Пастирско послание на аргентинските епископи до Папата

Пилар, 27.4.2013 /к.мк/ – На пленарното собрание, што се одржува во Богородичното светилиште Пилар, аргентиските епископи во една од точките на дневниот ред го разгледаа изборот на папата Фрањо – првиот аргентински Папа. По дискусијата, епископите упатија пастирско послание до Божјиот народ во кое изборот на папата Фрањо го квалификуваат како еден „голем дар“. Заедно со тоа тие направија споредба со повлекувањето на папата Бенедикт XVI од Светиот Петров престол, опишувајќи го како „скромен и пророчки знак“ и голем пример за Црквата и светот. „И двата случаја претставуваат исклучителен момент за историјата, кои преку верата нѐ радуваат и возбудуваат“, пишуваат епископите. Понтификатот на папата Бергољо, еден нивен собрат, прифатен во Аргентина и во многу други делови на светот „не само што е изненадување, туку тој исто така носи радост и надеж“. Во пораката се наведува дека „денес како вчера, во текот на Година на верата, Фрањо повторно нѐ охрабрува да го навестуваме заедно со Вториот Ватикански собор: Христос како светлина на народите“. Епископите завршуваат со зборовите: „Радоста да се има еден папа Аргентинец, со неговите гестови и зборови ги разбранува срцата и ја обновува желбата за припадност кон Црквата, но истовремено потсетува дека со овој избор Господ нè упатува да ја продлабочиме нашата посветеност како мисионери и да му го понудиме Бог и неговите дарови на правдана овој свет во потреба“

Категорија: Свет

За авторот

Write a Comment

<