Мисијата во срцето на христијанската вера
Драги браќа и сестри и оваа година Светскиот ден на мисиите нѐ собира околу Исусовата личност „првиот и најголемиот благовесник“ (Павле VI., Evangelii nuntiandi, 7), кој непрекинато нѐ праќа да го навестуваме Евангелието на љубовта на Бог Отецот, со силата на Светиот Дух. Овој ден нѐ повикува повторно да размислуваме за мисијата во срцето на христијанската вера. Имено, Црквата по својата природа е мисионерска; во спротивно не би била повеќе Христова Црква, туку една заедница која брзо би престанала со исполнување на својата цел и би исчезнала. Поради тоа сме повикани да си поставиме одредени прашања за нашиот христијански идентитет и одговорноста, која ја имаме како верници, во свет одбележан со збунетост, разочарување и фрустрација, растргнат од бројни братоубиствени војни, од кои неправедно најмногу се погодени невините. Која е основата на нашето послание? Кое е срцето на нашето послание? Кои се основните пристапи кои треба да ги преземеме при извршувањето на своето послание?
Мисијата и преобразувачката сила на Христовото евангелие, Пат, Вистина и Живот
1.Мисијата на Црквата, наменета за сите луѓе со добра волја, се темели на преобразувачката сила која ја има Евангелието. Евангелието е Радосна вест, која во себе содржи заразна радост и нуди нов живот: живот на воскреснатиот Христос, кој дарувајќи ни го својот животворен Дух, за нас станува Пат, Вистина и Живот (сп. Иван 14,6). Тој е оној кој нѐ повикува да го следиме со доверба и храброст. Во наследувањето на Исус како наш Пат, ја доживуваме неговата Вистина и го примаме неговиот Живот, кој е полнота на заедништвото со Бог Отецот, во силата на Светиот Дух. Тој живот нѐ ослободува од секоја себичност и е извор за креативност во љубовта.
2.Бог Отецот ја посакува оваа егзистенцијална преобразба на своите синови и ќерки. Таа преобразба се истакнува во поклонувањето со дух и вистина (сп. Иван 4,23-24), во живот оживотворен преку Светиот Дух во наследување на Синот Исус за слава на Бог Отецот. „Божја слава е живиот човек“ (Иренеј, Adversus haereses IV, 20, 7). На таков начин навестувањето на Евангелието станува живо и делотворно слово, кое го остварува она што го навестува (сп. Исаија 55,10-11), односно Исус Христос, кој непрекинато се овоплотува во секоја човечка ситуација (сп. Иван 1,14).
Мисијата и Христовиот каирос (време)
3.Мисијата на Црквата, значи не е ширење на некоја верска идеологија, а уште помалку предлог за некоја возвишена етичка наука. Многу движења во светот се способни да побудат возвишени идеали и начини на живеење за осмислен живот. Но преку мисијата на Црквата самиот Исус Христос продолжува да евангелизира и делува. Така неговата мисија во историјата го воприсутнува каиросот, погодно време во историјата на спасението. Со проповедувањето на евангелието, Воскреснатиот Исус станува одново наш современик, така оние кои ќе го прифатат со вера и љубов ја доживуваат преобразувачката сила на неговиот Дух, кој човештвото и созданијата ги прави плодни, како што дождот ја прави земјата да биде плодна. „Неговото воскресение не е нешто што припаѓа на минатото, туку содржи некоја животна сила, која го исполни светот. Таму каде што изгледа дека сѐ е мртво, од сите страни повторно се јавуваат знаци на воскресението. Тоа е неодоливата сила“ (Evangelii gaudium, 276).
4.Секогаш на ум да имаме дека да се „биде христијанин не е резултат на некоја етичка одлука или некоја голема идеја, туку тоа е средба со настан, со Личност, која на животот му дава нов поглед и со тоа конечен правец (Бенедикт XVI., Deus caritas est, 1). Евангелието е Личност, која постојано ни се дарува и оние, кои ќе го прифатат со понизна и побожна вера, постојано ги поканува, да го пренесат понатаму животот преку вистинското учество на пасхалните таинства на смртта и воскресението. На овој начин Еванегелието преку Крштението станува извор за нов живот, ослободен од ропството на гревот, просветлен и преобразен од Светиот Дух, преку Миропомазанието станува закрепнувачко помазание, кое преку истиот Дух, покажува нови патишта и стратегии за сведочење и придружување, а преку Евхаристијата станува храна за нов живот, „лек за бесмртност“ (Игнатиј Антиохијски, Epistula ad Ephesios, 20, 2).
5.На светот насушно му е потребно Евангелието на Исус Христос. Тој, преку Црквата, продолжува со своето послание да биде и понатаму Добар Самарјанин, гледајќи ги крвавите рани на човештвото и како Добар Пастир непрекинато ги бара оние кои лутаат без цел по криви патеки, кои никаде не водат. И благодарение на Бога не недостасуваат многу важни искуства кои сведочат за преобразувачката сила на Евангелието. Тука мислам на студентите од народот Динка, кои по цена на сопствените животи, го заштитиле студентот од племето Нуер, кого сакале да го убијат. Исто така мислам и на она евхаристиско славење во Китгум, Северна Уганда, каде после суровиот колеж, кое го направи група бунтовници, мисионерот го поттикнувал народот да ги повторува Исусовите зборови на крстот: „Боже Мој, Боже Мој, зошто си Ме оставил?”, како знак на очаен крик на браќата и сестрите на распнатиот Господ. За народот тоа славење станало голем извор на утеха и охрабрување. Исто така можеме да се потсетиме на безбројните сведоштва за тоа како Евангелието помага во надминувањето на тесноградноста, судирите, расизмот, племенските судири, и како, насекаде и меѓу сите поттикнува помирување, братство и взаемна размена на искуства и добра.
Мисијата надахнува духовност за постојано излегување, поклонение и прогонство
6.Мисијата на Црквата ја оживува духовноста за постојано излегување. Пред нас се поставува предизвикот за да „излеземе од сопствената удобност и да имаме храброст да појдеме на сите периферии, кои имаат потреба од светлото на Евангелието“ (Evangelii gaudium, 20). Мисијата на Црквата нѐ поттикнува на трајно поклонение преку различни пустини од животот, преку разни искуства на глад и жед за вистината и праведноста. Мисијата на Црквата надахнува искуство на постојано прогонство, во својата жед за бесконечност да станеме свесни дека сме прогонети, кои патуваат кон својата конечна татковина, Царството небеско сместено помеѓу „веќе“ и „уште не“.
7.Мисијата ја потсетува Црквата дека таа не е цел сама по себе, туку понизно средство и посредување за Царството. Црквата која е автореференцијална и се задоволува со земскиот успех не е Христова Цкрва, неговото распнато и славно Тело. Затоа повеќе би требало да сакаме „Црква која доживеала несреќа, која е ранета и валкана, затоа што излегла на улиците, отколку Црква која е болна поради својата затвореност и комоција да си обезбеди сопствена сигурност“ (исто, 49).
Младите, надеж за мисиите
8.Младите се надеж за мисиите. Личноста Исус Христос и Радосната вест која ја навести и понатаму воодушевува многу млади. Тие бараат начини храбро и со воодушевување да се стават во служба на човештвото. „Многу млади ја даваат своја солидарна помош со оглед на проблемите во светот и се посветуваат на разни активности и различни облици на волонтерска работа […]. Колку е убаво да се види дека младите се „патувачки проповедници‟, кои радосно го носат Исус на секоја улица, на секој плоштад, на секое ќоше од земјата!“ (исто, 106). Следното општо редовно собрание на Епископската синода, која ќе се одржи во 2018 година на тема „Младите, верата и препознавање на повикот“ претставува провидоносна можност за вклучување на младите во заедничката мисиска задача за која е потребна нивната богата фантазија и креативност.
Служба на Папските мисиски дела
9.Папските мисиски дела се скапоцено средство за будење на желбата за надминување на сопствените граници и безбедност, како на сите би им го навестиле Евангелието, во секоја христијанска заедница. Преку нив, благодарејќи на длабоката мисионерска духовност која треба секојдневно да се негува, како и во постојаната предаденост во подигнување на мисионерската свест и воодушевување, младите луѓе, возрасните, свештениците, епископите, како и монасите и монахињите, работат на тоа кај сите да се образува мисионерско срце. Светскиот мисионерски ден, кој го промовира Делото за ширење на верата, е добра можност мисионерското срце на христијанските заедници да учествува со молитва, со сведоштвото на животот и со заедништвото на добрата, како би одговориле за големите и разните потреби на евангелизацијата.
Остварување на мисиите со Марија, Мајка на евангелизацијата
10.Драги браќа и сестри, во остварување на своето послание, да се надахнуваме од Марија, Мајка на евангелизацијата. Таа поттикната од Духот, во длабочината на својата понизна вера го прифатила Словото на животот. Дева Марија нека ни помогне да го кажеме своето „да‟, свесни за големата потреба да Исусовата Радосна вест одѕвонува во нашето време. На сите нека ни измоли обновена радост при навестувањето на Евангелието на животот, кое ја победува смртта. Нека се застапува за нас за да стекнеме света смелост, потребна за пронаоѓањето нови патишта за навестување на дарот на спасението за сите.
Од Ватикан, 4 јуни 2017
На празникот Педесетница
Фрањо