Папската градина во Ватиканските градини станува целосно органска

Папската градина во Ватиканските градини станува целосно органска

Папската градина покрај манастирот „Mater Ecclesiae“ во Ватиканските градини, која во средниот век ја нарачал папата Никола III Орсини, станува целосно органска. Таа се обработува според начелото на грижа за создадениот свет, како што е истакнато во енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо.

Градината со зеленчук покрај манастирот „Mater Ecclesiae“ во Ватиканските градини станува целосно органска.

Следејќи го пристапот претставен во енцикликата Laudato si’ на папата Фрањо, посветена на грижата за животната средина, целта на одгледувањето не е максимално производство, туку почитување на природните циклуси на раст на секое растение и на самата почва.

Папата Лав XIV во ноември минатата година ја нагласи оваа „грижа за создадениот свет“ во обраќањето до италијанските агрономи и шумарски стручњаци.

Тој ги повика својата работа да ја гледаат како „конкретен облик на милосрдие кон нашата Мајка Земја и кон идните генерации“, бидејќи земјата „не е сопственост, туку дар“, а оние што ја обработуваат „со почит и мудрост, учествуваат во Божјото творечко дело“.

Одгледување што ја почитува земјата

Во минатото, во градината се користело ѓубриво од Папските вили во Кастел Гандолфо.

Денес се користи само сертифицирано пелетирано ѓубриво, избрано според сезоната и потребите на растенијата.

Добрите земјоделски практики ја намалуваат и потребата од средства за заштита на растенијата, бидејќи бројот и активноста на штетниците се одржуваат под нивото на кое можат да предизвикаат штета.

Секоја интервенција се запишува во „полски дневник“, како што налагаат прописите за третмани што подлежат на задолжителна сертификација, додека природните супстанции не бараат регистрација.

Плодноста на почвата се одржува со посебни техники, меѓу кои и плодоред, со мешункасти растенија како боранијата, кои природно го врзуваат азотот.

Оваа година на доматите се тестира и ѓубриво на база на морски алги. Расадите се набавуваат однадвор и веќе се третирани според природни методи. Купените расади се претпочитаат пред одржување сопствен расадник, за да се ограничи ризикот од ширење растителни болести што би можеле да ја загрозат целата култура. Сепак, веќе се разгледуваат планови за расадник на самото место, заедно со стаклена градина за бонсаи дрвја.

Монахињите работат со градинар и млади помошници

Парцелата е под надзор на Службата за градини и животна средина, предводена од шумарскиот стручњак Стефано Џампаоло, во рамките на Дирекцијата за инфраструктура и услуги на Гувернаторството на Државата Ватикан, со која раководи директорот Салваторе Фарина.

Секој ден за градината се грижи искусниот градинар Џилберто Бјанки. Таа се простира на четири тераси, со нешто помалку од 400 квадратни метри обработлива површина.

Веќе подолго време му помага група млади работници, на кои постепено им го пренесува своето драгоцено искуство. Така ова знаење, составено од мали секојдневни гестови, нема да се изгуби, туку ќе се зачува, како што некогаш низ вековите знаењето се пренесувало од еден манастир во друг.

Монахињите што му помагаат од време на време посочуваат кои култури се потребни, земајќи ги предвид сезоната и она што земјата може да го даде во тој период. Наводнувањето и денес останува целосно рачно.

Само сезонски производи

Календарот на одгледување внимателно ги следи сезоните: свеж лук, босилек, расади, лути пиперки, меѓу кои и перуанска сорта позната по својата силна лутина, цитрусни плодови и тикви, кои зреат до ноември.

Оваа година, на барање на монахињите, беа засадени и првите киви растенија. Меѓу крајот на август и почетокот на септември започнува зимското садење, со кељ, брокула, спанаќ и марула.

Мај е најплодниот месец во градината.

Летото е најтешката сезона поради жештините. Тогаш доматите, модрите патлиџани, пиперките, боранијата, тиквичките и краставиците, меѓу кои и една сорта од Пуља, го достигнуваат крајот на својот циклус на раст.

Цитрусните дрвја во градината се стари околу 150 години. Со текот на годините на нив биле накалемени различни сорти, од кои некои повеќе не можат да се најдат на пазарот. Бидејќи се одгледуваат без хемиски третмани, плодовите можат да се јадат дури и со кората. Монахињите и денес ги користат за подготовка на мармалади, кандирана кора и бисквити, од кои дел се нудат на гостите, а дел се продаваат.

Низ годините, производите од оваа мала парцела снабдувале и добротворни институции, како „Casa Dono di Maria“, служба чии активности сега повторно се оживуваат со обновена енергија и посветеност.

Градина со 800 години историја

Историјата на оваа мала градина започнува во средниот век. Кога папата Никола III Орсини ја преместил папската резиденција од Латеран во Ватикан, меѓу 1277 и 1280 година, наредил да се создаде овоштарник и вистински viridarium, затворен во рамките на новите ѕидини.

Тоа бил продуктивен простор што помагал да се задоволат потребите на папскиот дом.

Осум века подоцна, таа намена не исчезнала. Таа продолжува, речиси непроменета, покрај манастирот што го нарачал свети Иван Павле II и кој бил изграден меѓу 1992 и 1994 година, за во срцето на Црквата секогаш да биде присутна заедница на клаузурни монахињи посветени на молитва за Папата.

Првично, самите монахињи ја обработувале земјата.

„Обработувањето на земјата е молитва извршена со рацете“, изјави бенедиктинската игуманија Марија Софија Чикети, тогашна приорка на манастирот, за L’Osservatore Romano на 26 август 2009 година.

Папата Бенедикт XVI сакал да прошета низ овој простор.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот