Папата Лав XIV пристигна во Камерун и повика на мир, правда и одговорно служење на општото добро

Папата Лав XIV пристигна во Камерун и повика на мир, правда и одговорно служење на општото добро

Папата Лав XIV во среда, на 15 април, слета во Камерун, со што започна втората етапа од своето апостолско патување во Африка, кое претходно го одведе во Алжир, а потоа ќе продолжи во Ангола и Екваторска Гвинеја. Светиот Отец пристигна на меѓународниот аеродром „Јаунде-Нсимален“ во близина на главниот град Јаунде во 14:57 часот по локално време, каде што беше пречекан од камерунскиот премиер Џозеф Дион Нгуте, како и од две деца кои го поздравија при неговото доаѓање. По церемонијата на пречек, на која беа интонирани химните и беа претставени државните делегации, Папата оствари кратка средба со премиерот.

Папата во Камерун пристигна откако ја заврши првата етапа од патувањето во Алжир, каде што престојуваше од 13 април. Според програмата, тој ќе остане во Камерун до сабота, 18 април, по што ќе отпатува за Ангола и Екваторска Гвинеја, пред враќањето во Рим на 23 април. Првиот ден од посетата на Камерун вклучува средба со претседателот Пол Бартелеми Бија во Претседателската палата, обраќање пред властите, претставниците на граѓанското општество и дипломатскиот кор, посета на домот за сираци Нгул Замба, како и приватна средба со камерунските бискупи во седиштето на Епископската конференција.

Во своето прво официјално обраќање во Камерун, папата Лав XIV упати апел за мир, правда и обнова на посветеноста за општото добро, нагласувајќи дека мирот не смее да остане само празен слоган, туку мора да биде прифатен и живеан во секојдневниот живот. Обраќајќи се пред претставниците на државните институции, граѓанското општество и дипломатскиот кор во Претседателската палата во Јаунде, Светиот Отец го опиша Камерун како „Африка во минијатура“, поради неговото културно и природно богатство, и подвлече дека разновидноста на земјата е вистинско богатство и основа за братство и траен мир.

Претставувајќи се како „пастир и слуга на дијалогот, братството и мирот“, Папата порача дека неговата посета е знак на близина со камерунскиот народ и охрабрување да се истрае во градењето на поправедно општество. Тој потсети дека светот денес е обележан со обесхрабреност и чувство на немоќ, но дека и покрај тоа останува жива гладта и жедта за правда, мир и храбри одлуки, особено кај младите, кои ги повика да преземат активна улога во обликувањето на иднината на својата земја. Светиот Отец ја потврди и подготвеноста на Светиот Престол да ја зајакнува соработката со Камерун, врз основа на почитувањето на човечкото достоинство и верската слобода.

Осврнувајќи се на состојбите во земјата, папата Лав XIV отворено зборуваше за страдањата што ги предизвикува насилството во некои делови од Камерун, особено во Северозападниот, Југозападниот и Далечниот Север. Тој потсети дека зад бројките стојат реални човечки лица, семејства и уништени надежи и повика на напуштање на логиката на насилството и војната. Според него, вистинскиот мир е мир заснован врз љубовта и правдата, мир што не се наметнува со сила, туку ги отвора срцата и ја гради довербата. Папата истакна дека оние што ја носат одговорноста за управување со државата се повикани да владеат со понизност и чувство за служба, а не од љубов кон моќта, и притоа да ги слушаат граѓаните, да ги штитат човековите права и да не дозволат корупцијата да го разори кредибилитетот на институциите.

Во завршницата од говорот, Светиот Отец особено ја нагласи важноста на младите, жените, здруженијата и верските водачи во процесите на мир, помирување и обнова на општеството. Тој оцени дека вложувањето во образованието, обуката и претприемништвото на младите е стратешки избор за мир, а придонесот на жените го опиша како незаменлив за заздравувањето на општеството. Папата ја потврди подготвеноста на Црквата и понатаму да служи преку образованието, здравствената грижа и милосрдната дејност и го заврши обраќањето со молитва Божјиот благослов да слезе врз Камерун и неговиот народ, за заеднички да изградат иднина исполнета со правда и мир.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот