Папата Лав XIV го напиша предговорот за новото издание на YOUCAT: Љубов засекогаш, книга наменета за младите кои размислуваат за љубовта, врските и бракот во светлината на католичката вера.
Од папата Лав XIV
Драги млади пријатели, вашето срце копнее по љубов. По љубов која е длабока, пожртвувана и трајна. Овој копнеж не е случаен. Тој е знак дека сте создадени за љубов. Свети Августин, чие пламено срце прободено со стрела е прикажано и на мојот грб, го изразил тоа вака: „Немирно е нашето срце додека не се смири во Тебе, Боже“ (Исповеди 1,1). Со овие зборови тој го изразува копнежот по божествената љубов што Бог навистина ја излева во нашите души кога сме соединети со Него. Да, самиот Бог може да биде присутен во човечката љубов и да ја преобрази. Тогаш ни дава способност да љубиме како што љуби Тој: преку служење, великодушно самодарување и, кога е потребно, преку простување. Зашто Бог е љубов и ве создал за да љубите, Него и луѓето покрај вас.
Од сите облици на човечка љубов, љубовта меѓу мажот и жената има посебно место. Таа може да го погоди срцето како стрела, силно и одеднаш. Но вистинската љубов не запира тука. Таа не е само минливо и краткотрајно чувство. Таа е нешто повеќе. Таа е длабока посветеност на другиот, одлука, патување и завет за цел живот. „Љубовта е вистинска и може да трае засекогаш само кога го одразува вечниот сјај на Бога, Бог Кој е љубов (сп. 1 Иван 4,8). Цврстите и плодни односи се градат заедно врз меѓусебна доверба, врз ова ‘засекогаш’ кое е срцето што чука во секој повик кон семеен живот и богопосветеност“ (Обраќање за време на средбата со младите во Либан). Таквата љубов најнапред прашува: „Како можам да љубам како што Христос љубеше?“ (сп. Иван 15,12), а прашањето „Што добивам јас од тоа?“ го остава на последно место.
Бракот открива нешто од самата Божја тајна. Кога мажот и жената целосно се предаваат еден на друг во љубовта, тогаш Бог станува живо присутен меѓу нив. Нивната верност, нивното простување и нивниот секојдневен стремеж за доброто стануваат одраз на Христовата љубов кон Неговата Црква. Можеби тоа звучи како романтично претерување, но станува збор за длабока вистина: „Во Него, Кој е еден, и ние сме едно“ (свети Августин, Толкување на Псалм 127).
Бог ве повикува, драги млади, на оваа голема љубов. Не плашете се од нејзината длабочина! Љубовта на која сте повикани е доволно силна за да ги надмине тешкотиите и доволно голема за да ве носи низ целиот живот. Таа не е совршена од самиот почеток, туку расте во светлината на верата. Вистинската љубов е Божји дар и не можеме едноставно сами да ја создадеме. Додека човечката љубов често е поматена од себични желби, Божјата љубов е несебична, долготрпелива и трпелива и ги поседува сите оние прекрасни особини што свети Павле ги набројува во Посланието до Коринтјаните (сп. 1 Коринтјаните 13).
Најубавата слика на вистинската љубов ја гледаме кога гледаме кон Крстот на Исус Христос. Тој нè љуби толку многу што беше подготвен да умре за нас. Тоа е „ДНК-та“ на христијанството, Христовата заповед: „Љубете се еден со друг, како што Јас ве возљубив вас. Никој нема поголема љубов од оваа: да го положи својот живот за своите пријатели“ (Иван 15,12-13).
Оваа книга, YOUCAT: Љубов засекогаш, има за цел да ве придружува на тоа патување. Млади луѓе како вас, од повеќе од 30 различни земји, ги споделија во неа своите сведоштва, покажувајќи дека идеалот кон кој Христос нè повикува е фасцинантно богатство. Книгата ве повикува да ги отворите своите срца за план што е поголем од кој било човечки сон. Таа сака да ве подготви за едно „да“ кое не важи само за еден ден, туку за целиот живот, „да“ налик на Божјата љубов, која е неуморна и верна.
Се молам за вас кои ја читате оваа книга, вдахновена од нашиот сакан папа Фрањо. Нека Исус Христос ги разбуди вашите срца сè додека не најдат спокој во Него. Нека Светиот Дух биде ваша светлина и ваша сила. И нека и вие, како Марија, Мајката на прекрасната љубов, со доверба и храброст одговорите на најубавиот од сите повици: повикот за љубов.
Ватикан њуз/к.мк

