Порака на Папата по повод 500 годишнина од раѓањето на света Тереза од Исус

Тереза Авилска нè учи дека патот кон Господ е исто така пат кон луѓето – истакна папата Фрањо во пораката до бискупот на Авила, на денот кога Црквата го слави литургискиот спомен на света Тереза од Исус. Папата пишува на почетокот на јубилејната година по повод 500 годишнина од раѓањето на таа светица, босонога кармеличанка и црковна учителка, која, да потсетиме, е родена на 28 март 1515, а премина на 15 октомври 1582 година.

Евангелието не е оловна торба која тешко се влече со себе, туку извор на радост која го исполнува срцето со Господ и го поттикнува да служи на луѓето – се зборови од пораката на Папата во која говори за света Тереза Авилска како за пример на светица која – како што напиша – брза надвор како би поминала по патиштата на своето време, со Евангелието во рацете и со Духот во срцето.

Папата Фрањо потсети на четири главни точки на духовноста на светицата која живееше во XVI век: радост, молитва, братство и прифаќање на своето време. Ја истакна вредноста поради откривањето на Божјата љубов и поттикот на љубов еден кон друг, а сето тоа – истакна Папата – се храни со молитва. Молитвата, имено, го надвладува песимизмот и поттикнува добри потфати.

Светиот Отец потоа се осврна на важноста да се биде во сопственото време. Затоа за света Тереза Авилска вели дека нејзиното мистично искуство не ја одвои од светот, ниту од човечките грижи, туку напротив и даде нов поттик и храброст за делување. Тереза од Исус ги живееше тешкотиите на своето време – додаде Папата.

Говорејќи за „терезискиот реализам“ папата Фрањо истакна дека, кога светот гори, не може да се губи време на неважни работи и потсети на охрабрувањата на света Тереза собрани во некои нејзини записи. Папата се осврна и на советите од светицата кои – како што истакна – се вечно актуелни, па на крајот ги поттикна сите луѓе во културата на привременото да ја живееме верноста ’засекогаш’; да ја покажуваме во светот без надеж плодноста на вљубеното срце и во друштво на мноштво идеали да бидеме сведоци на фактите дека само Бог е довлен.

РВ/С.С.

Категорија: Ватикан

За авторот