(24. септември 2023)
Слободен избор дали да се мигрира или да се остане
Драги браќа и сестри!
Миграциските текови во денешно време се израз на еден сложен и артикулиран феномен, кој за да го разбереме бара внимателна анализа на сите аспекти кои ги карактеризираат сите различни фази од миграциското искуство, од поаѓањето до пристигнувањето, вклучително и евентуално враќање. Со намера да придонесам за овој напор за читање на реалноста, одлучив Пораката за 109. Светски Ден на мигрантите и бегалците да ја посветам на слободата која секогаш би требала да се разликува од изборот за напуштање на сопствената татковина.
„Слободни да заминеме, слободни да останеме“, гласеше насловот на една иницијатива за солидарност, која пред неколку години беше промовирана од Италијанската бискупска конференција како конкретен одговор на предизвиците на современите миграции. И од моето постојано наслушкување од партикуларните (локалните) Цркви можев да разберам дека гаранцијата за една таква слобода претставува раширена и заедничка пасторална грижа.
„Ангелот Господов му се јави на Јосиф во сон, велејќи: ‘Стани, земи го Младенецот и мајка Му, па бегај во Египет и остани таму додека не ти кажам, бидејќи Ирод ќе го бара Младенецот за да го погуби’“…“(Матеј 2,13). Бегството на Светото семејство во Египет не е плод на слободен избор, како што всушност не биле ниту многуте миграции кои ја обележиле историјата на Израилскиот народ. Да се мигрира секогаш би требало да биде слободен избор, но факт е во многу случаи, исто така и ден денес, не е така. Конфликтите, природните катастрофи или уште повеќе едноставно неможноста да се живее еден достоинствен и просперитетен живот во сопствената родна земја принудуваат милиони луѓе да заминат. Уште во 2003 година свети Иван Павле II тврдеше дека „градењето конкретни услови за мир, кога станува збор за мигранти и бегалци, значи сериозно да се заложиме да го сочуваме пред сѐ правото да не се мигрира, т.е. да се живее во мир и достоинство во сопствената Татковина“ (Порака за 90. Светски ден на мигрантите и бегалците, 3).
„И го зедоа доботокот свој и имотот свој, што го беа спечалиле во земјата Хананска, и дојдоа во Египет – Јаков и сиот негов род заедно со него.Го зедоа“ (1. Мојсеева 46,6). Тешката глад била причината што Јаков со целото свое семејство бил принуден да побегне во Египет, каде што неговиот син Јосиф го обезбедил нивниот опстанок. Прогоните, војните, временските непогоди и сиромаштвото се меѓу највидливите причини за современите присилени миграции. Мигрантите бегаат поради сиромаштвото, поради страв, поради очај. Со цел да се елиминираат овие причини и да се стави крај на присилените миграции неопходно е заедничкото залагање на сите, на секој поединец според неговата одговорност. Тоа залагање почнува прашувајќи се што можеме да направиме, но исто така и што мора да престанеме да правиме. Мора да настојуваме за да ја запреме трката во наоружувањето, во економскиот колонијализам, во ограбувањето на туѓите ресурси, во опустошувањето на нашиот заеднички дом.
„А сите, што веруваа, беа заедно и сè им беше општо; продаваа имоти и сопствености и на секого му раздаваа според неговата потреба“ (Дела 2,44-45). Идеалот на првата христијанска заедница се чини толку далечен од денешната реалност! Миграцијата да би ја направиле навистина слободен избор, треба да се потрудиме на сите да им гарантираме правичен удел во општото добро, почитување на основните права и пристап до интегрален човеков развој. Само на тој начин може секому да му се пружи можност да живее достоинствено и да се реализира лично и како семејство. Јасно е дека главната задача им припаѓа на земјите на потекло и нивните власти, кои се повикани да водат добра, транспарентна, чесна, далековидна политика и во служба на сите, особено yа најранливите. Меѓутоа, тие земји мора да бидат ставени во позиција да го прават тоа, а без притоа да се најдат во ситуација да бидат ограбувани нивните природни и човечки ресурси и без надворешно мешање да се фаворизираат интересите на малкумина. А таму каде што околностите дозволуваат да се избира дали да се мигрира или да се остане, сепак треба да се гарантира дека овој избор мора да биде добро информиран и пресметан, со цел да се избегне многу мажи, жени и деца да не станаат жртви на ризични илузии или на бескрупулозни трговци на луѓе.
„Во таа проштална година секој нека се врати на имотот свој“ (3 Мојсеева 25,13). Прославувањето на јубилеј за Израилскиот народ претставувало чин на колективна правда: сите можеа «да се вратат во првобитната ситуација, со бришење на сите долгови, со враќање на земјиштето, и можноста повторно да ја уживаат сопствената слобода што им припаѓала на членовите на Божјиот народ» (Катехеза, 10 февруари 2016). Додека се приближуваме до јубилејната 2025 година, добро е да се потсетиме на овој вид јубилејни прослави. Неопходен е заеднички напор на поединечни земји и на меѓународната заедница, на сите да им се гарантира правото да не мораат да емигрираат, односно можноста да живеат во мир и достоинствено во сопствената земја. Станува збор за право кое се уште не е ставено во закон, но е од фундаментално значење, чија гаранција треба да се сфати како заедничка одговорност на сите држави кон општото добро кое ги надминува националните граници. Всушност, бидејќи светските ресурси не се неограничени, развојот на економски најсиромашни земји зависи од капацитет на споделување кое може да се генерира меѓу сите земји. Сѐ додека ова право нема да биде загарантирано – а до тогаш претсои долг пат – многумина и понатаму ќе мора да заминуваат во потрага за подобар живот.
„Оти, гладен бев и Ми дадовте да јадам; жеден бев и Ме напоивте, странец бев и Ме примивте; необлечен бев и Ме облековте; болен бев и Ме посетивте; во затвор бев и дојдовте при Мене“ (Матеј 25,35-36). Овие зборови звучаат како постојано пердупредување за да препознаеме во мигрантот не само брат или сестра во потреба, туку самиот Христос кој чука на нашата врата. Затоа, додека работиме на тоа секоја миграција да може да биде плод на слободен избор, повикани сме во најголема мера да го почитуваме достоинството на секој мигрант; а тоа значи на најдбар можен начин да ги пратиме и да ги насочиме миграциските движења, градејќи мостови, а не ѕидови, проширувајќи ги каналите за сигурна и редовна миграција. Каде и да одлучиме да ја изградиме нашата иднина, во земјата каде што сме родени или на друго место, важно е таму секогаш да постои една заедница подготвена сите да ги пречека, да ги заштити, да ги промовира и интегрира, без да прави разлика и без никого да го изоставува.
Синодалниот од кој, како Црква тргнавме, не носи кај најранливите – а меѓу нив многу мигранти и бегалци – да видиме посебни сопатници кои треба да ги сакаме и да се грижиме како за браќа и сестри. Само патувајќи заедно можеме далеку да одиме и да стигнеме до заедничката цел од нашето патување.
Рим, Свети Иван Латерански, 11 мај 2023
Папа Фрањо
Молитва
Боже, семоќен Отец,
Дај ни милост ревносно да се завземеме
за правда, солидарност и мир,
за на сите твои чеда да се загарантира
слободен избор дали да мигрираат или да останат.
Дај ни храброст да ги осудиме
сите ужаси во нашиот свет,
да се спротивставиме против секоја неправда
која ја нагрдува убавината на твоите созданија
и ја нарушува убавината на нашиот заеднички дом.
Окрепи не со силата на твојот Дух,
за да ја покажеме твојата нежност
на секој мигрант кој го донесуваш на нашиот пат
па во нивните срца и во секоја средина
да ја шираат културата на средба и на грижа.