Патер Фарес: Духовните вежби се дар, а не обврска

Примерот на Папата укажува дека никој не може да најде оправдување дека нема време за духовни вежби, истакна долгогодишниот пријател на папата Бергољо.

Во домот на Безгрешниот Учител во местото Аричи недалеку од Рим продолжуваат духовните вежби за Папата и членовите на Римската Курија, под водство на кармелиќанинот Бруно Секондин. Темата за размислување на 24 февруари, на третиот ден од одржувањето на духовните вежби, гласи „Патишта на слободата.“

За важноста на духовните вежби во животот и во пасторалното делување на папата Фрањо за Радио Ватикан зборуваше исусовецот од Аргентина Диего Фарес, долгогодишен пријател на Хорхе Марио Бергољо на кој му бил и проповедник на Мисата на свештеничкото ракополагање. Додаваме дека пред неколку дена патер Фарес стана член на Колегиумот автори на исусовското списание „Civiltà Cattolica“ за кој што веќе напиша три статии. Освен тоа, во Италија објави книга насловена како „Папата Фрањо како бамбус. На корените на културата на средба.“

Го познавам папата Фрањо Берголио речиси 40 години! Од кога ме прими во новицијатот на Дружбата Исусовци во 1976 години – рече патер Фарес и додаде дека лично го научил да ги следи другите на духовните вежби (…) Тоа не може да се научи од книга – додаде – туку само под водство на духовниот отец како што Хорхе Берголио беше за сите нас. Давање на духовни вежби е дел од нашето послание, тоа е она што најмногу ни е на срцето.

Осврнувајќи се на фактот што Светиот Отец е на духовни вежби заедно со своите најблиски соработници, патер Фарес истакна дека тоа овозможува многу силно духовно искуство. Многу од тоа се дели со другите, иако секој лично ги прави вежбите (…) Папата практично го спроведува она што ние во Дружбата на Исусовците го нарекуваме „духовно водство“, тоа е стил на водство кој е внимателен не само на она што треба да се направи, туку и како тоа се прави, во кој дух и за поглема слава Божја (ad maiorem Dei gloriam) – рече патер Фарес.

На новинарско прашање дали после овој пример на Папата кој го даде на сите верници исто така и на лаиците и на сите семејства, повеќе ќе учествуваат на духовните вежби, патер Фарес рече, ако Папата наоѓа време за духовни вежби, тогваш никој не може да се оправдува. Духовните вежби се милост за целата Црква. Игнациј ги држел на лаиците и на сите луѓе, на секој според неговите можности и желби (…). Вежбите за нас се дар, а не обврска – истакна на крајот патер Фарес.

РВ/Д.И.

Категорија: Ватикан

За авторот