Драги браќа и сестри,
Сакам да искажам благодарност на Бог за преданоста со која Црквата во целиот свет во октомври минатата година го живееше вонредниот мисионерски месец. Убеден сум дека придонесе за поттик на мисионерско обраќање во многу заедници на патот назначен на тема: „Крстени и испратени – Христовата Црква во мисија во светот“.
Во оваа година одбележани со страдања и предизвици кои со себе ги донесе пандемијата Covid-19 овој мисионерски од на целата Црква продолжува во светло на зборовите кои ги сретнуваме во извештајот за повикот на пророкот Исаија: „Еве ме, испрати ме мене!“ (6,8). Тоа секогаш е нов одговор на Господовото прашање: „Кого да испратам?“ (исто). Тој повик доаѓа од Божјото срце, од неговото милосрдие кое, во сегашната светска криза, претставува предизвик на кој се повикани да одговорат како Црквата така и целиот човечки род. „Како учениците од Евангелието ненадејно нѐ зафати неочекувана и жестока бура. Сфативме дека се наоѓаме во ист кораб, сите кршливи и дезориентирани, но истовремено важни и потребни, сите сме повикани да весламе заедно, сите имаат потреба од утеха од другиот. Во тој кораб… сите се наоѓаме. Како учениците, кои едногласно и со вознемиреност извикаа: ,загинуваме‘ (р.38), така и ние сфативме дека не можеме да продолжиме понатаму секој за себе, туку само заедно“ (Медитација на плоштадот Свети Петар, 27 март 2020 година). Навистина сме престрашени, дезориентирани и исплашени. Болката и смртта ни даваат да ја искусиме нашата човечка кршливост, но истовремено согледуваме дека сите имаме силна желба за живот и ослободување од злото. Во таа смисла повикот за послание, повикот да излеземе од самите себе од љубов кон Бог и ближниот се покажува како можност за солидарност, служење, посредување. Посланието кое Бог го доверува на секој од нас ни помага да се ослободиме од стравот и преокупираност со самите себе и да сфатиме дека пронаоѓаме самите себе кога се даруваме на другите
Во жртвата на крстот, каде до крај се исполнува Исусовото послание (сп. Ив 19, 28-30), Бог објавува дека ги љуби сите и секого поединечно (сп. Ив 19, 26-27). И од секој од нас бара лична подготвеност да бидеме испратени, затоа што Тој е Љубов која никогаш не мирува, туку секогаш е во „послание“, секогаш излегува од себе како би го дал животот. Од љубов кон луѓето Бог Отец го испрати својот Син Исус (сп. Ив 3, 1-6). Исус е мисионер на Отецот: неговата личност и неговото дело се потполна послушност на волјата на Отецот (сп. Ив 4, 34; 6, 38: 8, 12-30; Евр 10, 5-10). Исус во свое време, распнат и воскреснат за нас, нѐ вклучува во своето послание на љубов, со својот Дух, кој ја оживува Црквата, прави од нас ученици Христови и нѐ праќа на мисија во светот и меѓу народите.
„Мисијата, ,Црква која излегува‘ не е некоја програма, туку желба која сака да се оствари со силата на волјата. Христос е тој кој дава на Црквата да излезе од самата себе. Во посланието за навестување на Евангелието ти се движиш, затоа што Светиот Дух те води и носи“ (Без него не можеме ништо. LEV: San Paolo, 2019, 16-17). Бог секогаш прв нѐ љуби и со таа љубов нѐ пресретнува и повикува. Нашиот личен повик е плод на фактот дека сме синови и ќерки Божји во Црквата, негово семејство, браќа и сестри на онаа љубов која Исус ни ја посведочи. Сите, меѓутоа имаат човечко достоинство втемелено на Божјиот повик да бидат деца Божји и во светата Тајна крштение и слобода на верата да станат она што отсекогаш биле во Божјото срце.
Самиот факт дека бесплатно примивме живот подразбира повик да влеземе во динамиката на себедарувањето: тоа е семе кое кај крштеникот ќе поприми зрел облик како одговор на љубовта во брак и девственост за Царството Божјо. Човечкиот живот се раѓа од Божјата љубов, расте и се стреми кон љубов. Никој не е исклучен од Божјата љубов, а во светата жртва на Исус Христос на крстот Бог го победува гревот и смртта (Рим 8, 31-39). За Бог, злото – па дури и гревот – стануваат предизвик да љуби и тоа да љуби со уште поголема љубов (сп. Мт 5, 38-48; Лк 22, 33-34). Затоа во пасхалното таинство Божјото милосрдие ја лекува праисконската рана зададена на човечкиот род и се излева на целата вселена. Црквата, сеопштата Света Тајна на Божјата љубов кон светот, го продолжува Исусовото послание во историјата и нѐ праќа нас насекаде, за да може Бог, преку нашето сведочење на верата и навестување на Евангелието, повторно да ја покаже својата љубов и да ги допре и преобрази срцата, умовите, телата, општествата и културите на секое место и во секое време.
Посланието е слободен и свесен одговор на Божјиот повик. Но, тој повик го препознаваме само кога живееме личен однос со живиот Исус и неговата Црква. Да се прашаме: дали сме подготвени да ја прифатиме присутноста на Светиот Дух во својот живот, да го слушнеме повикот за послание, дали преку живот во брак или посветен или свештенички живот, во нашето секојдневие? Дали сме подготвени да бидеме испратени на било кое место како би ја сведочеле својата вера во Бог, милосрдниот Отец, како би го навестиле Евангелието за спасение на Исус Христос, како би го споделиле божествениот живот на Светиот Дух, градејќи ја Црквата? Дали сме подготвени како Марија, Исусовата мајка, без задршка да се ставиме во служба на Божјата волја (сп. Лк 1, 18)? Таквата внатрешна подготвеност е многу важна ако сакаме да му кажеме на Бог: „Еве ме, Господи, испрати ме!“ (сп. Ис 6, 8). И тоа не апстрактно, туку во овој час на Црквата и историјата.
Да се сфати што Бог ни зборува во овие времиња на пандемија исто така претставува предизвик за посланието на Црквата. Болеста, страдањето, стравот и изолацијата нѐ ставаат пред одредени прашања. Сиромаштвото на оние кои умираат сами, кои се напуштени, кои останале без работа и примања, бездомниците и оние кои немаат што да јадат нѐ поттикнува на размислување. Присилени да држиме физичко растојание и да останеме дома повикани сме повторно да ја откриеме важноста на општествените односи како и заедничкиот однос со Бог. Тие околности не само што не би смееле да доведат до тоа во нас да порасне недовербата и рамнодушноста, туку би требало да нѐ наведат да посветиме уште поголемо внимание на нашиот однос кон другите. А преку молитвата, со која Бог ги допира и покренува нашите срце, стануваме отворени за потребите на нашите браќа и сестри за љубов, за достоинство и слобода и тоа во нас буди одговорност за целиот создаден свет. Неможноста како Црква да се собираме за славење на Евхаристија (Св. Литургија) нѐ доведе во ситуација да го споделиме искуството на бројни христијански заедници кои не можат секоја недела да присуствуваат на света Литургија. Во такви околности, прашањето кое Бог ни го поставува гласи: „Кого да испратам?“ и од нас очекува великодушен и убедлив одговор: „Еве ме, испрати ме мене!“ Бог продолжува да бара кого да испрати во светот и народите за да сведочи за неговата љубов, за неговото спасение од гревот и смртта, за неговото ослободување од злото (сп. Мт 9, 35-38; Лк 10, 1-12).
Прославата на Светскиот ден на мисиите воедно ни дава можност уште еднаш да потврдиме дека молитвата, размислувањето и материјалната помош се можност за активно учество во Исусовото послание во неговата Црква. Целта на љубовта е изразена во прилозите, кои се собираат на литургиските славења на третата недела во октомври, да се помогне мисионерската работа која во мое име ја извршуваат Папските мисиски дела за да би излегле во пресрет на духовните и материјални потреби на народите и црквите во целиот свет, за спасение на сите.
Пресвета Марија, Ѕвезда на евангелизацијата и Утеха на тажните, мисиска ученичка на својот Син Исус, нека продолжи да се застапува и да ни биде на помош.
Рим, при свети Иван Латерански, 31 мај 2020 година, на празникот Духовден.
Фрањо