Скопскиот бискуп и Струмичко-скопски епарх монсињор д-р Киро Стојанов упати Пастирско писмо по повод Великиот пост 2026 година кое го објавуваме во целост.
Возљубени браќа и сестри во Христа,
Пред нас е Великиот и чесен пост, со кој светата Мајка Црква нѐ повикува да навлеземе подлабоко во таинствата на верата. Оваа година започнува на 23 февруари на Чист Понеделник и трае до Воскресната Литургија, кога ќе се соединиме со Воскреснатиот Христос преку Светата Причест.
Господ Исус Христос нѐ поучува дека простувањето е мерка за нашиот однос со Бога (сп. Матеј 6,14-15) и дека помирувањето со братот има предност дури и пред принесувањето на дарот (сп. Матеј 5,23-24). Затоа постот започнува со Вечерна на Сиропусната недела или Вечерна на простувањето (Прочка), кога меѓусебно даваме и примаме прошка, за да влеземе во Светата Четириесетница најнапред помирени со ближниот и така, со очистено срце, да тргнеме по патот на преобраќање и помирување со нашиот Бог.
Затоа според пасторалните услови, препорачливо е во сабота навечер во секоја парохија да се служи Вечерна со обредот простување или пак обредот да се направи по завршување на неделната света Литургија на Сиропусна недела, ако е пасторално поразборито.
За начинот на воздржување од храна, а во согласност со каноните на Црквата и светото Предание, постот во својот најстрог облик подразбира воздржување од месо, млечни производи и храна од животинско потекло, од риба, како и од вино и масло. Храната се подготвува на вода. Јадењето растителна храна нѐ враќа кон почетокот на Светото Писмо, кога Господ му доверува на човекот едноставна и благословена храна: „Еве, ви дадов секаков вид растение, што дава семе… и секакви дрвја… тоа да ви биде за храна!“ (Битие 1,29). Истата таа едноставност ја среќаваме кај пророкот Даниил, кој, во дух на воздржување, избира скромност: „…нека ни даваат да јадеме овошје и да пиеме вода“ (Даниил 1,12).
Црквата, со мајчинска грижа, знае дека не сите можат еднакво да го поднесат испосничкиот напор. Затоа не ги обврзува болните, трудниците и доилките, децата под 12 години, постарите од 65 години, како и оние што се под сериозен медицински третман или редовно земаат лекарства, за кои е потребна одредена исхрана. На овие верници им се препорачува „поинаков“ пост, со кој ќе си зададат откажување од некои наврзаности (социјални мрежи, кафе, цигари, слатки…. ) и секако повеќе молитвен живот. Добро е да се советуваат со својот парохиски свештеник или духовник, за да биде постот спасителен и радосен.
Не секогаш начинот на живот овозможува да се придружуваме до овие правила за пост. Сепак обврзувачки се Првата седмица од Великиот пост како и Страдалната седмица, а на Чист Понеделник и Велики Петок, по можност, се препорачува пост на леб и вода. Во останатите денови секој треба да се придржува на постот според своето здравје, сила и животни околности.
Модерниот начин на живот ни носи и нови предизвици поврзани со постот. Така Црквата од срце препорачува и пост од модерните наврзаности. Сакам да напоменам, иако се подразбира, кога зборуваме за пост од вино, тоа значи и од секаков алкохол, но исто така и пост од социјални медиуми, откажување од пушење и се она што на некој начин нѐ наврзува и мислиме дека без тоа не би можеле да живееме.
Кон ова сакам да дополнам со дел од овогодинешната порака за Великиот пост на папата Лав, кој вели: „Затоа сакам да ве повикам на еден многу конкретен, а често потценет облик на воздржување, а тоа е воздржување од зборови што болат и ги повредуваат наши ближни. Да започнеме со разоружување на својот јазик: да се откажеме од остри зборови, брзоплети судови, да зборуваме лошо за оние што не се присутни и не можат да се бранат, како и од клеветење. Наместо тоа, да се трудиме да научиме да ги одмеруваме своите зборови и да негуваме љубезност: во семејството, меѓу пријателите, на работното место, на социјалните мрежи, во политичките расправи, во средствата за комуникација и во христијанските заедници. Тогаш многу зборови на омраза ќе отстапат место на зборови на надеж и мир.“
Правилото е секој да пости на начин колку што може, земајќи од наведените правила она што навистина може да се исполни и секогаш земјаќи ја предвид својата здравствена состојба. Човекот е чувар на своето здравје и Бог не сака преку постот да наштетиме на здравјето. Строгиот пост не е апсолутна обврска, во смисла дека оној што не го држи, греши или ги прекршува црковните канони.
Светите Отци нѐ предупредуваат дека најсуштински е постот од злото и гревот: „Вистинскиот пост е оддалечување од сè што води кон грев“, вели Свети Василиј Велики, додека пак свети Иван Златоуст нѐ потсетува дека телесниот пост без молитва и милостина ја губи својата сила.
Затоа, постот треба да го живееме како единство на душата и телото: воздржување, покајание, простување, милосрдие. Во овој дух, ве повикувам во текот на Четириесетницата да ја умножиме молитвата, а посебно место во овој литургиски период заземаат Светата Тајна Исповед и Светата Тајна Причест, како и побожноста Крстен пат. Во втората, третата и четвртата сабота од постот се Задушни саботи, кога се молиме за сите наши покојни, носејќи ги во срцето пред Господа, Кој е „Бог на живите“ (сп. Мк 12,27).
Четириесетницата е време кога треба да ја очистиме душата и да се помириме со Бога и со ближниот. Ве охрабрувам да не го одложувате пристапувањето на исповед, туку навреме да се подготвите, за Пасха да ја пречекате со „светол ум и мирно срце“.
Делото на постот треба да стане и дело на љубов. Ве повикувам да бидете внимателни кон оние што страдаат: сиромашни, осамени, болни, семејства во тешкотии, млади што се борат со немир и збунетост. Милостината, солидарноста и конкретната помош се начини преку кој нашата вера станува видлива.
Возљубени, да го започнеме постот со простување, да го одиме со молитва и милосрдие за да го прославиме со радост Воскресението Христово.
Пресветата Богородица Утешителка нека нѐ води кон вистинско покајание за да ја прославиме Пасха како обновен Божји народ.
Ваш епископ/бискуп
+Киро Стојанов

