваа порака во сите делови од светот!“ (Була Spes non confundit, 6).
Рим, Свети Иван Латерански, 25 јануари 2025 година, Празник на преобраќањето на Свети Павле, апостол.
ФРАЊО