Ангел Господов: Повикани сме секогаш да простуваме

Ангел Господов: Повикани сме секогаш да простуваме

Не можеме да очекуваме Бог да ни прости, ако не простуваме на својот ближен – рече папата Фрањо пред молитвата Ангел Господов на 13 септември 2020 година. Неговиот говор го пренесуваме во целост.

Драги браќа и сестри, добар ден!

Во параболата која ја читаме во денешното Евангелие, она за милосрдниот господар (Матеј 18,21-35) ја наоѓаме два пати оваа молба: ‘Имај трпение кон мене и ќе ти исплатам сè.’ Првиот пат ја изговара слугата кој му должел на својот господар 10.000 таленти, односно многу голема сума, денес тоа би биле милиони и милиони евра. Вториот пат ја повторува друг слуга, кој исто така бил должен, но не на господарот, туку на оној ист слуга кој имал многу голем долг. Неговиот долг бил незначителен, можеби во висина на една неделна плата.

Во центар на параболата е простувањето на господарот на слугата кој му должел многу. Евангелистот истакнува дека „со сожалување го пушти,“ – никогаш да не го заборавиме тој збор, кој е својствен за Исус. Се сожали, Исус секогаш е со сочувство, – се смилува на тој слуга и му го прости долгот (ред 27). Станува збор за голем долг, па и со самото тоа за големо простување. Но тој слуга веднаш се покажал бескарактерен кон другиот, кој му должел скромна сума. Не го слуша, се срди на него и го фрла во затвор, сѐ додека не му го исплати тој мал долг (сп. ред 30). Господарот дознал и огорчен повторно го повикал лошиот слуга и го осудува (сп. ред 32-34): Ти го простив сиот оној долг, зашто ме молеше. Не требаше ли и ти да му се смилуваш на твојот сослужител, како што и јас ти се смилив тебе?’

Во оваа парабола наидуваме на две различни однесувања: однесувањето на Бог – кој што го претставува Господарот – кој многу простува, затоа што Бог секогаш простува, како и однесувањето на човекот. Во Божјото однесување правдата е проткаена со милост, додека човечкото однесување ја ограничува правдата. Исус нѐ поттикнува храбро да се отвориме за силата на простувањето, затоа што во животот, како што ни е познато не сѐ се решава со правда. Потребна ни е онаа милосрдна љубов, која воедно е и темел на Господовиот одговор на Петровото прашање, кое претходи на параболата. Петровото прашање гласи вака: Господи, колку пати да му простам на брата си кој греши против мене? До седумпати ли?” Исус му рече: „Не ти велам до седумпати, туку до седумдесетпати по седум.” (ред 21-22). Тоа во симболичниот библиски говор значи дека сме повикани секогаш да простуваме.

Колку страдања, колку раздори, колку војни можеа да се избегнат ако милосрдието и простувањето беа наш начин на живот. Па и во семејствата, исто така и во семејствата: колку раздвоени семејства кои не знаат да простат едни на други, колку браќа и сестри во срцето ја носат таа омраза. Неопходно е да се применува милосрдната љубов врз сите човечки односи: меѓу брачните другари, помеѓу родителите и децата, во нашите заедници, во Црквата, како и во општеството и политиката.

Утрово додека славев света Литургија, застанав, ме допре реченицата од Мудроста Сирахова. Таа реченица гласи вака: „Спомнувај си за крајот твој и престани да мразиш“. Убава реченица! Мисли на својот крај! Мисли на тоа кога ќе легнеш во ковчегот … и дали во него ќе внесеш омраза: Мисли на својот крај, престани да мразиш! Престани да бидеш злопамтило. Да размислуваме за таа многу впечатлива реченица: „Спомнувај си за крајот твој и престани да мразиш“.

Не е лесно да се прости, затоа во моментите на спокој човекот вели: „Да, овој сешто ми направи, но и јас на него. Подобро да простам за да ми биде и на мене простено.“ Но тогаш се враќа огорченоста, како досадна летна мува која постојано се навраќа… Простувањето не е прашање на момент, тоа е континуирана работа против злопаметењето, како и омразата која се навраќа. Ако не се трудиме да простиме и љубиме ниту на нас нема да ни биде простено и нема да нѐ љубат.

Денешната парабола ни помага во потполно да го сфатиме значењето на реченицата која ја изговараме во молитвата Оче наш: „И прости ни ги долговите наши, како што им ги проштаваме и ние на нашите должници; (Матеј 6,12). Тие зборови содржат одлучувачка вистина. Не можеме да очекуваме Бог да ни прости, ако ние самите не простуваме на својот ближен. Тоа е условот: Мисли на крајот, на Божјото простување и престани да мразиш; отфрли го злопамтењето, тоа е онаа досадна мува која постојано се навраќа. Ако не се трудиме да простиме и љубиме ниту на нас нема да ни биде простено и нема да нѐ љубат.

Да се довериме на мајчинското застапништво на Мајка Божја: нека ни помогне да станеме свесни колку сме му должни на Бог, секогаш да се сеќаваме на тоа, па така срцето да ни биде отворено за милосрдието и добрината.

Ватикан њуз/к.мк

Категорија: Ватикан, Вести

За авторот