Поздравен говор на Н.В.П. монс. Киро Стојанов до Н. Е. Винко кардинал Пулиќ во Битола

Поздравен говор на Н.В.П. монс. Киро Стојанов до Н. Е. Винко кардинал Пулиќ во Битола

Драги браќа свештеници, чесни сестри, почитувани гости, браќа и сестри во Христос!

Не ми е познато дека во оваа наша Католичка црква „Пресвето Срце Исусово“ во Битола, на територијата каде христијанството е всадено уште од апостолските времиња – да некогаш од било кој Кардинал на Светата Римска црква била славена св. Миса или воопшто посетена. Да, за нас оваа е исклучително важно. Можеби католичката заедница во Битола е мала, но е многу жива и динамична. Со останатите христијани и другите верници, претставуваат живо сведоштво за човечкиот позив да ги живее вредностите со кои се гради поправедно, повистинито и поубаво општество. Верата, која ја живееме е светлина во темнината на современите ветрови кои ги вознемируваат историските хоризонти на модерното човештво и се обидуваат да го изградат животот како да нема Бог. Но, сѐ повеќе чувствуваме во сопствените околности, ако Бог го нема во нашите животи, тогаш се губи и гази и достоинството на човекот. Повикани сме сега повеќе одошто било кога во историјата, да ја освестиме во човекот одговорноста кон дарот на животот и талентите – даровите, што ги примивме од Создателот да го градиме, а не да го рушиме создадениот свет и животите околу себе. Одговорноста која и Црквата денес посебно ја препознава особено е грижата за сиромашните, малите и прогонетите.

Со посебно внимание го поздравувам и новиот парох, дон Паво Шекерија, свештеникот што нам Вие Ваша Еминенција ни го дарувавте да живее и дејствува меѓу нас, а кој презеде и посебна одговорна служба во Католичката црква во Македонија, а тоа е: да го води Националниот Македонски Каритас, институција со особена грижа за сиромашните. Поздрав и добредојде изразувам и на Вашиот придружник, монс. Лука Туњиќ, генерален викар и одговорен за Папските мисиски дела за Босна и Херцеговина. Поздрав упатувам и до Вашиот вреден свештеник и некогаш Ваш секретар денес катедрален парох во Скопје и декан на Скопскиот деканат, дон Давор Топиќ.

Ваша Еминенција, господине Кардинале, сега сте во древниот град кој беше и Престолнина и значаен центар на културни средби. Во парохијата сте, во која го препуштивте на служба свештеникот на Вашата надбискупија. Ви благодарам за таа чувствителна грижа за Црквата во дијаспора и Вашата Татковска и надпастирска грижа. Молам, Вашите зборови да бидат охрабрување и патоказ и за оваа мала заедница. Како таленти – кои ги примивме од Бога – да ги употребиме за да би можеле во конечната средба со Бога да покажеме во што ни помина животот. Не сме повикани на жалење, туку сме луѓе на надеж. Сакаме да го оправдаме своето служење на Бога и луѓето и заради тоа сметаме на Вашиот силен збор и молитва.

Кога ќе имате можност да го сретнете Светиот Отец Папа, поздравете го и пренесете му ја нашата верност и преданост. Сакаме да бидеме послушни на Неговата учителска служба за која Вие денес ни зборувате. Драги наш Митрополите, господине Кардинале, бидете благословени и добро ни дојдовте.

Битола, 19.11.2017 година

 

Категорија: Вера, Проповеди

За авторот