Папата: Црквата постои заради евангелизацијата

Папата: Црквата постои заради евангелизацијата

Црквата „постои заради евангелизацијата“, но евангелизацијата бара прилагодување на различните ситуации – им порача папата Фрањо на членовите на Меѓународниот Каритас на 17 ноември 2016 година.

Црквата „постои заради евангелизацијата“, но евангелизацијата бара прилагодување на различните ситуации земајќи го вo предвид семејниот и општествениот живот, како и меѓународниот живот со посебен акцент на мирот, правдата и развојот – им порача папата Фрањо на членовите на Меѓународниот Каритас на 17 ноември 2016 година.

Евангелизацијата и социјалната грижа одат рака под рака и Црквата е повикана да се бори против исклучувањето на најслабите во општеството и да работи за нивна интеграција. Папата потсети дека тој самиот во својот апостолски поттик Радоста на Евангелието (Evangelii gaudium) ја истакнува социјалната димензија на евангелизацијата. Тој им порача на присутните дека нивните организации не се само социјални агенции, туку црковни организми кои ја делат мисијата на Црквата.

Во вашите статути – продолжи Светиот Отец – стои дека сте повикани да им помогнете на Папата и епископите во нивната служба на љубовта. Денешните социјални итни случаи го бараат она што свети Иван Павле II го нарече „нова креативност на милосрдната љубов“: таа не се конкретизира само во ефикасноста на доделената помош, туку пред сѐ во способноста за пристапување на ближниот и придружување на најсиромашните со братска солидарност.

Во името на целата Црква им се заблагодари за сѐ што направиле и прават за оние најмалите и ги охрабри да продолжат да ја пренесуваат пораката на Евангелието на радоста по целиот свет, посебно на напуштените, но и на оние кои имаат моќ да ги променат работите затоа што можат да се променат. Сиромаштвото, гладот, болеста, угнетувањето не се со судбина одредени, ниту смеат да останат нешто трајно. Доверувајќи се на силата на Евангелието, навистина можеме да помогнеме да се променат работите или барем да се подобрат – порача Папата.

Ве повикувам– рече Светиот Отец – секогаш да имате пророчка храброст да го отфрлате сето она што го понижува човекот, како и секој облик на експлоатација. Кажа дека му е мило што Меѓународниот Каритас организирал кампања на тема миграција. Се надевам дека оваа прекрасна иницијатива ќе ги отвори срцата на многумина за да ги прифатат бегалците и мигрантите, така што тие навистина ќе може да се чувствуваат „како дома.“ Воедно ве поттикнувам со обновена посветеност да се залагате за развој и мировните процеси во земјите од кои нашите браќа и сестри побегнаа или морале да ги напуштат во потрага за подобра иднина – истакна Папата.

Бидете работници на мирот и помирувањето помеѓу народите, заедниците и верниците. Вложете ја целата своја енергија и посветеност за да можете да соработувате со другите верски заедници кои како вас го ставаат достоинството на човечката личност во центарот на вниманието. Борете се против сиромаштвото и во исто време учете од сиромашните. Вдахнувајте се и водете се од нивниот едноставен живот, вредностите, чувството на солидарност и делење, нивната способност повторно да застанат во неволјите и посебно од нивното живо искуство на Христос Кој страда – го заврши својот говор папата Фрањо.

РВ/к.мк

Не е дозволено преземање на оваа содржина или делови од неа за понатамошно користење во печатена, дигитална или било која друга форма за умножување без писмена дозвола од редакцијата на Католици.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот