Папата: Христијанското заедништво не е за доминација, туку за размена на дарови дадени од Бога
Папата Лав XIV poсе моли во Ерменската апостолска катедрала во Истанбул и му благодари на Бога за храброто сведоштво што го понудиле Ерменците низ историјата, честопати во трагични околности.
На четвртиот и последен ден од неговото апостолско патување во Турција, во недела 30 ноември 2025 година, папата Лав XIV го започна денот со молитва во Ерменската апостолска катедрала во Истанбул.
Во своето обраќање, Папата упати поздрави до Неговата Светост Карекин II, Врховен Патријарх и Католикос на сите Ерменци, и до целата Ерменска Апостолска заедница во Турција.
Тој му се заблагодари на Бога за „храброто христијанско сведоштво на ерменскиот народ низ историјата, честопати во трагични околности“.
Папата Лав ја изрази својата благодарност за растечките братски врски што ги обединуваат Апостолската Ерменска Црква и Католичката Црква.
Тој потсети дека првата заедничка декларација меѓу Pапа и ориентален православен патријарх била потпишана во мај 1970 година меѓу папата Павле VI и католикосот Васкен I.
„Оттогаш, со Божја милост, „дијалогот на љубовта“ меѓу нашите Цркви цвета“, рече тој.
Папата Лав рече дека неговата посета на Турција е по повод Никејскиот симбол на верата, бидејќи Црквата ја одбележува 1700 – годишнината од Никејскиот собор, велејќи дека тоа потсетува на единството што постоело меѓу Истокот и Западот во раните векови на Црквата.
„Исто така, мора да се вдахновиме од искуството на раната Црква за да го вратиме полното заедништво, заедништво кое не подразбира апсорпција или доминација, туку размена на даровите што ги примиле нашите Цркви од Светиот Дух за слава на Бога Отецот и за градење на телото Христово“, рече папата Лав XIV.
Тој изрази надеж дека Заедничката меѓународна комисија за теолошки дијалог меѓу Католичката црква и Источните православни цркви наскоро ќе може да ја продолжи својата работа стремејќи се кон полно заедништво.
Папата посочи на ерменскиот католикос од 12 век, Свети Нерсес IV Шнорхали, и неговата неуморна работа за „помирување на црквите со цел да се исполни Христовата молитва „ да бидат сите едно“.
„Нека примерот на свети Нерсес нè вдахноува, а неговата молитва нè зајакне на патот кон целосно заедништво!“, се помоли Папата.
На крајот, папата Лав XIV му се заблагодари на ерменскиот патријарх Сахак II за неговото топло добредојде во Патријаршиската катедрала на Ерменската апостолска црква.
„Да го примиме овој дар одозгора со отворени срца“, рече тој, „за да можеме да бидеме сè поубедливи сведоци на вистината на Евангелието и подобри слуги на мисијата на единствената Христова Црква“.
Ерменските верници ја поздравија посетата на Папата
Неколку деца се наредија покрај ходникот на катедралата додека папата Лав влегуваше во поворка со патријархот Сахак II и свештениците на Ерменската апостолска црква, додека хор пееше, инструментите свиреа, а во воздухот се чувствуваше мирисот на темјан.
Една жена од толпата ги бришеше солзите од образите додека поминуваше поворката. Децата возбудено стоеја едно до друго со шалови завиткани околу вратот со логото на посетата на Папата.
„Ние сме најголемата христијанска заедница во Турција, па затоа добредојдето на Папата во нашата Црква е многу значајно за нас“, рече д-р Дртад Узуњан, архиереј и член на верскиот совет.
„Се надевам дека ова ќе донесе уште поблиски екуменски односи меѓу двете Цркви. Тие се веќе многу добри, но се надевам дека ќе се зголемат во иднина.“
Ватикан њуз/к.мк

