По повод Меѓународниот ден на човечкото братство, кој за прв пат се слави годинава, во четврток, 4 февруари 2021 година, папата Фрањо во видео порака ги повика сите луѓе во светот да се почитуваат, потенцирајќи дека имаме избор да бидеме браќа и сестри или сѐ да изгубиме
Во пораката упатена до светската јавност, Светиот Отец изрази благодарност на сите што придонесоа и продолжуваат да придонесуваат за промоција на братството и покрај предизвиците.
„Сестри и браќа се зборови“ – рече Папата, додавајќи дека сите заедно „треба така да се однесуваме и постојано и одново да повторуваме дека едни на други сме браќа и сестри“.
Или сме браќа или на човештвото му се заканува самоуништување
Папата Фрањо посебно признание му искажа на големиот имам Ахмад-Ал-Тајеб за неговото сведоштво за братството и соработката во пишувањето на заедничкиот Документ за човечкото братство за мир во светот и заеднички живот, кој беше објавен пред две години. Папата исто така му се заблагодари на престолонаследникот на Емиратите Абу Шаби, шеикот Мохамед бин Зајед за верувањето во овој проект, како и на судијата Абдел Салам за неговото активно учество во промоцијата.
„Ви благодарам на сите што се приклучивте во братството, бидејќи денес братството е нов браник на човештвото. Или сме браќа или на човештвото му се заканува самоуништување. Ако сите заедно не сме браќа и сестри, сè ќе се распадне. Се соочуваме со предизвикот на овој век и на нашето време. Не е време за рамнодушност. Не можеме да ги миеме рацете од моменталната состојба во која се наоѓаме. И покрај разликите, во културата и традицијата, сите имаме ист Отец“ – рече Папата во пораката.
Да потсетиме, првиот Меѓународен ден на човечкото братство, кој беше основан на 21 декември 2020 година со резолуција на Генералното собрание на Обединетите нации во знак на сеќавање на потпишувањето на Документот за човечкото братство за мир во светот и заеднички живот, се одржува виртуелно со учество на папата Фрањо, кој е потписник на документот, заедно со големиот имам на Ал-Азхар Ахмад ал-Тајеб.
Овој виртуелен настан се одржа во четврток, 4 февруари, преку пренос во живо на повеќе јазици, со почеток во 14.30 часот. Настанот беше организиран од шеикот Мохамед Бин Зајед во Абу Даби и на него присуствуваа папата Фрањо, големиот имам на Ал-Азхар, Генералниот секретар на Обединетите нации Антонио Гутереш и други видни личности.
Ватикан њуз/к.мк