Петралинци: Благодарствена света Литургија по повод канонизацијата на Мајка Тереза

 По повод прогласувањето на Мајка Тереза за светица на 4 септември 2016 година во Рим од папата Фрањо, во католичката парохија Свети Кирил и Методиј во Петралинци на нејзиниот споменден 5 септември 2016 година се служеше Благодарствена света Литургија со процесија околу црквата со иконата на света Мајка Тереза.

Светата Литургија ја предводеше парохот о. Ѓорѓи Појразов кој одржа и пригодна проповед во која се осврна на животот на Мајка Тереза како пример кој треба да се следи за да се постигне светоста. Проповедта ја заврши молејќи ја света Мајка Тереза посебно да се застапува за заедницата во Петралинци.

По завршувањето на процесијата околу црквата со иконата на света Мајка Тереза, верниците ги претставија своите молитви, потреби и накани пред новата светица молејќи ја да се застапува за нив.

Во склоп на Татковинската прослава „Денови на света Мајка Тереза“ во парохијата Свети Кирил и Методиј покрај Благодарствената света Литургија е предвидено да се одржат повеќе активности: Молебен до Пресвета Богородица на 6 септември во вторник, во среда на 7 септември е предвидена посета на стари и осамени лица од парохијата од страна на младите, на 8 септември 2016 година, четврток иницијатива на децата од парохијата за изработка на бројаница од свеќи кои ќе молат света Бројаница пред иконата на света Мајка Тереза, на 11 септември организирано патување за Скопје на светата Литургија на плоштадот Македонија предводена од Папскиот делегат Кардинал Винко Пуљиќ во заедништво со Скопскиот бискуп и Апостолски егзарх, монс. д-р Киро Стојанов.

к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма на умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Македонија

За авторот