Патријархот Ватроломеј и папата Фрањо се посветени за заеднички датум за празникот Воскресение Христово
Вселенскиот православен патријарх Вартоломеј I зборуваше за заедничката цел со папата Фрањо, која треба да се постигне 17 века по Соборот во Никеја во 325 година. Во врска со војната во Украина, тој повтори: не може да има мир без правда.
Вселенскиот цариградски патријарх Вартоломеј I ја прими во седиштето на Патријаршијата во Истанбул групата свештеници и новинари кои на иницијатива на Opera Romana Pellegrinaggi веќе неколку дена се во посета на Турција за да ги посетат светите места по стапките на Свети Павле, повторно да се започне со искуството на ходочастието по пандемијата. Во својот поздрав, патријархот најпрвин упати зборови на љубов кон Папата, „братот по вера“ со кој се сретна пред неколку дена во Бахреин.
Во Кипар на погребот на архиепископот Хрисостом
Вартоломеј I потоа најави дека ќе оди во Кипар за да присуствува на погребот на православниот архиепископ Хрисостом II, кој почина по долго боледување на 7 ноември: посебно важно патување, каде ќе се сретне и со претставникот на Папата, кардинал Курт Кох, претседател на Папскиот совет за единство меѓи христијаните.
Заеднички датум за празнување на Воскресението Христово
Вселенскиот патријарх потоа ја истакна посветеноста на папата Фрањо во поглед на годишнината од Никејскиот собор, свикан од царот Константин во 325 година.
Ваша Светост, што можете да ни кажете за оваа заедничка заложба?
Вселенскиот собор (во Никеја) беше многу важен за одредување на содржината на нашата христијанска вера, но и за одредување на датумот на Воскресението Христово, како и кога треба да се слави. За жал, не го славиме заедно долги години, многу векови. Значи, во контекст на оваа годишнина, целта на заедничкиот напор со Папата е да се најде решение за ова. Можеби сега не е време за давање детали, но сакам да нагласам дека и од православна и од католичка страна постои оваа добра намера конечно да се одреди заеднички датум за празнување на Воскресението Христово. Се надеваме дека овој пат ќе постигнеме добар резултат.
Како ги гледате надежите за мир наспроти разорната војна што ја зафати Украина?
Оваа војна никако не може да се оправда. Неодамна зборував за тоа и додека бев во Англија. Зборував цврсто, но морав да го сторам тоа во името на нашата христијанска вера и не само тоа. Ми се чини дека сите луѓе кои имаат правилен поглед на работите не можат, а да не ја осудат оваа војна. Самиот Папа сака да го сврти вниманието на целиот свет кон мирот. Во една од своите пораки на 1 јануари пред неколку години, Папата рече дека не може да има мир без правда. Ова е многу точно: не можеме да имаме мир без правда. Тоа е секогаш точно и во моите беседи ги повторувам пораките од Папата, од сите Папи, за 1 јануари, кој е ден на молитва за мир. Тие се многу важни пораки и нивната содржина е многу мудра.
Од моја страна, ви посакувам добро враќање и не заборавајте на Турција, Анадолија, каде има многу спомени од нашето христијанско минато, особено од првите векови на христијанството, од вселенските собори… Пред неколку недели бев, заедно со католичките епископи во нашата земја, во Ефес, каде што апостолскиот нунциј во Анкара и католичките бискупи служеа света Литургија во катедралата на третиот вселенски собор, по што бев замолен да одржам проповедт. Не само Халкидонскиот собор, местата на Вселенските собори, Константинопол, туку и монаштвото, светата уметност, теологијата, отците на Кападокија датираат од ова време… Имаме многу свети места на кои мора да се враќаме и да ги почитуваме, од време на време, од каде се црпи вдахновение, се враќање во минатите векови, каде може да се молиме и подобро да се запознае турскиот народ, кој е многу гостопримлив. Сите странци кои доаѓаат овде имаат таков впечаток.
Вселенската патријаршија со години ја нагласува важноста од заштита на животната средина и човечкиот живот. Соочени со дигитализацијата, не постои ли опасност човечкото достоинство да биде доведено во ризик, некако предавајќи го на машините? Што мислите?
Ја почитуваме науката, ја почитуваме технологијата. Сеправославниот собор на Крит во 2016 година истакнува дека науката, технологијата, научното истражување е дар од Бога, но од друга страна препознаваме дека има отстапувања. Достоинството на човечката личност го ставаме во центарот на сè. Се разбира, модерните дигитални технологии многу се користат во училиштата, но овој нов метод не може да го замени античкиот метод на настава заснован на духовни вредности, на етика. Повторувам: во центарот на сѐ е достоинството на човечката личност, околу која мораме да го направиме нашиот избор, почитувајќи ја слободата на човечката личност.
Ватикан њуз/к.мк