Папата: Денешните светци и маченици ја водат Црквата
Светците со обичен живот и денешните маченици со своето доследно живеење и храбро сведочење на воскреснатиот Христос, благодарение на делувањето на Светиот Дух ја водат Црквата напред – истакна Светиот Отец во проповедта на светата Литургија на 7 март во капелата на домот Света Марта.
Христијанскиот живот треба да биде вистинско сведоштво
Првото литургиско читање земено од Делата на светите апостоли зборува како Петар пред Синедрионот смело го навестува Исусовото воскресение. На Петар му било забрането да проповеда во името Исусово, но тој бестрашен го навестува Евангелието затоа што – како што вели – повеќе треба да Му се покоруваме на Бога, отколку на луѓето. Овој храбар Петар не е повеќе Петар „кукавица“ каков што бил ноќта на Велики четврток „кога од страв три пати го негирал Исус.“ Сега пак храбро сведочи. Христијанското сведочење го следи Исусовиот пат: жртвување на животот. Постојаноста на христијанскиот живот се мери со вистинското сведочење – истакна Папата додавајќи:
Доследноста помеѓу животот и она што сме го виделе и слушнале е почеток на сведоштвото. Христијанското сведоштво има и друга карактеристика: христијанското сведоштво не припаѓа само на оној кој сведочи: „За тие зборови сведоци Негови сме ние и Светиот Дух“ – истакнато е во Делата на светите апостоли. Без Светиот Дух нема ниту христијанско сведоштво. Христијанското сведоштво, христијанскиот живот е вистинска милост. Таа милост Бог ни ја дава преку Светиот Дух – рече Папата.
Денешните маченици
Без Светиот Дух не можеме да сведочиме. Сведок е оној кој е доследен на она што го зборува, што го прави и на она што го примил, а го примил Светиот Дух. Светиот Дух е христијанска храброст, Тој ни дава сила за христијанско сведочење која се покажува во сведочењето на денешните маченици, протерани од нивните краеви, раселени, погубени, прогонети: тие бестрашно сѐ до смртта Го исповедаат Исус. Тие христијански сведоци сериозно го сфаќаат христијанскиот живот и велат: Јас не можам да правам зло на друг човек, не можам да лажам, не можам да бидам лицемерен со својот живот морам да сведочам. А сведоштвото е навестување на верата во воскреснатиот Исус со помош на Светиот Дух – истакна Светиот Отец.
Секојдневни светци
Во тешките историски моменти често се истакнува дека на татковината и се потребни херои. Тоа е вистина. А што и е потребно на денешната Црква? На Црквата и се потребни сведоци. Токму сведоци, секојдневни сведоци, обични верници, но доследни сѐ до смртта, тие се жива крв на Црквата; тие ја носат Црквата напред; сите кои тврдат дека Христос воскресна, дека е жив, а својата вера ја сведочат со својот живот и со силата на Светиот Дух кој го примиле – заврши папата Фрањо.
РВ/к.мк